Матеј 4 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)Исусовите искушувања ( Мк 1,12-13 ; Лк 4,1-13 ) 1 Тогаш Духот Го одведе Исуса во пустината за да биде искушуван од ѓаволот. 2 И откако постеше четириесет дни и четириесет ноќи, најпосле огладне. 3 А кога пристапи до Него, искушувачот Му рече: „Ако си Син Божји, заповедај овие камења да станат лебови.“ 4 А Тој му одговори и рече: „Напишано е – ‚Човек не живее само од леб, туку и од секој збор што излегува од устата на Бога.‘“ 5 Тогаш ѓаволот Го одведе во светиот град и Го постави на стреата од храмот 6 и Му рече: „Ако си Син Божји, скокни долу, зашто напишано е: ‚На ангелите Свои ќе им заповеда за Тебе да Те запазат и на раце ќе Те земат за да не Си ја сопнеш ногата од камен.‘“ 7 А Исус му рече: „Напишано е исто така – ‚Не искушувај Го Господа, Твојот Бог.‘“ 8 Повторно ѓаволот Го одведе на многу висока планина и Му ги покажа сите царства на светот и нивната слава 9 и Му рече: „Сето ова ќе Ти го дадам, ако паднеш и ми се поклониш.“ 10 Но, Исус му рече: „Бегај од Мене, сатано, зашто е напишано: ‚На Господа, Твојот Бог, да Му се поклонуваш и само Нему да Му служиш!‘“ 11 Тогаш ѓаволот Го остави и веднаш дојдоа ангели и Му служеа. Исусовата служба во Галилеја ( Мк 1,14-15 ; Лк 4,14-15 ) 12 А кога Исус чу дека Јован е предаден, отиде во Галилеја. 13 И кога го остави Назарет, дојде и се насели во Капернаум приморски, во пределите Завулонови и Нефталимови, 14 за да се исполни реченото преку пророкот Исаија, кој вели: 15 „Земјата Завулонова и земјата Нефталимова, на пат кон морето, отаде Јордан, е незнабожечка Галилеја. 16 Народот, што седеше во темнина, виде голема светлина и на оние, што седеа во пределот и во смртна сенка, им изгреа светлина.“ 17 Оттогаш Исус почна да проповеда и да говори: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно!“ Исус ги повикува првите ученици ( Мк 1,16-20 ; Лк 5,1-11 ) 18 И одејќи покрај Галилејското Море, ги виде двајцата браќа, Симон, наречен Петар, и брат му Андреј, како фрлаат мрежа во морето, бидејќи беа рибари. 19 И им рече: „Појдете по Мене и Јас ќе ве направам ловци на луѓе.“ 20 И ете, тие веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него. 21 И откако отиде оттаму виде други двајца браќа: Јаков Заведеев и брат му Јован, во кораб со Заведеј, таткото нивни, кои си ги крпеа мрежите свои, и нив ги повика. 22 И тие веднаш го оставија коработ и татка си и тргнаа по Него. Исус поучува и лекува ( Лк 6,17-19 ) 23 И одеше Исус по цела Галилеја поучувајќи по синагогите нивни, проповедајќи го Евангелието на Царството и лекувајќи секаква болест и немоќ кај народот. 24 Па се разнесе глас за Него по цела Сирија и ги доведоа кај Него сите болни, нападнати од различни болести и страдања, опседнати од демони, месечари, фатени, а Тој ги излекува. 25 И по Него одеше многу народ од Галилеја, Десеттоградието, Ерусалим, Јудеја и отаде Јордан. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society