Online Bible

- Reklamy -

Плачот 2 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Тага поради пропаста на Јуда и на Ерусалим

1 Како ја помрачи Господ во гневот Свој ќерката Сионова! Од небесата ја симна славата Израилева и не се потсети за подножјето на нозете Свои во денот на Својот гнев.

2 Господ ги сотре сите живеалишта на Јаков, не ги поштеди; ги разруши во јароста Своја сите тврдини на ќерката Јудина, ги кутна на земја, ги отфрли царството негово и кнезовите негови, како нечисти.

3 Во жестокиот гнев Свој ги скрши сите рогови Израилеви, ја повлече дес­ницата Своја од непријателот и се разгори против Јаков како огнен пламен, кој проголтува сѐ наоколу;

4 го затегна лакот Свој како непријател, ја управи десницата Своја како не­пријател и уби сѐ што е мило за очите; врз скинијата на ќерката Сионова ја из­леа како оган јароста Своја.

5 Господ стана како непријател, го ис­треби Израил, ги разори сите домови негови, ги разруши тврдините негови и умножи при ќерката Јудина тага и плач.

6 И ја сруши скинијата Своја како градина; го разори местото Свое во собранието, Господ направи на Сион да се забораваат празниците и саботите; и во Своето гневно негодување отфрли и цар и свештеник.

7 Го отфрли Господ жртвеникот Свој, го одврати срцето Свое од све­ти­лиш­те­то Свое, ги предаде на непријателите ѕидовите на дворците нивни; во домот Господов тие се развикаа како во праз­ничен ден.

8 Господ реши да ги разруши ѕидовите на ќерката Сионова, оптегна јаже, не ја одврати раката Своја од разрушувањето; ги сосипа надворешните тврдини, и ѕидовите беа заедно со нив разрушени.

9 Портите нејзини во земја потонаа; Тој ги искрши и ги уништи резињата нивни; царот нејзин и кнезовите нејзини се меѓу незнабошците; Законот веќе не се чита, и пророците нејзини веќе не се удостојуваат со виденија од Господ.

10 Старешините на ќерката Сионова се­дат на гола земја и молчат, си ги по­сипуваат со пепел главите свои, се пре­пашуваат со вреќиште; ги наведнале главите кон земјата девојките ерусалимски.

11 Ми отекоа од солзи очите мои, утробата ми се превртува, срцето ми се кине, зашто гине ќерката на мојот на­род, кога децата и доенчињата умираат од глад по плоштадите на Ерусалим.

12 Умирајќи како ранети по градските улици, тие им велат на мајките свои: „Каде има жито и вино?“ и ги испуш­та­ат душите свои во мајчините прегратки.

13 Што да ти кажам и со што да те споредам, ќерко ерусалимска? Што да ти направам, за да те утешам, девојко, ќерко Сионова? Зашто раната твоја е како море голема; кој може да те ис­це­ли?

14 Пророците твои ти кажуваат ра­бо­ти неостварливи и лажни, не го откриваа твоето беззаконие, за да те одвратат од твоето ропство, и искажуваа лажни откровенија, кои те доведоа до прогонство.

15 Раце плескаат за тебе сите што ми­нуваат по пат, си потсвирнуваат и си ги нишаат главите за ќерката ерусалимска, па велат: „Ова е градот, што го на­рекуваа совршенство на убавината, радост на целата земја?“

16 Ги отвориле устите на тебе сите не­пријатели твои, си потсвирнуваат и си кр­цкаат со забите свои, велејќи: „Го проголтавме, та само овој ден и го че­кавме ние, го дочекавме и го видовме!“

17 Господ го изврши она, што беше определил, го исполни зборот Свој, из­речен во поранешните времиња, без­ми­лосно го разори и го предаде на непријателот, кој ликува над тебе, го крена високо рогот на твоите непријатели.

18 Срцето нивно повикува кон Господ. Карпо на ќерката Сионова! Леј солзи дење и ноќе, не давај си мир, не затворај ги зениците на очите свои!

19 Станувај, викај ноќе при почетокот на секоја стража; излевај го како вода срцето свое пред лицето на Господ; протегај ги кон Него рацете свои за душата на децата свои, кои умираат од глад по аглите на сите улици.

20 „Погледај, Господи, и види: кому си му направил вака – жените да го јадат плодот свој – децата, од нив отхранети? Во светилиштето Господово да биваат убивани свештеник и пророк?

21 Децата и старците лежат мртви по улиците; момите и момците мои паднаа од меч; Ти ги убиваше во денот на Тво­јот гнев, колеше безмилосно.“

22 Како на празник ги повика сите мои ужаси, и во денот на гневот Господов никој не се спаси, никој не побегна; оние, што бев ги отхранила и одгледала, непријателот ми ги истреби.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy