Матеј 25 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)Парабола за десетте девојки 1 „Тогаш царството небесно ќе заприлега на десет девојки, кои ги зедоа своите светилки и излегоа да го пресретнат младоженецот. 2 Петте од нив беа мудри, а петте неразумни. 3 Неразумните ги зедоа светилките свои, но не понесоа со себе масло; 4 а мудрите, заедно со светилките свои, зедоа во садовите и масло; 5 и бидејќи младоженецот се забави, сите задремаа и заспаа. 6 А на полноќ се чу викање: ‚Еве, младоженецот, доаѓа, излезете да го пресретнете!‘ 7 Тогаш сите тие девојки станаа и ги приготвија своите светилки. 8 Неразумните, пак, им рекоа на мудрите: ‚Дајте ни од вашето масло, зашто нашите светилки гаснат.‘ 9 Мудрите им одговорија и рекоа: ‚Но, може да не ни стигне и нам и вам: подобро одете кај продавачите и купете си!‘ 10 А кога тие отидоа да купат, пристигна младоженецот и приготвените влегоа со него на свадбата, и вратите се затворија. 11 Потоа дојдоа и другите девојки и викаа: ‚Господаре, господаре, отвори ни!‘ 12 А тој им одговори и рече: ‚Вистина, ви велам: не ве познавам!‘ 13 И така, бидете будни, зашто не го знаете ниту денот, ниту часот, кога ќе дојде Синот Човечки.“ Парабола за талантите ( Лк 19,11-27 ) 14 „Зашто, Тој ќе постапи како човекот, кој тргнувајќи на пат, ги повика слугите свои и им го предаде својот имот; 15 и на едниот му даде пет таланти, на другиот два, на третиот еден, секому според способноста негова; и веднаш замина. 16 Оној што зеде пет таланти, отиде, ги употреби во работа и спечали други пет таланти; 17 и исто така и оној што зеде два таланта, спечали други два; 18 а оној, што доби еден талант, отиде и го закопа в земја и така ги сокри парите на својот господар. 19 По долго време дојде господарот на овие слуги и побара да му поднесат сметка. 20 И кога пристапи оној што беше примил пет таланти, донесе уште пет таланти и рече: ‚Господаре, ти ми предаде пет таланти; ете, со нив спечалив уште пет таланти.‘ 21 Господарот негов му рече: ‚Убаво, добар и верен слуго! Во малку беше верен, над многу ќе те поставам; влези во радоста на својот господар!‘ 22 Му пристапи и оној што беше примил два таланта и рече: ‚Господаре, ти ми предаде два таланта, еве, со нив спечалив уште два таланта.‘ 23 Господарот му рече: ‚Убаво, добар и верен слуго! Во малку беше верен, над многу ќе те поставам; сподели ја радоста со својот господар!‘ 24 Му пристапи и оној што беше зел еден талант и рече: ‚Господаре, те знаев дека си жесток човек: жнееш каде што не си сеел, и собираш каде што не си веел, 25 па се уплашив и отидов, и го сокрив твојот талант в земја; ете ти го твоето.‘ 26 А господарот му одговори и рече: ‚Зол и мрзлив слуго! Ако си знаел дека жнеам, каде што не сум сеел, и собирам каде што не сум веел, 27 требаше моите пари да им ги дадеш на трговците, па кога ќе дојдам да си го приберам своето со добивка; 28 земете го од него талантот и дајте му го на оној што има десет таланти; 29 зашто секому, што има, ќе му се даде и преумножи, а од оној, што нема, ќе му се одземе и она што го има; 30 а лошиот слуга фрлете го во крајна темнина: таму ќе биде плач и крцкање со заби.‘“ Откако го рече тоа, извика: „Кој има уши да слуша, нека чуе.“ Судниот ден 31 „А кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја, 32 и ќе се соберат пред Него сите народи, па ќе ги оддели едни од други, како што пастирот ги одделува овците од козите; 33 и ќе ги постави овците од Својата десна страна, а козите од левата. 34 Тогаш Царот ќе им каже на оние што Му се од десната страна: ‚Дојдете, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, подготвено за вас од почетокот на светот; 35 зашто, гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте; 36 необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте кај Мене.‘ 37 Тогаш праведниците ќе Му одговорат и речат: ‚Господи, кога Те видовме гладен и Те нахранивме, или жеден и Те напоивме? 38 Кога те видовме странец и Те прибравме, или необлечен и Те облековме? 39 Кога Те видовме болен, или во затвор и Те посетивме?‘ 40 А Царот ќе им одговори и ќе рече: ‚Вистина, ви велам: доколку сте го направиле тоа за еден од овие Мои најмали браќа, за Мене сте го направиле.‘ 41 Тогаш ќе им каже и на оние што се од левата страна: ‚Бегајте од Мене, проклети, во вечен оган, подготвен за ѓаволот и за неговите ангели! 42 Зашто, гладен бев и не Ми дадовте да јадам; жеден бев и не Ме напоивте; 43 странец бев и не Ме прибравте; необлечен бев и не Ме облековте; болен и во затвор бев и не Ме посетивте.‘ 44 Тогаш и тие ќе Му одговорат и речат: ‚Господи, кога Те видовме гладен, или жеден, или странец, или необлечен, или болен, или во затвор – не Ти послуживме?‘ 45 Тогаш ќе им одговори и рече: ‚Доколку не сте го направиле тоа за еден од овие најмали браќа ниту за Мене не сте го направиле.‘ 46 И тие ќе отидат во вечна мака, а праведниците – во живот вечен.“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society