Лука 24 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)Исусовото воскресение ( Мт 28,1-10 ; Мк 16,1-8 ; Јн 20,1-10 ) 1 Во првиот ден на седмицата, многу рано, тие дојдоа на гробот, носејќи ги приготвените мириси, а со нив беа и некои други жени 2 Но ја најдоа плочата иставена на гробот. 3 И кога влегоа, не го најдоа телото на Господ Исус. 4 И додека се чудеа на тоа, одеднаш пред нив застанаа двајца мажи во светли облеки; 5 тие се уплашија и ги наведнаа лицата кон земјата, а овие им рекоа: „Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите? 6 Тој не е овде, а воскресна; сетете се како ви рече, додека беше уште во Галилеја, 7 говорејќи дека Синот Човечки треба да биде предаден во рацете на луѓе грешници и да биде распнат, и на третиот ден да воскресне.“ 8 И се сетија на Неговите зборови. 9 Па штом се вратија од гробот, им го соопштија сето тоа на единаесетте и на сите други. 10 А тие беа Марија Магдалена, и Јоана, и Марија Јаковова заедно со другите, кои им го кажаа тоа на апостолите. 11 И нивните зборови им изгледаа како бесмислица, и не им поверуваа. 12 Но Петар стана и отиде бргу до гробот, па кога се наведна, го виде внатре само повојот. И се врати, чудејќи се сам во себе заради она што се случило. На патот кон Емаус ( Мк 16,12-13 ) 13 Во истиот ден двајца од нив одеа во едно село, по име Емаус, кое беше оддалечено од Ерусалим шеесет стадии. 14 И зборуваа меѓу себе за сите овие настани. 15 И додека разговараа и се расправаа еден со друг, Самиот Исус се приближи и одеше со нив; 16 но очите им се замрежија за да не Го познаат. 17 А Тој им рече: „Какви се тие зборови што ги разменувате меѓу себе одејќи и зошто сте нажалени?“ 18 Едниот од нив, по име Клеопа, Му одговори и рече: „Единствен туѓинец ли си ти во Ерусалим, та не си разбрал што се случи во него овие дни?“ 19 И го праша: „Што?“ Тие Му одговорија: „За Исус од Назарет, Кој беше пророк, силен на дело и на слово, пред Бога и пред сиот народ; 20 Како нашите првосвештеници и началници Го предадоа да биде осуден на смрт и Го распнаа; 21 а ние се надевавме дека е Тој Оној што треба да го избави Израил; но и покрај сето тоа, денес е веќе трет ден, откако се случи ова. 22 А и некои жени од нашите нѐ запрепастија; тие биле рано на гробот, 23 и не го нашле телото Негово; и кога се вратија, рекоа дека им се јавиле ангели и дека им кажале дека е Тој жив. 24 Отидоа на гробот и некои од нашите и го најдоа истото она, како што рекоа жените; но Него не Го виделе.“ 25 Тогаш им рече: „О, безумни! Срцето ви е споро за да поверувате во сѐ што рекле пророците! 26 Не требаше ли така да пострада Христос и да влезе во Својата слава?“ 27 Па, како почна од Мојсеј и од сите пророци, им разјаснуваше што е кажано за Него во сите Писма. 28 И тие се приближија до селото во кое одеа; а Тој се направи како да сака да продолжи. 29 Но тие Го задржаа, велејќи: „Остани со нас, зашто денот одмина и наскоро ќе се стемни!“ Тој влезе и остана со нив. 30 А кога седеше со нив на трпеза, зеде леб, го благослови, го прекрши и им подаде. 31 Тогаш им се отворија очите и тие Го познаа; но Тој стана невидлив за нив. 32 И си рекоа еден на друг: „Зар не гореа во нас срцата наши, кога ни зборуваше по патот и кога ни го објаснуваше Писмото?“ 33 Па во истиот час станаа, се вратија во Ерусалим и ги најдоа собрани Единаесетте и они кои беа со нив, 34 каде што говореа дека Господ навистина воскреснал и му се јавил на Симон. 35 И тие кажаа за она што им се случи по патот и како Го познаа, кога го прекршувал лебот. Појавување пред учениците ( Мт 28,16-20 ; Мк 16,14-18 ; Јн 20,19-23 ; Дела 1,6-8 ) 36 Додека тие уште зборуваа за тоа, Самиот Исус застана сред нив и им рече: „Мир вам!“ 37 А тие, така се уплашија и бидејќи застрашени, помислија дека гледаат дух. 38 Но Тој им рече: „Што сте збунети и зошто такви мисли влегуваат во срцата ваши? 39 Видете ги рацете Мои и нозете Мои: Јас сум Истиот; допрете се до Мене и гледајте; зашто духот нема тело и коски, а, како што гледате, Јас имам.“ 40 А кога го рече тоа, им ги покажа рацете и нозете. 41 Но, додека тие од радост уште не веруваа и се чудеа, Тој им рече: „Имате ли овде нешто за јадење?“ 42 Тие Му дадоа парче печена риба и мед со саќе. 43 И кога зеде, јадеше пред нив. 44 Па им рече: „Ете, ова се зборовите што ги говорев уште додека бев со вас, зашто треба да се исполни сѐ што е напишано за Мене во Законот Мојсеев и кај Пророците, и во Псалмите.“ 45 Тогаш им го отвори умот за да ги разбираат Писмата, 46 и им рече: „Така е напишано и така требаше да пострада Христос и да воскресне од мртвите на третиот ден, 47 и да биде проповедано во Негово име покајание и проштевање на гревовите кај сите народи, почнувајќи од Ерусалим; 48 а вие сте сведоци за ова. 49 И ете, Јас ќе го испратам врз вас ветувањето од Мојот Отец; а вие останете во градот Ерусалим, додека не се облечете во сила одозгора.“ Христовото вознесение ( Мк 16,19-20 ; Дела 1,9-11 ) 50 И ги изведе надвор до Витанија, па кога ги подигна рацете, ги благослови. 51 И додека ги благословуваше, се оддели од нив и се вознесе на небото; 52 тие Му се поклонија и се вратија во Ерусалим со голема радост. 53 И беа постојано во храмот, каде што Го прославуваа и благословуваа Бога. Амин! |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society