Марко 1 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)Улогата на Јован Крстител ( Мт 3,1-12 ; Лк 3,1-18 ; Јн 1,19-28 ) 1 Почеток од Евангелието на Исус Христос, Син Божји. 2 Како што е напишано кај пророците: „Еве, Јас го испраќам пред лицето Твое Мојот ангел, кој ќе го подготви Твојот пат пред Тебе: 3 ‚Гласот на оној, што вика во пустината: подгответе го патот на Господа, израмнете ги патеките Негови.‘“ 4 Се јави Јован, крштевајќи во пустината и проповедајќи покајно крштевање за проштевање на гревовите. 5 И доаѓаа кај него од целата Јудејска земја и од Ерусалим, и сите се крштеваа од него во реката Јордан, исповедувајќи ги своите гревови. 6 А Јован носеше облека од камилски влакна и појас од кожа околу половината своја, и јадеше скакулци и див мед. 7 Тој проповедаше, велејќи: „По мене иде Посилниот од мене, на Кого не сум достоен да се наведнам и да Му ги одврзам ремењата од обувките Негови. 8 Јас ве крстив со вода, а Тој ќе ве крсти со Дух Свети.“ Исусовото крштевање ( Мт 3,13 ; Лк 3,21-22 ) 9 А во оние дни дојде Исус од Назарет Галилејски и се крсти од Јован во Јордан. 10 И кога излегуваше од водата, веднаш виде како се отвораат небесата, и Духот, во вид на гулаб, како слегува над Него. 11 И се чу глас од небесата: „Ти си Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја.“ Исусовото искушување во пустината ( Мт 4,1-11 ; Лк 4,1-13 ) 12 Веднаш потоа Духот Го изведе во пустината. 13 И беше таму, во пустината, четириесет дни искушуван од сатаната; беше со ѕверови и ангелите Му служеа. Исус го проповеда Евангелието во Галилеја ( Мт 4,12-17 ; Лк 4,14-15 ) 14 А потоа, откако Јован беше предаден, дојде Исус во Галилеја и го проповедаше Евангелието за царството Божјо, 15 и велеше: „Времето се исполни и царството Божјо наближи; покајте се и верувајте во Евангелието.“ Повик до четирите рибари ( Мт 4,18-22 ; Лк 5,1-3 . 10-11 ) 16 И, одејќи покрај Галилејското Море, Исус го виде Симон и брат му Андреј како фрлаат мрежа во морето, зашто беа рибари. 17 Исус им рече: „Врвете по Мене и Јас ќе ве направам ловци на луѓе!“ 18 И тие веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него. 19 Па, штом одмина малку, го виде Јаков Заведеев и брат му Јован, исто така во кораб како ги крпат мрежите; 20 веднаш ги повика и нив. И тие, откако го оставија татка си Заведеј во коработ со наемниците, тргнаа по Него. Исус во Капернаум ( Лк 4,31-37 ) 21 И дојдоа во Капернаум; и веднаш во саботата Тој влезе во синагогата и поучуваше. 22 И се чудеа на Неговата наука, зашто Тој ги учеше како Оној што има власт, а не како книжниците. 23 Имаше во синагогата нивна човек со нечист дух, и извика, 24 говорејќи: „Што имаш Ти со нас, Исусе од Назарет! Си дошол ли да нѐ погубиш? Те знам Кој си Ти, Светец Божји!“ 25 Но Исус му заповеда, велејќи: „Замолкни и излези од него!“ 26 Тогаш го стресе нечистиот дух, па извика со силен глас и излезе од него. 27 И се ужаснаа сите, така што еден со друг се прашуваа и велеа: „Што е ова!? И како е ова ново учење, што со власт и на нечистите духови им заповеда, и тие Му се покоруваат!“ 28 И веднаш се разнесе глас за Него по целиот Галилејски крај. Исцелување на тештата на Симон ( Мт 8,14-17 ; Лк 4,38-39 ) 29 Штом излегоа од синагогата, дојдоа со Јаков и Јован во куќата на Симон и Андреј. 30 А тештата на Симон лежеше од треска; и веднаш Му јавија за неа. 31 Тој пристапи, ја фати за рака и ја подигна; и треската веднаш ја остави; и таа им служеше. Исус исцелува мнозина ( Мт 4,24 ; 8,16-17 ; Лк 4,40-41 ) 32 А приквечер, кога заоѓаше сонцето, кај Него донесуваа секакви болни и бесомачни. 33 И целиот град се беше собрал пред портата. 34 И излекува многу болни што страдаа од разни болести; истера многу демони и не им дозволуваше на демоните да зборуваат, дека знаат оти Тој е Христос. Исус во Галилеја ( Мт 4,23 ; Лк 4,42-44 ) 35 А утредента, во темни зори, стана, излезе и отиде на пусто место и таму се молеше. 36 А Симон, и оние што беа со Него, тргнаа да Го бараат; 37 па, кога Го најдоа, Му рекоа: „Сите Те бараат!“ 38 А Тој им рече: „Да појдеме до блиските села и градови, и таму да проповедам, зашто затоа сум дошол.“ 39 И проповедаше во нивните синагоги, по цела Галилеја и изгонуваше демони. Исус исцелува лепрозен ( Мт 8,1-4 ; Лк 5,12-16 ) 40 И дојде кај Него еден лепрозен, па, молејќи Го, падна пред Него и Му рече: „Ако сакаш, можеш да ме очистиш.“ 41 А Исус, кога се смилува, протегна рака, се допре до него и му рече: „Сакам! Очисти се!“ 42 И штом го рече тоа, се изгуби лепрата од него, и тој стана чист; 43 Па, откако го отпушти, му заповеда, 44 и му рече: „Гледај, никому ништо да не кажуваш; но оди, покажи му се на свештеникот и принеси дар за очистување, како што заповедал Мојсеј – ним за сведоштво.“ 45 А тој, штом излезе, почна да раскажува многу и да разгласува, така што Исус не можеше јавно да влезе во градот, а се задржуваше надвор, во осамени места. И доаѓаа кај Него отсекаде. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society