Online Bible

- Reklamy -

Матеј 15 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Исус ги отфрла човечките обичаи
( Мк 7,1-13 )

1 Тогаш пристапија кон Исус ерусалимските книжници и фарисеи, велејќи:

2 „Зошто учениците Твои го престапуваат преданието на старите? Бидејќи не си ги мијат рацете кога јадат леб?“

3 А Тој им одговори и рече: „Па зошто и вие ја престапувате Божјата заповед заради вашето предание?

4 Зашто Бог заповедал и рекол: ‚Почитувај ги татка си и мајка си‘, и ‚кој злослови против таткото свој или мајка си, со смрт да се казни‘.

5 А вие велите: ‚Ако некој му рече на татка си или на мајка си: она, со што би можел да се ползуваш од мене, дар е‘,

6 тогаш тој може и да не го почитува својот татко или својата мајка! Така ја нарушивте заповедта Божја заради вашето предание!

7 Лицемери, добро пророкувал за вас Исаија, велејќи:

8 ‚Овој народ се приближува до Мене со устата своја и со усните Ме по­чи­­тува, а срцето негово стои далеку од Мене;

9 но напразно Ме почитува, учејќи со човечки учења и заповеди.‘“


Што го осквернува човекот?
( Мк 7,14-23 )

10 И откако ги повика луѓето, им рече: „Слушајте и разберете!

11 Не го осквернува човекот она што влегува во устата, туку она што излегува од устата, тоа го осквернува чо­ве­кот.“

12 Тогаш Неговите ученици Му пристапија и рекоа: „Знаеш ли дека фарисеите, штом го чуја тој збор, се соблазнија?“

13 А Тој, одговарајќи им, рече: „Секоја садница, што не ја насадил Мојот Отец небесен, ќе се искорне;

14 оставете ги: тие се слепи водачи на слепи: а кога слеп води слеп, обата ќе паднат во јама.“

15 Петар, пак, Му одговори и рече: „Објасни ни ја оваа парабола.“

16 А Исус им рече: „Ама вие, уште ли не сфаќате?

17 Уште ли не разбирате дека сѐ што влегува во устата, минува преку сто­макот и се исфрлува надвор?

18 А она што излегува од устата, излегува од срцето и тоа го осквернува човекот;

19 зашто од срцето излегуваат лоши помисли, убиства, прељубодејства, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули;

20 тоа го осквернува човекот. А да се јаде со неизмиени раце, тоа не го осквернува човекот.“


Верата на една Хананејка
( Мк 7,24-30 )

21 И кога излезе оттаму Исус, замина во краевите Тирски и Сидонски.

22 И ете, една жена Хананејка, излезе од оние краишта, повика кон Него, велејќи: „Смилувај ми се, Господи, Сине Давидов! Ќерка ми жестоко ја мачи демон.“

23 Но Тој не ѝ одговори ниту збор. И откако пристапија до Него, учениците Негови Го молеа и велеа: „Отпушти ја, зашто вика по нас.“

24 А Тој одговори и рече: „Јас сум пратен само кај загубените овци на домот израилев.“

25 Но таа, кога пристапи, Му се пок­ло­ни и велеше: „Господи, помогни ми!“

26 Тој, одговарајќи ѝ рече: „Не е добро да се земе лебот од децата и да се фрли на кучињата.“

27 Но таа Му рече: „Да, Господи, но и кучињата јадат од трошките што паѓаат од трпезата на своите господари.“

28 Тогаш Исус одговори и рече: „О, жено, голема е твојата вера; нека ти биде по желбата твоја!“ И во тој час оздраве ќерката нејзина.


Исус исцелува многу народ
( Мк 7,31 )

29 Штом замина оттаму, Исус дојде кај Галилејското Море, се искачи на гората и седна таму.

30 И дојде кај Него многу народ, кој имаше со себе куци, слепи, неми, сакати и многу други, и ги положија пред нозете на Исус, и Тој ги исцели,

31 така што народот се восхитуваше гледајќи како неми зборуваат, сакати оздравуваат, куци се движат и слепи прогледуваат и Го прославуваше Бога Израилев.


Исус нахранува над четири илјади души
( Мк 8,1-10 )

32 А Исус, кога ги повика учениците Свои, им рече: „Жал ми е за луѓето, зашто три дни веќе стојат кај Мене и немаат што да јадат; а да ги распуштам гладни, не би сакал, за да не премалеат по патот.“

33 Но учениците Негови Му рекоа: „Од каде при нас толку леб во пустинава за се нахрани толку народ?“

34 Исус ги праша: „Колку лебови има­те?“ А тие одговорија: „Седум и не­кол­ку рипчиња.“

35 Тогаш му заповеда Исус на народот да поседне по земјата.

36 И откако ги зеде седумте лебови и ри­бите, заблагодари, ги прекрши и им ги даде на учениците Свои, а учениците – на народот.

37 И јадеа сите и се наситија; и кренаа останати парчиња: седум полни кош­ници.

38 А оние што јадеа беа четири илјади мажи, покрај жените и децата.

39 Па, штом го распушти народот, влезе во кораб и дојде во магдал­ските предели.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy