Online Bible

- Reklamy -

Матеј 8 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Исус исцелува лепрозен
( Мк 1,40-45 ; Лк 5,12-16 )

1 А кога слезе од гората, по Него врвеше многу народ.

2 И ете, се приближи еден лепрозен. Му се поклонуваше и говореше: „Гос­поди, ако сакаш, можеш да ме очис­тиш.“

3 А Исус кога ја испружи раката, се допре до него и рече: „Сакам, очисти се!“ И тој веднаш се очисти од лепрата.

4 И му рече Исус: „Гледај, никому да не кажеш; а оди, покажи му се на свеш­теникот и принеси дар, како што за­поведал Мојсеј, ним за сведоштво.“


Верата на еден стотник
( Лк 7,1-10 ; Јн 4,43-54 )

5 А кога влезе Исус во Капернаум, му пристапи еден стотник и Го молеше говорејќи:

6 „Господи, слугата мој лежи дома фатен и многу страда.“

7 Исус му рече: „Ќе дојдам и ќе го излекувам.“

8 А стотникот одговори и рече: „Гос­поди, не сум достоен да влезеш под мо­јот покрив; но кажи само збор и слугата мој ќе оздрави;

9 зашто и јас сум човек подвластен, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: ‚Оди!‘ и тој оди; на другиот: ‚Дојди!‘ и тој доаѓа; и на слугата мој: ‚Направи тоа!‘ и тој прави.“

10 Кога го чу тоа, Исус се восхити и им рече на оние што врвеа по Него: „Вистина ви велам: ниту во Израил не најдов толкава вера.

11 И ви велам дека мнозина ќе дојдат од Исток и од Запад и ќе седнат на тр­пеза со Авраам, Исак и Јаков во цар­ството небесно,

12 а синовите на царството ќе бидат фрлени во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби.“

13 И му рече Исус на стотникот: „Оди си и, нека ти биде според верата твоја!“ И слугата негов во тој час оздраве.


Исус исцелува мнозина
( Мк 1,29-34 ; Лк 4,38-41 )

14 Кога дојде во домот на Петар, Исус ја виде тештата негова како лежи болна од треска,

15 и се допре до раката нејзина, и трес­ката ѝ помина; таа стана и им служеше.

16 А кога се стемни, доведоа кај Него мнозина бесомачни, и Тој со збор ги изгони духовите и ги излекува сите болни,

17 за да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој вели: „Тој ги зеде нашите немоќи и ги понесе болестите.“


Колебливи следбеници
( Лк 9,57-62 )

18 Кога виде Исус околу Себе многу народ, им заповеда на учениците да минат на другата страна.

19 И откако пристапи до Исус еден книжник, му рече: „Учителе, ќе врвам по Тебе каде и да одиш.“

20 А Исус му рече: „Лисиците имаат легла и птиците небески – гнезда; а Синот Човечки нема каде глава да потслони.“

21 Друг, пак, од учениците Негови Му рече: „Господи, дозволи ми најнапред да отидам да го погребам татко ми.“

22 Но Исус му рече: „Врви по мене и остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртовци!“


Исус смирува бу­ра
( Мк 4,35-41 ; Лк 8,22-25 )

23 И кога Тој влезе во коработ, по Него влегоа и учениците Негови.

24 И ете, настана голема бу­ра во морето, така што брановите го покриваа коработ, а Тој спиеше.

25 Тогаш учениците пријдоа до Него, Го разбудија и рекоа: „Господи, спаси нѐ, загинуваме!“

26 А Тој им рече: „Зошто сте плаш­ливи, маловерни?“ Потоа стана, им заповеда на ветровите и на морето, и настана голема тишина.

27 А луѓето се зачудија и рекоа: „Кој е Овој, та и ветровите и морето Му се покоруваат?“


Исус ослободува од демони
( Мк 5,1-20 ; Лк 8,26-39 )

28 И кога пристигна на другата страна во земјата Гергесинска, Го сретнаа двај­ца бесомачни, кои излегуваа од гробовите; беа толку лоши што никој не можеше да мине по тој пат.

29 И ете, извикаа и рекоа: „Што имаш со нас Ти, Исусе, Сине Божји!? Зар си дошол тука пред време да нѐ мачиш?“

30 А далеку од нив пасеше големо крдо свињи.

31 И демоните Го молеа и говореа: „Ако нѐ изгониш, дозволи ни да вле­зе­ме во крдоно свињи!“

32 И Тој им рече: „Отидете!“ И тие откако излегоа, отидоа во свињите. И одеднаш целото крдо свињи јурна низ стрмнината во морето и се издавија во водата.

33 А свињарите побегнаа и кога дојдоа во градот, раскажаа за сето тоа и за бесомачните.

34 И ете, излезе целиот град да Го пресретне Исуса и кога Го видоа, Го замолија да си замине од нивниот крај.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy