Матеј 16 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)Фарисеите бараат знак ( Мк 8,11-13 ; Лк 12,54-56 ) 1 Тогаш пристапија фарисеите и садукеите и, искушувајќи Го, побараа да им покаже знак од небото. 2 Тој, одговарајќи им, рече: „Навечер велите: ‚ќе биде ведро, зашто небото е црвено‘; 3 а наутро: ‚денес ќе има невреме, зашто небото е црвено и матно.‘ Лицемери, изгледот на небото умеете да го распознавате, а знаците на времињата не можете? 4 Род лукав и прељуботворен бара знак, но знак нема да му се даде освен знакот на пророкот Јона.“ Па, откако ги остави, си замина. За квасецот на фарисеите ( Мк 8,14-21 ; Лк 12,1-6 ) 5 И преоѓајќи на спротивната страна, учениците Негови заборавија да земат леб. 6 Исус им рече: „Внимавајте и чувајте се од квасот фарисејски и садукејски!“ 7 А тие помислија во себе и си рекоа: „Тоа е што не зедовме леб!“ 8 Но Исус ги разбра и им рече: „Маловерни, зошто мислите во себе дека не сте зеле леб? 9 Уште ли не разбирате и не помните за петте леба на пет илјади души, и колку кошеви собравте? 10 Ниту за седумте леба на четири илјади души, и колку кошници собравте? 11 Како не разбирате дека не за леб реков: ‚Чувајте се од квасот фарисејски и садукејски!‘“ 12 Тогаш разбраа дека Тој им беше рекол да се пазат не од лебниот квас, туку од учењето фарисејско и садукејско. Сведоштвото на Петар ( Мк 8,27-30 ; Лк 9,18-21 ) 13 И кога дојде Исус во областа на Кесарија Филипова, ги праша учениците Свои и рече: „Што велат луѓето за Мене, Синот Човечки?“ 14 Тие одговорија: „Едни дека си Јован Крстител, други Илија, а некои Еремија или еден од пророците.“ 15 А Тој им рече: „А вие, што мислите, Кој сум Јас?“ 16 Симон Петар одговори и рече: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог.“ 17 Тогаш Исус му одговори и рече: „Блажен си ти, Симоне, сине Јонин, зашто тело и крв не ти го открија тоа, туку Мојот Отец, Кој е на небесата. 18 А Јас тебе ти велам: ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам Црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат. 19 И ќе ти ги дадам клучевите од небесното царство, и што ќе сврзеш на земјата, ќе биде сврзано на небесата; а што ќе разрешиш на земјата, ќе биде разрешено и на небесата.“ 20 Тогаш Исус им заповеда на учениците Свои да не кажуваат никому дека Тој е Исус Христос. Исус ја навестува Својата смрт и воскресение ( Мк 8,31-33 ; Лк 9,22 ) 21 Оттогаш почна Исус на Своите ученици да им открива дека Тој треба да отиде во Ерусалим и да пострада многу од старешините, првосвештениците и книжниците и да биде убиен, и на третиот ден да воскресне. 22 А Петар Го повлече настрана, почна да Го одвраќа, велејќи: „Биди милостив кон Себе, Господи; тоа со Тебе нема да се случи!“ 23 Но Тој се заврте и му рече на Петар: „Бегај од Мене, сатано! Ти си Ми соблазна, зашто мислиш не за она што е Божјо, туку за она што е човечко!“ Патот за следбениците на Исус ( Мк 8,34–9,1 ; Лк 9,23-27 ) 24 Тогаш Исус им рече на учениците Свои: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека Ме последува; 25 зашто, кој сака да го спаси животот свој, ќе го загуби; а кој ќе го загуби својот живот заради Мене, ќе го најде: 26 зашто, каква полза е за човек ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости? Или каков откуп ќе даде човек за својата душа? 27 Зашто Синот Човечки ќе дојде во славата на Својот Отец, со ангелите Свои, и тогаш ќе му даде на секој според делата негови. 28 Вистина ви велам: тука стојат некои што нема да вкусат смрт додека не Го видат Синот Човечки како доаѓа во царството Свое.“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society