Матеј 27 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)Исус пред Пилат ( Мк 15,1 ; Лк 23,1-2 ; Јн 18,28-32 ) 1 А кога се раздени, сите првосвештеници и старешини направија договор против Исус за да Го убијат; 2 и откако Го врзаа, Го одведоа и Го предадоа на управникот Понтиј Пилат. Самоубиството на Јуда ( Дела 1,18-19 ) 3 Тогаш Јуда, што Го предаде, кога виде дека е Тој осуден, се покаја и им ги врати триесетте сребреници на првосвештениците и старешините, 4 велејќи им: „Згрешив, зашто предадов невина крв!“ А тие му одговорија: „Што ни е грижа нам за тоа? Мисли му ти!“ 5 Тој ги фрли сребрениците во храмот, излезе и отиде, та се обеси. 6 Првосвештениците ги собраа сребрениците и рекоа: „Не чини да се стават во касата на храмот, бидејќи се цена за крв.“ 7 Откако се советуваа, ја купија со нив грнчаревата нива, за погребување на странци. 8 Затоа и до денес таа нива се вика Крвна нива. 9 Тогаш се исполни реченото преку пророкот Еремија, кој вели: „И ги зедоа триесетте сребреници, цената на Непроценливиот, Кого Го оценија синовите Израилеви, 10 и ги дадоа за грнчаревата нива, како што ми кажа Господ.“ Пилат Го сослушува Исус ( Мк 15,2-15 ; Лк 23,2-5 . 13-25 ; Јн 18,28–19,16 ) 11 И Исус застана пред управникот. И тој Го праша, велејќи: „Ти ли си Царот Јудејски?“ Исус му одговори: „Ти велиш.“ 12 И кога Го обвинуваа првосвештениците и старешините, Тој ништо не одговараше. 13 Тогаш Пилат Му рече: „Не слушаш ли колку сведочат против Тебе?“ 14 И не му одговори ниту на еден збор, така што управникот се чудеше многу. 15 А на секој Празник управникот имаше обичај да му пушта на народот по еден затвореник, кого тие сакаа. 16 Тогаш тие имаа еден прочуен затвореник, по име Варава. 17 И кога се собраа, Пилат им рече: „Кого сакате да ви го пуштам: Варава ли, или Исус, наречен Христос?“ 18 Зашто знаеше дека Го беа предале од завист. 19 А во тоа време, кога тој седеше во судот, жена му порача да му кажат: „Не прави му ништо на Тој Праведник, зашто денеска многу пострадав на сон заради Него.“ 20 Но првосвештениците и старешините го наговорија народот да го измоли Варава, а Исуса да Го погуби. 21 Тогаш управникот одговарајќи им рече: „Кого од двајцата сакате да ви го пуштам?“ Тие одговорија: „Варава!“ 22 Пилат им рече: „А што да правам со Исус, наречен Христос?“ Му одговорија сите: „Да биде распнат!“ 23 Управникот рече: „Па какво зло направил?“ Но тие уште посилно викаа и рекоа: „Да биде распнат!“ 24 Пилат, штом виде дека ништо не помага, а буната се зголемува, зеде вода, ги изми рацете пред народот и рече: „Невин сум за крвта на Овој Праведник; мислете му вие!“ 25 И одговарајќи целиот народ, рече: „Крвта Негова нека падне на нас и на нашите деца!“ 26 Тогаш им го пушти Варава, а Исуса, откако Го камшикуваа, Го предаде да биде распнат. Исусовите понижувања ( Мк 15,16-20 ; Лк 23,11 ; Јн 19,2-3 ) 27 Потоа војниците на управникот Го зедоа Исуса во судницата и ја собраа целата чета околу Него, 28 па, откако Го соблекоа, Му облекоа багреница; 29 исплетоа трнов венец, Му Го кладоа на главата и Му дадоа во десната рака трска; и поклонувајќи се на колена пред Него, Му се потсмеваа и велеа: „Те поздравуваме, Царе Јудејски!“ 30 И плукаа на Него, ја зедоа трската и Го удираа по главата. 31 А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа багреницата, Му ги облекоа Неговите алишта и Го поведоа на распнување. Исусовото распнување ( Мк 15,21-32 ; Лк 23,26-43 ; Јн 19,17-27 ) 32 На излегување сретнаа еден Киринеец, по име Симон; него го натераа да Му го носи крстот. 33 И кога дојдоа на местото наречено Голгота, што значи Черепница, 34 Му дадоа да пие оцет, измешан со жолчка. Но Тој вкуси и не сакаше да пие. 35 А штом Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждрепка; 36 па седеа таму и Го чуваа; 37 и Му кладоа над главата натпис, со вината Негова: „Овој е Исус, Царот Јудејски.“ 38 Тогаш распнаа со Него и двајца разбојници; едниот од десната страна, а другиот од левата. 39 А минувачите, вртејќи ги главите свои, Го хулеа 40 и велеа: „Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш, спаси се Себеси! Ако си Син Божји, симни се од крстот!“ 41 Исто така и првосвештениците, книжниците, старешините и фарисеите, потсмевајќи се говореа: 42 „Други спасуваше, а Себеси не може да се спаси! Ако е Тој Цар Израилев, нека слезе сега од крстот, па ќе поверуваме во Него. 43 Се надеваше на Бога, нека Го избави сега, ако е по волјата Негова, бидејќи говореше: ‚Син Божји Сум!‘“ 44 Така и разбојниците, распнати со Него, Го исмејуваа. Исусовата смрт ( Мк 15,33-41 ; Лк 23,44-49 ; Јн 19,28-30 ) 45 А од шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час; 46 а околу деветтиот час извика Исус со силен глас и рече: „Или! Или! Лима савахтани?“ А тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави!“ 47 А некои од оние што стоеја таму, кога го чуја тоа, рекоа: „Овој го вика Илија!“ 48 И веднаш еден од нив отрча, зеде сунѓер, го натопи во оцет и го надена на трска, па Му даваше да пие. 49 Другите, пак, велеа: „Чекајте, да видиме, дали ќе дојде Илија да Го спаси!“ 50 А Исус, откако повторно извика со силен глас, го испушти духот. 51 И ете, се расцепи завесата на храмот на две – од горе до долу; и земјата се затресе; и карпи се распаднаа. 52 И гробови се отворија; и многу тела на упокоени светии воскреснаа; 53 па кога излегоа од гробовите, по воскресението Негово, влегоа во светиот град и им се јавија на мнозина. 54 А стотникот и оние што со него Го чуваа Исуса, откако го видоа земјотресот и сѐ друго што стана, се уплашија многу и говореа: „Навистина Овој беше Син Божји!“ 55 Таму беа и гледаа оддалеку многу жени, коишто врвеа по Исус од Галилеја и Му служеа. 56 Меѓу нив беа Марија Магдалена и Марија, мајка им на Јаков и Јосиф, и мајката на Заведеевите синови. Исусовиот погреб ( Мк 15,42-47 ; Лк 23,50-56 ; Јн 19,38-42 ) 57 А кога се стемни, дојде еден богат човек од Ариматеја, по име Јосиф, кој Му беше, исто така, ученик на Исус; 58 тој отиде кај Пилат и го побара телото Исусово. Тогаш Пилат нареди да му го дадат телото. 59 А Јосиф, штом го зеде телото, Го завитка во чисто платно, 60 и Го положи во својот нов гроб, што го беше издлабил во камен; па, откако постави голем камен над гробната врата, си отиде. 61 А таму беа Марија Магдалена и другата Марија, кои седеа спроти гробот. Стражата на Исусовиот гроб 62 Утредента, пак, по петокот, се собраа првосвештениците и фарисеите кај Пилат, 63 и му рекоа: „Господаре, се сетивме дека Оној измамник, уште дури беше жив, рече: ‚По три дни ќе воскреснам!‘ 64 Затоа нареди да се причува гробот до третиот ден, за да не отидат учениците Негови ноќе и да Го украдат, па да му речат на народот: ‚Воскресна од мртвите!‘ Та последната измама ќе биде полоша од првата.“ 65 Пилат им рече: „Имате стража; одете и чувајте го како што знаете.“ 66 Тие отидоа и со стража го чуваа гробот, а каменот го запечатија. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society