Online Bible

- Reklamy -

Матеј 20 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Парабола за работниците во лозјето

1 „Зашто царството небесно приле­га на домаќин, кој излегол на­утро рано да изнајми работници за своето лозје.

2 Па, штом се спогоди со работниците по денариј на ден, ги прати во лозјето свое.

3 Потоа, кога излезе околу третиот час и виде други како стојат на паза­риштето без работа,

4 им рече: ‚Одете и вие во моето лозје, па што е право, ќе ви дадам.‘ И тие отидоа.

5 Пак излезе околу шестиот и деветтиот час и направи исто.

6 А околу единаесеттиот час одново излезе и најде други, како стојат без работа, и им рече: ‚Зошто стоите тука цел ден без работа?‘

7 Тие му рекоа: ‚Бидејќи никој не нѐ повика.‘ А тој им рече: ‚Одете во моето лозје. И што е право ќе добиете.‘

8 А приквечер, господарот на лозјето му рече на својот настојник: ‚Повикај ги работниците и плати им, почнувајќи од последните па до првите.‘

9 И дојдените околу единаесеттиот час добија по денариј.

10 А кога дојдоа првите, помислија дека ќе примат повеќе; но и тие добија по денариј;

11 и штом добија, негодуваа против господарот

12 и велеа: ‚Овие последните работеа еден час, а ти ги изедначи со нас, што ја претрпевме тежината на денот и жегата.‘

13 А тој им одговори и му рече на еден од нив: ‚Пријателе, не те онеправдувам: нели се погоди со мене за денариј?

14 Земи си го своето и оди си; и на овој последниов, сакам да му дадам колку и тебе;

15 зар немам право да чинам со своето што сакам? Или ти е окото завидливо, зашто сум дарежлив?‘

16 Така ќе бидат последните први, а првите – последни; зашто мнозина се повикани, но малкумина се избрани.“


Исус по третпат ја навестува Својата смрт и воскресение
( Мк 10,32-34 ; Лк 18,31-34 )

17 И кога се искачуваше Исус кон Ерусалим, ги зеде насамо дванаесетте ученици и по патот им рече:

18 „Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе им биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт,

19 и ќе Го предадат на незнабошците за да биде исмеан, и тепан, и распнат; и на третиот ден ќе воскресне.“


Честољубие и вистинско служење
( Мк 10,33-45 ; Лк 22,25-27 )

20 Тогаш пристапи до Него мајката на Заведеевите синови, заедно со своите синови и, поклонувајќи Му се, Го мо­леше нешто.

21 А Тој ѝ рече: „Што сакаш?“ Таа Му одговори: „Заповедај овие мои два сина да седнат до Тебе, едниот од десно, а другиот од лево во Твоето царство!“

22 Исус одговори и им рече: „Не зна­ете што барате! Можете ли да ја пиете чашата што ќе ја пијам Јас; или да се крстите со крштевањето со кое се крштевам Јас?“ Тие Му одговорија: „Можеме.“

23 И им рече: „Чашата Моја ќе ја пиете, и со крштевањето, со кое се крштевам Јас, ќе се крстите, но да се седи на Мојата десна или лева страна, не е Мое да дадам, туку кому е подготвено од Мојот Отец.“

24 И десетте, штом го чуја тоа, негодуваа против двајцата браќа.

25 Но Исус ги повика и им рече: „Знаете дека кнезовите народни господарат над народите, и големците владеат над нив;

26 меѓу вас, пак, нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга;

27 и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде слуга;

28 како што и Синот Човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да го даде животот Свој за откуп на мнозина.“


Исцелувањето на двајцата слепи од Ерихон
( Мк 10,46-52 ; Лк 18,35-43 )

29 И кога тие излегуваа од Ерихон, по Него врвеше многу народ.

30 И ете, двајца слепи, седнати покрај патот, штом чуја дека минува Исус, извикаа и рекоа: „Смилувај ни се, Господи, Сине Давидов!“

31 А народот ги укоруваше да молчат; но тие уште посилно викаа и велеа: „Смилувај ни се, Господи, Сине Да­ви­дов!“

32 Исус застана, ги повика и рече: „Што сакате да сторам за вас?“

33 Тие Му одговорија: „Да ни се отворат очите наши.“

34 И Исус се смилува и се допре до нивните очи, и веднаш им прогледаа очите нивни; и тие тргнаа по Него.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy