Online Bible

- Reklamy -

Лука 6 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Исус и саботата
( Мт 12,1-8 ; Мк 2,23-28 )

1 Во втората сабота по Пасха се случи да мине низ посевите, учениците Негови кинеа класје и, триејќи ги со раце, јадеа.

2 А некои од фарисеите им рекоа: „Зошто го правите тоа што не е до­пуш­тено да се прави во сабота?“

3 Исус им одговори и рече: „Зар не сте читале што направи Давид кога ог­ладне, тој и оние што беа со него?

4 Како влезе во домот Божји, ги зеде лебовите на предложението, што не е допуштено да ги јаде никој освен свеш­тениците, па јадеше, и им даде на оние што беа со него!“

5 И им рече: „Синот Човечки е господар и на саботата.“


Човекот со исушена рака
( Мт 12,9-21 ; Мк 3,1-6 )

6 Се случи и другата сабота да влезе во синагогата и да поучува; а таму има­ше еден човек, кому десната рака му беше исушена.

7 Книжниците и фарисеите внимаваа на Него, дали ќе го излекува во сабота, за да најдат причина да Го обвинат.

8 Но Тој ги знаеше нивните помисли и му рече на човекот со исушената рака: „Подигни се и застани насреде!“ И тој се подигна и застана.

9 Тогаш им рече Исус: „Ќе ве за­пра­шам: што е дозволено во сабота – да се прави добро или да се прави зло? Да се спаси една душа или да се погуби?“ А тие молчеа.

10 Па, откако ги изгледа сите, му рече на човекот: „Протегни ја раката своја!“ Тој направи така; и раката му стана здрава како другата.

11 А тие се исполнија со гнев и се советуваа меѓу себе што да Му направат на Исус.


Исус одбира дванаесет апостоли
( Мт 10,1-4 ; Мк 3,7-19 )

12 Тие денови се искачи на една гора за да се помоли, и ја помина целата ноќ во молитва кон Бога.

13 А кога настана ден, ги повика уче­ниците Свои и од нив избра дванаесет, кои ги нарече апостоли:

14 Симон, кому што му даде име Пе­тар, и брат му Андреј, Јаков и Јован, Филип и Вартоломеј,

15 Матеј и Тома, Јаков Алфеев и Си­мон, наречен Зилот.

16 Јуда Јаковов и Јуда Искариотски, кој стана предавник.


Исус и народот
( Мт 4,24-25 ; Мк 3,7-11 )

17 Па откако слезе заедно со нив, Тој се задржа на едно рамно место; беа та­му и мнозина Негови ученици и многу луѓе од цела Јудеја и Ерусалим и од приморјето Тирско и Сидонско.

18 Тие беа дојдени да Го слушаат и да се исцелат од болестите свои, а и оние што страдаа од нечисти духови беа из­лечени.

19 И сиот народ сакаше да се допре до Него, зашто од Него излегуваше сила и ги лекуваше сите.


За блажените
( Мт 5,1-12 )

20 А Тој, откако ги подигна очите кон учениците Свои, им говореше: „Бла­же­ни се бедните по дух, зашто ваше е царството Божјо!

21 Блажени сте вие, што сега гладува­те, зашто ќе се наситите! Блажени сте вие, кои сега плачете, зашто ќе се сме­ете!

22 Блажени ќе бидете кога ќе ве намразат луѓето и ќе ве отфрлат и ќе ви на­несат срам, и ќе го разгласат името ва­ше како лошо, заради Синот Чо­вечки!

23 Зарадувајте се во оној ден и заиграј­те, зашто голема е наградата ваша на небото. Зашто и нив­ните тат­ковци така постапуваа со пророците!

24 Но тешко вам богати, зашто веќе сте ја примиле својата утеха!

25 Тешко вам презаситени сега, зашто ќе огладните! Тешко вам што се смеете сега, зашто ќе заридате и ќе заплачете!

26 Тешко вам кога ќе почнат сите луѓе да зборуваат добро за вас. Зашто и нив­ните татковци така им правеа на лаж­ните пророци!


Љубов кон непријателите
( Мт 5,38-48 )

27 Но вам, што слушате, вам ви велам: љубете ги непријателите свои; правете им добро на оние што ве мразат;

28 благословувајте ги оние што ве колнат, молете се за оние што ве навредуваат!

29 На оној што ќе те удри по едниот образ, заврти му го и другиот; а на оној што сака да ти ја земе наметката, подај му ја и кошулата.

30 Секому, кој ти бара, подај; од оној што зема од тебе нешто, не сакај да ти врати!

31 Па, како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив!

32 И ако ги љубите оние што вас ве љу­бат, каква ви е благодарноста? Заш­то и грешниците ги љубат оние што нив ги љубат.

33 И ако им правите добро на оние што вам ви прават добро, каква ви е благодарноста? Зашто и грешниците го прават истото.

34 И ако им дадете заем на оние од кои се надевате дека ќе ви го вратат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците им даваат заем на грешници за да им се врати истото.

35 Туку вие љубете ги непријателите ваши и чинете добро, и на заем давајте, не очекувајќи ништо. Така, ќе биде голема наградата ваша и ќе бидете си­нови на Севишниот; зашто Тој е добар кон неблагодарните и кон лошите.


Милосрдност кон ближниот
( Мт 5,48 ; 7,1-12 ; 15,14 ; 10,24-25 ; 7,3-5 )

36 И така, бидете милосрдни како што е милосрден вашиот Отец.“

37 „Не судете и нема да бидете судени, и не осудувајте, за да не бидете осудени; проштевајте и ќе ви биде простено;

38 давајте и ќе ви се даде: мерка добра, набиена, натресена и преполна ќе ви да­дат во пазувите ваши; зашто со каква мерка ме­рите, со таква и ќе ви се мери.“

39 И им кажа парабола: „Може ли слеп да води слеп? Зарем нема и обајцата да паднат во јама?

40 Нема ученик поголем од својот учител; но секој што ќе се усоврши, ќе биде како и учителот негов.

41 И зошто ја гледаш раската во окото на својот брат, а гредата во своето око не ја забележуваш?

42 Или, како можеш да му кажеш на својот брат: дозволи, брате, да ти ја из­вадам раската од окото твое, кога сам не ја гледаш гредата во своето око? Ли­цемере, извади ја најнапред гредата од своето око, па тогаш ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на својот брат.“


Вистинскиот ученик
( Мт 7,16-21 ; 12,33-37 )

43 „Зашто, нема добро дрво што дава лош плод, ниту лошо дрво, што дава до­бар плод.

44 Секое, пак, дрво се познава според својот плод; бидејќи не се берат смокви од трње, ниту се бере грозје од капина.

45 Добриот човек од добрата ризница на своето срце изнесува добро, а ло­ши­от човек од лошата ризница на своето срце изнесува лошо, зашто него­ва­та ус­та го зборува она со што му е ис­полнето срцето.“


Две куќи
( Мт 7,21-27 )

46 „И зошто Ме довикувате: ‚Господи, Господи!‘ а не го извршувате она што ви го кажувам?

47 Ќе ви кажам на кого прилега секој што доаѓа кај Мене, ги слуша зборовите Мои, и ги исполнува.

48 Тој прилега на човек кој градел ку­ќа, па копал длабоко, и поставил темели на камен; а кога настана поплава, реката напна на таа куќа и не можеше да ја помести, зашто беше основана на ка­мен.

49 А оној што слуша и не исполнува, прилега на човек што изградил куќа на земја, без темели; и кога напна реката, веднаш падна, и разурнувањето на таа куќа беше големо.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy