Online Bible

- Reklamy -

Матеј 9 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Исус исцелува фатен човек
( Мк 2,1-12 ; Лк 5,17-26 )

1 Тогаш Тој откако влезе во коработ, премина и пристигна во Својот град.

2 И ете, донесоа кај Него еден фатен, положен на постела. Па кога ја виде Исус нивната вера, на фатениот му ре­че: „Не плаши се, чедо! Ти се простуваат гревовите твои!“

3 Тогаш некои од книжниците си рекоа во себе: „Овој богохулствува!“

4 А Исус штом ги разбра нивните мисли, им рече: „Зошто мислите лошо во срцата ваши?

5 Што е полесно да се каже: ‚Ти се простуваат гревовите!‘ или да се каже: ‚Стани и оди!?‘

6 Но да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да проштева гре­во­ви.“ Тогаш му рече на фатениот: „Ста­ни, земи си ја постелата и оди си дома!“

7 И тој стана, ја зеде постелата своја и си отиде дома.

8 А народот кога го виде тоа, се восхити и Го прослави Бога, Кој им даде таква власт на луѓето.


Исус го повикува Матеј
( Мк 2,13-17 ; Лк 5,27-32 )

9 А заминувајќи оттаму, Исус виде еден човек, по име Матеј, како седи во царинарницата и му рече: „Врви по Мене!“ И тој стана и тргна по Него.

10 И кога седеше Исус на трпеза дома, одеднаш мнозина цариници и греш­ни­ци дојдоа и седнаа до Него и до уче­ни­ците Негови.

11 Но штом го видоа тоа фарисеите, им рекоа на учениците Негови: „Зошто вашиот Учител јаде и пие со цариници и грешници?“

12 А Исус, кога го чу тоа, им рече: „Здравите немаат потреба од лекар, ту­ку болните;

13 одете и научете се што значи: ‚Милост сакам, а не жртва‘. Зашто не дојдов да ги повикам праведниците, ту­ку грешниците на покајание.“


Прашања за постот. Старото и новото
( Мк 2,18-22 ; Лк 5,33-39 )

14 Тогаш кај Него дојдоа учениците Јованови и рекоа: „Зошто ние и фарисеите постиме многу, а Твоите ученици не постат!?“

15 А Исус им рече: „Зар можат сватовите да бидат нажалени додека е со нив младоженецот? Но ќе дојде време кога младоженецот ќе биде оттргнат од нив, па тогаш и тие ќе постат.

16 Затоа што никој не крпи стара об­лека со нова крпа, зашто таа ќе се от­шие од старото и отворот ќе биде по­голем;

17 ниту, пак, се става ново вино во ста­ри мевови; инаку, мевовите ќе напу­к­нат, и виното ќе истече и мевовите ќе пропаднат; туку ново вино се става во нови мевови, па така ќе се запази и едното и другото.“


Чудата со болната жена и со ќерката на Јаир
( Мк 5,21-43 ; Лк 8,40-56 )

18 Додека Тој им говореше за тоа, ете еден началник пријде до Него, Му се поклонуваше и велеше: „Ќерка ми штотуку умре; туку дојди, положи ја раката Своја над неа и таа ќе оживее.“

19 И како стана Исус, тргна по него, заедно со учениците Свои;

20 и ете, една жена, која боледуваше дванаесет години од крвотечение, се приближи одзади и се допре до крајот на облеката Негова.

21 Зашто си велеше: „Само ако се допрам до облеката Негова, ќе оз­дра­вам.“

22 А Исус штом се заврти и ја виде, рече: „Не плаши се, ќерко, верата твоја те спаси!“ И оздраве жената во тој час.

23 И кога дојде Исус во куќата на началникот и ги виде свирачите и народот вознемирени,

24 им рече: „Излезете надвор, зашто девојката не е умрена, туку спие.“ А тие Му се потсмеваа.

25 Но штом го истера народот, Тој влезе, ја фати девојката за рака и таа ста­на.

26 И се расчу тоа по целата таа земја.


Исус исцелува двајца слепи

27 А кога Исус си одеше оттаму, тргнаа по него двајца слепи и викаа: „Смилувај ни се, сине Давидов!“

28 А штом дојде в куќи, слепите пријдоа до Него. И Исус им рече: „Верувате ли дека можам да го на­пра­вам тоа?“ Тие Му рекоа: „Да, Гос­поди!“

29 Тогаш се допре до очите нивни и рече: „Нека ви биде според верата ваша!“

30 И очите им се отворија; а Исус им заповеда велејќи: „Гледајте, никој да не дознае!“

31 А тие, штом излегоа, разгласија за Него по целата таа земја.


Исус исцелува нем човек
( Лк 11,14-15 )

32 Додека тие излегуваа, ете, кај Него доведоа еден човек нем и бесомачен.

33 По изгонувањето на демонот, немиот проговори. А народот се чуде­ше и говореше: „Никогаш такво нешто не станало во Израил.“

34 А фарисеите велеа: „Тој ги изгонува демоните преку начал­никот на демоните.“


Исус сочувствува со народот
( Мк 6,6-34 ; Лк 10,2 )

35 И одеше Исус по сите градови и села и поучуваше по нивните синагоги, го проповедаше Евангелието за цар­ството и лекуваше секаква болест и секаква не­моќ во народот.

36 А штом виде многу народ, се сожали над нив, зашто беа изморени и напуштени како овци без пастир.

37 Тогаш им рече на Своите ученици: „Жетвата е голема, а работниците се малку.

38 Затоа молете Го Господарот на жетвата да испрати работници на Својата жетва.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy