Online Bible

- Reklamy -

Михеј 7 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Малку има побожни

1 Тешко мене, зашто со мене е сега како по собирање на летните пло­дови, како по гроздобер; ни зрнце за каснување, ниту рана смоква по ко­ја копнее душата моја.

2 Нема веќе верни луѓе по земјата, нема праведни меѓу луѓето; сите кројат сплетки, за да проливаат крв; секој му става на брата си стапица.

3 Рацете им се приготвени за да прават зло: началникот сака подароци, судијата суди за поткуп, а големците решаваат по своја волја и ја изо­па­чу­ва­ат правдата.

4 Најдобриот од нив е како трн, а најсправедливиот е полош отколку ограда од трње. Денот на Твоите пос­ти, денот на Твојата казна наближува; и сега ќе ги опфати смут.

5 Не верувајте му на другарот, не потпирајте се на пријателот; пред онаа, што лежи во твојата постела, не отворај ја устата своја.

6 Зашто синот го угнетува татко си, ќерката се противи на мајка си, снаата станува против свекрвата; неприја­тели на човекот му се неговите до­машни.

7 Јас, пак, гледам кон Господ, и за моето спасение ќе се надевам на Бога; мојот Бог ќе ме чуе.


Народот се обраќа кон Господ

8 Не радувај се на мојата мака, не­пријателко моја! Иако сум паднат, јас ќе станам; макар што сум сега во мрак – Господ е мојата светлина.

9 Морам да го поднесам гневот Господов, – зашто сум згрешил пред Него – додека не го реши делото мое и не ја изрече правдата; тогаш Тој ќе ме изведе на светлина, и јас ќе ја видам правдата Негова.

10 И ќе го види тоа мојата неприја­телка и срам ќе ја покрие онаа што ми велеше: „Каде е Господ, твојот Бог?“ И ќе го видат тоа очите мои – и таа ќе биде згазена како кал на улица.


Светла иднина

11 Доаѓа време, кога ќе се изѕидаат ѕидовите твои, во тоа време грани­ци­те ќе се прошират надалеку.

12 Во оној ден ќе доаѓаат кај тебе од Асирија до Египет, од Нил до Еу­ф­рат, и од море до море и од планина до планина.

13 А земјата ќе биде пустина поради гревовите на жителите нејзини, и по­ради плодовите на делата нивни.


Пророковата молитва и Божјиот одговор

14 Паси го со жезолот народот Твој, овците на наследството Свое, оние, што живеат осамени во густа шума среде овошни градини, остави ги да пасат тие во Башан и Галаад како во стародревните дни!

15 Ќе му покажам чудесни дела како во времето кога ти излезе од египетската земја.

16 Ќе го видат тоа народите и ќе се засрамат при сета таа сила; ќе стават рака на устата своја, и ушите нивни ќе се заглушат.

17 Ќе лижат прав како змии, како лазачи што лазат по земја, ќе излегуваат од своите скривници; ќе се упла­шат од Господ, од нашиот Бог, и ќе се уплашат од Тебе.


Кој е како Бог?

18 Кој Бог е како Тебе, за да ги прос­тува беззаконијата, да мине преку престапите на остатокот од Своето наследство? Тој вечно не се гневи, зашто Тој со радост се смилува.

19 Тој пак ќе се смили над нас и ќе ги сотре нашите беззаконија. Тој ќе ги фрли сите наши гревови во мор­ските длабочини.

20 Ти ќе покажеш верност кон до­мот на Јаков, милост кон Авраам, ка­ко што со клетва си им ветил на предците наши од најдамнешни дни.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy