Матеј 17 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)Христовото преображение ( Мк 9,2-9 ; Лк 9,28-36 ) 1 А по шест дни Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и брат му Јован, и ги изведе на висока гора сами; 2 и се преобрази пред нив; и лицето Негово светна како сонце, а алиштата Негови станаа бели како светлина. 3 И ете, им се јавија Мојсеј и Илија, кои разговараа со Него. 4 Тогаш Петар Му одговори на Исус и рече: „Господи, добро ни е да бидеме овде; ако сакаш да направиме три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија.“ 5 Додека уште говореше, ете, ги засени светол облак; и се чу глас од облакот кој велеше: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја; Него послушајте Го!“ 6 И кога го чуја тоа учениците, паднаа ничкум и многу се уплашија. 7 Но Исус, откако им пријде, се допре до нив и им рече: „Станете и не плашете се!“ 8 А тие, кога ги подигнаа очите, не видоа никој друг освен Исус. 9 А кога слегуваа од гората, Исус им заповеда и рече: „Никому не кажувајте што видовте додека Синот Човечки не воскресне од мртвите!“ За Илија ( Мк 9,11-13 ) 10 И учениците Негови Го запрашаа, говорејќи: „Зошто, пак, книжниците велат дека најнапред треба да дојде Илија?“ 11 Исус им одговори и рече: „Илија ќе дојде претходно и ќе уреди сѐ; 12 но ви велам дека Илија веќе дојде и не го познаа, туку му направија сѐ што сакаа; така и Синот Човечки ќе пострада од нив.“ 13 Тогаш учениците разбраа дека Тој им зборува за Јован Крстител. Исус ослободува од демони ( Мк 9,14-29 ; Лк 9,37-43 ) 14 Кога дојдоа кај народот, пристапи кон Него еден човек, кој падна на колена 15 и рече: „Господи, смилувај се на мојот син, зашто е месечар и многу се мачи; често паѓа во оган и често – во вода; 16 го доведов кај Твоите ученици, но тие не можеа да го излекуваат.“ 17 А Исус одговори и рече: „О, роде безверен и развратен! До кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете Ми го тука!“ 18 И му нареди Исус и демонот излезе од него; и момчето оздраве во тој час. 19 Тогаш учениците пристапија кон Исус насамо и Му рекоа: „Зошто не можевме ние да го истераме?“ 20 А Исус им рече: „Заради вашето безверие: зашто, вистина, ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе ѝ речете на оваа планина: ‚Премести се одовде таму!‘ И таа ќе се премести, и ништо нема да биде за вас неможно. 21 Овој, пак, род се истерува само со молитва и пост.“ Исус повторно ја најавува Својата смрт и воскресение ( Мк 9,30-32 ; Лк 9,43-45 ) 22 А кога беа во Галилеја, Исус им рече: „Синот Човечки ќе биде предаден во раце човечки, 23 и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне.“ И тие многу се нажалија. За храмовниот данок 24 А кога пристигнаа во Капернаум, му пристапија на Петар оние што собираа дидрахми и му рекоа: „Учителот ваш не плаќа ли дидрахми?“ 25 Тој одговори: „Плаќа.“ И кога влезе дома, Исус го испревари и рече: „Што мислиш, Симоне? Земните цареви од кого земаат царина или данок? Од своите синови или од туѓи?“ 26 Петар Му одговори: „Од туѓите.“ Исус му рече: „Значи, синовите се ослободени; 27 но, за да не ги соблазниме, отиди до морето, фрли јадица и првата риба што ќе ја уловиш, земи ја; и, кога ќе ѝ ја отвориш устата, ќе најдеш статир; земи го и подај им го за Мене и за себе!“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society