Марко 11 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)Свеченото влегување во Ерусалим ( Мт 21,1-11 ; Лк 19,28-40 ; Јн 12,12-19 ) 1 И кога се приближи до Ерусалим, во Витфагија и Витанија, кај Маслиновата Гора, испрати Исус двајца од учениците Свои, 2 и им рече: „Одете во селоно, што е наспроти вас, па штом ќе влезете во него, ќе најдете врзано младо магаре, што ниеден човек не го јавал; одврзете го и доведете го! 3 И, ако ви рече некој: ‚Зошто го правите тоа?‘ Кажете дека Му е потребно на Господа; и тој веднаш ќе го прати тука.“ 4 Тие отидоа и го најдоа младото магаре, врзано за портата однадвор, на крстопатот и го одврзаа. 5 И некои од оние, што стоеја таму, им рекоа: „Што правите? Зошто го одврзувате магарето?“ 6 А овие им одговорија, како што им беше заповедал Исус и тие ги оставија. 7 И го доведоа младото магаре кај Исус, ги кладоа врз него алиштата свои и Тој седна на него. 8 И мнозина ги постилаа своите облеки по патот. А други, пак, сечеа гранчиња од дрвјата и ги постилаа по патот. 9 А оние, што одеа пред Него и по Него, викаа и велеа: „Осана! Благословен е Оној што доаѓа во името Господово! 10 Благословено е царството на нашиот татко Давид, кое иде во името Господово! Осана во висините!“ 11 И влезе Исус во Ерусалим, во храмот, разгледа сѐ, па, бидејќи веќе беше доцна, излезе и отиде со дванаесетмината во Витанија. Смоквата што не дава плод ( Мт 21,18-19 ) 12 А утредента, кога излегоа од Витанија, Тој огладне; 13 и откако оддалеку виде една смоква, покриена со лисја, се приближи, не би ли нашол нешто на неа; но, кога се доближи до неа, не најде ништо освен лисја, зашто уште не беше времето за смокви. 14 И проговори Исус и ѝ рече: „Отсега никој довека да не вкуси плод од тебе!“ И го чуја тоа учениците Негови. Исус во храмот ( Мт 21,12-17 ; Лк 19,45-47 ; Јн 2,13-22 ) 15 И пак дојдоа во Ерусалим. И откако влезе Исус во храмот, почна да ги брка оние, што продаваа и купуваа во храмот, и им ги преврте масите на менувачите на пари и столовите на оние, што продаваа гулаби; 16 и не дозволуваше никој преку храмот да пренесе каков и да било сад. 17 И ги поучуваше, велејќи: „Не е ли напишано: ‚Домот Мој, дом за молитва на сите народи ќе се нарече‘? А вие од него направивте разбојничко гнездо!“ 18 И кога го чуја тоа книжниците и првосвештениците, гледаа како да Го погубат, бидејќи се плашеа од Него, зашто сиот народ се восхитуваше на Неговото учење. 19 А кога се стемни, Тој излезе надвор од градот. Лекција за смоквата ( Мт 21,20-22 ) 20 Утредента, минувајќи, ја видоа смоквата исушена откорен. 21 И кога се сети, Петар Му рече: „Рави, погледај! Смоквата, што ја проколна, се исушила!“ 22 А Исус им одговори и рече: 23 „Имајте вера во Бога. Зашто, вистина ви велам, ако некој ѝ рече на оваа планина: ‚Дигни се и фрли се в море!‘ и не се посомнева во срцето свое, туку поверува дека ќе биде како што рекол, ќе му се исполни, што и да каже. 24 Затоа ви велам: сѐ што ќе побарате во молитва, верувајте дека ќе го добиете – и ќе ви биде. 25 И кога стоите на молитва, простувајте, ако имате нешто против некого, па и вашиот Отец, Кој е на небесата, да ви ги прости вашите грешки. 26 Ако ли, пак, вие не простувате, и вашиот Отец, Кој е на небесата, нема да ви ги прости грешките ваши.“ Исусовата власт ( Мт 21,23-27 ; Лк 20,1-8 ) 27 И пак дојдоа во Ерусалим; а кога одеше низ храмот, пријдоа до Него првосвештениците, книжниците и старешините, 28 па Му рекоа: „Со каква власт го правиш тоа? Или, кој Ти ја дал таа власт, да го правиш ова?“ 29 Исус им одговори и рече: „Ќе ве прашам и Јас за нешто и одговорете Ми, а потоа и Јас ќе ви кажам, со каква власт го вршам ова. 30 Крштевањето Јованово од небото ли беше, или од луѓето? Одговорете Ми!“ 31 А тие си мислеа во себе и велеа: „Ако кажеме ‚Од небото‘ – ќе рече: ‚Па зошто не му поверувавте?‘ 32 Но, ако кажеме, ‚Од луѓето‘“ – се плашеа од народот; зашто сите го сметаа Јован за вистински пророк. 33 И одговарајќи Му на Исус, рекоа: „Не знаеме.“ А Исус им одговори и рече: „Ниту јас не ви кажувам, со каква власт го вршам ова.“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society