Марко 8 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)Исус нахранува четири илјади луѓе ( Мт 15,32-39 ) 1 Во тие дни, кога се беше собрал многу народ и немаше што да јадат, Исус ги повика учениците Свои и им рече: 2 „Ми е жал за народот, зашто веќе три дни стојат кај Мене и нема што да јадат. 3 Ако ги пуштам да си одат гладни по куќите нивни, ќе премалеат по патот, зашто некои од нив се дојдени оддалеку.“ 4 Учениците Му одговорија: „Од каде може човек сите овие да ги нахрани со леб, овде во пустинава?“ 5 И ги праша: „Колку лебови имате?“ А тие одговорија: „Седум.“ 6 Тогаш му заповеда на народот да поседне по земјата; па, откако ги зеде седумте лебови, заблагодари, ги раскрши и им ги даде на учениците Свои да ги разделат; и тие ги разделија на народот. 7 Имаа и малку рипчиња; ги благослови и заповеда да ги раздадат и нив. 8 И јадеа, и се наситија; и собраа седум кошници останати парчиња. 9 А оние, што јадеа, беа околу четири илјади. И ги распушти. 10 И веднаш влезе во кораб со учениците Свои и дојде во пределите Далманутски. Фарисеите бараат чудо ( Мт 12,38-39 ; 16,1-4 ; Лк 11,16-29 ; 12,54-56 ) 11 И излегоа фарисеите и почнаа да се препираат со Него, па искушувајќи Го, бараа од него знак од небото. 12 А Тој воздивна длабоко и рече: „Зошто овој род бара знак? Вистина ви велам: нема да му се даде знак на овој род.“ 13 И кога ги остави, пак влезе во коработ и премина на другата страна. За штетниот „квасец“ ( Мт 16,5-12 ; Лк 12,1 ) 14 А учениците Негови беа заборавиле да ги земат лебовите и немаа со себе во коработ, освен еден леб. 15 А Тој ги опоменуваше, велејќи: „Внимавајте, чувајте се од квасот фарисејски и од квасот Иродов!“ 16 И си размислуваа меѓу себе, велејќи: „Тоа е затоа што немаме леб.“ 17 А Исус, кога ги разбра, им рече: „Зошто зборувате за тоа што немате леб? Зар уште не сфаќате и не разбирате? Уште ли е скаменето вашето срце? 18 Очи имате, не гледате ли? Уши имате, не слушате ли? И не помните ли? 19 Кога ги раскршив петте леба, за пет илјади души, колку полни кошеви со парчиња собравте?“ Му рекоа: „Дванаесет.“ 20 „А седумте – за четири илјади, колку полни кошници со останати парчиња собравте?“ Тие одговорија: „Седум.“ 21 И им рече: „Па како тогаш не разбирате?“ Исцелувањето на слеп човек 22 Потоа дојде во Витсаида; и доведоа кај Него слеп и Го молеа да се допре до него. 23 И кога го зеде слепиот за рака, го изведе надвор од селото и, откако плукна на очите негови, ги положи рацете над него, па го праша дали гледа нешто. 24 Тој, кога погледна, рече: „Ги гледам луѓето да одат како дрвја.“ 25 Потоа пак ги положи рацете над очите и направи да прогледа. И се излекува и ги гледаше сите јасно. 26 И го испрати во домот негов и му рече: „Ниту в село влегувај, ниту в село некому раскажувај!“ Петровото исповедање на верата ( Мт 16,13-20 ; Лк 9,18-21 ) 27 И излезе Исус со учениците Свои по селата на Кесарија Филипова. По патот ги праша учениците Свои и им рече: „Што велат луѓето, Кој сум Јас?“ 28 Тие одговорија: „Јован Крстител, некои Илија, а други, пак, некој од пророците.“ 29 Тој, пак, им рече: „А вие, што велите, Кој сум Јас?“ Петар Му одговори и рече: „Ти си Христос!“ 30 И им заповеда никому да не говорат за Него. Исус ја навестува Својата смрт и воскресение ( Мт 16,21-23 ; Лк 9,22 ) 31 Па почна да ги учи дека Синот Човечки треба многу да пострада, да биде отфрлен од старешините, првосвештениците и книжниците, и да биде убиен и по третиот ден да воскресне. 32 И говореше за тоа отворено. Но Петар, Го повлече насамо и почна да Го одвраќа. 33 А Тој, кога се заврте и ги погледна учениците Свои, му забрани на Петар да говори и рече: „Бегај од Мене, сатано! Зашто не мислиш на она што е Божјо, туку на она што е човечко!“ Патот на Исусовите следбеници ( Мт 16,24-28 ; Лк 9,23-27 ) 34 И кога го повика народот и учениците Свои, им рече: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене. 35 Зашто, кој сака да го спаси својот живот, ќе го загуби; а кој го загуби животот свој заради Мене и Евангелието, тој ќе го спаси. 36 Зашто каква полза има човек, ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости? 37 Или каков откуп ќе даде човек за својата душа? 38 Зашто, кој се срами од Мене и од зборовите Мои во овој прељубодеен и грешен род, и Синот Човечки ќе се срами од него, кога ќе дојде во славата на Својот Отец со светите ангели.“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society