Online Bible

- Reklamy -

Матеј 3 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Јован го повикува народот на покајание
( Мк 1,1-6 ; Лк 3,1-14 ; Јн 1,19-28 )

1 Во тие дни дојде Јован Крстител, кој проповедаше во Јудејската пус­тина

2 и говореше: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно.“

3 Зашто ова е Оној за Кого говореше пророкот Исаија, кој ве­ли: „Гласот на оној, што вика во пустината: ‚Под­гот­ве­те го патот на Господа и исправете ги патеките Негови!‘“

4 А Јован имаше облека од камилски влакна и кожен појас околу слабините, а храната му се состоеше од скакулци и див мед.

5 Тогаш од Ерусалим и цела Јудеја и од целиот Јордански крај доаѓаа кај него

6 и се крштеваа од него во Јордан, исповедајќи ги своите гревови.

7 А штом виде Јован дека кај него доаѓаат мнозина фарисеи и садукеи за да се крстат, им рече: „Породи змиини! Кој ви кажа да бегате од гневот што иде?

8 Направете плод достоен за покајание

9 и немојте да говорите во себе: ‚Наш татко е Авраам‘, зашто Бог може, ви велам, и од овие камења да му подигне чеда на Авраам.

10 Секирата веќе лежи до коренот на дрвото: зашто секое дрво, што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган.


Крштевање со вода и крштевање со Светиот Дух
( Мк 1,7-8 ; Лк 3,15-18 )

11 Јас ве крштевам со вода за покајание, но Оној што иде по мене е по­си­лен од мене; јас не сум достоен да Му ги понесам ни обувките; Тој ќе ве крсти со Дух Свети и со оган.

12 Лопатата е во рацете Негови и Тој ќе го очисти гумното Свое и ќе Си го прибере житото во житницата, а плевата ќе ја изгори со оган што не гасне.“


Исусовото крштевање
( Мк 1,9-11 ; Лк 3,21-22 )

13 Тогаш дојде Исус од Галилеја на Јордан кај Јован за да се крсти од него.

14 А Јован Го одвраќаше, велејќи: „Јас треба од Тебе да бидам крстен, а Ти кај мене ли доаѓаш!?“

15 Но Исус му одговори и рече: „Оста­ви го сега тоа, зашто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда.“ Тогаш го остави.

16 И штом се крсти, Исус веднаш из­лезе од водата. Одеднаш Му се отворија небесата и Го виде Духот Божји како слегува како гулаб и доаѓа на Него.

17 И ете, глас од небесата говореше: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја!“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy