Марко 16 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)Христовото воскресение ( Мт 28,1-8 ; Лк 24,1-12 ; Јн 20,1-10 ) 1 Штом мина саботата, Марија Магдалена, Марија Јаковова и Саломија купија мириси, за да дојдат и да Го помазаат Исуса. 2 И во првиот ден од седмицата, дојдоа на гробот многу рано, кога изгреваше сонцето, 3 па си зборуваа меѓу себе: „Кој ќе ни го одвали каменот од вратата на гробот?“ 4 И кога погледнаа, видоа дека каменот е одвален, а тој беше многу голем. 5 Штом влегоа во гробот, видоа еден млад човек, облечен во бели алишта, како седи од десната страна; и се уплашија. 6 А тој им рече: „Не плашете се! Вие Го барате Исус од Назарет, Распнатиот. Тој воскресна, не е овде! Еве го местото каде што го положија. 7 Но одете, кажете им на учениците Негови и на Петар дека Тој пред вас ќе отиде во Галилеја; таму ќе Го видите, како што ви беше рекол.“ 8 Па, штом излегоа, побегнаа од гробот, зашто ги опфати страв и ужас, и никому ништо не рекоа, зашто се плашеа. Исус ѝ се јавува на Марија Магдалена ( Мт 28,9-10 ; Јн 20,11-18 ) 9 А Исус, кога воскресна во првиот ден од седмицата, ѝ се јави најнапред на Марија Магдалена, од која беше истерал седум демони. 10 Таа отиде и им јави на оние, што беа со Него и што плачеа и ридаа. 11 Но тие, кога чуја дека е Тој жив и дека таа Го видела, не поверуваа. Исус им се појавува на двајца ученици ( Лк 24,13-35 ) 12 Потоа им се јави во друг лик на двајца од нив по пат, кога одеа в село. 13 И штом се вратија, тие им кажаа на другите; но и ним не им поверуваа. Исус им се појавува на единаесетмината Свои ученици ( Мт 28,16-20 ; Лк 24,36-49 ; Јн 20,19-23 ; Дела 1,6-8 ) 14 Најпосле им се јави на единаесетте, кога беа на трпеза, и ги укори за нивното неверие и тврдокорност, зашто не им поверуваа на оние, кои Го видоа воскреснат. 15 Па им рече: „Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание. 16 Кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен; а кој не поверува, ќе биде осуден. 17 А знаците, на оние што ќе поверуваат, ќе им бидат овие: со Моето име ќе истеруваат демони; ќе говорат нови јазици; 18 ќе фаќаат змии в раце и ако нешто смртоносно испијат, нема да им наштети; на болни ќе полагаат раце и тие ќе оздравуваат.“ Исусовото вознесение ( Лк 24,50-53 ; Дела 1,9-11 ) 19 А откако им го рече ова, Господ се вознесе на небо и седна од десната страна на Бога. 20 Тие, пак, отидоа и проповедаа насекаде; и Господ им помагаше и им го поткрепуваше словото нивно со чуда, што се јавуваа. Амин! |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society