Online Bible

- Reklamy -

Лука 22 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Заговорот против Исус
( Мт 26,1-5 ; 14,16 ; Мк 14,1-2 . 10-11 )

1 Се приближуваше празникот Бесквасници, наречен Пасха;

2 а првосвештениците и книжниците бараа начин како да Го погубат, зашто се плашеа од народот.

3 И влезе сатаната во Јуда, наречен Искариотски, кој беше вброен меѓу Двана­есетмината.

4 И кога отиде, се договори со прво­свештениците и началниците, како да им Го предаде.

5 Тие се зарадуваа и се спогодија со него да му дадат сребреници.

6 Тој вети и бараше погодно време, да им Го предаде без присуство на наро­дот.


Приготвување на Пасхалната Вечера
( Мт 26,17-20 ; Мк 14,12-21 ; Јн 13,21-30 )

7 Дојде денот Бесквасници, кога тре­баше да се заколе пасхалното јагне;

8 па ги испрати Исус Петар и Јован и им рече: „Одете и пригответе ни пас­ха, за да јадеме!“

9 А тие Му рекоа: „Каде сакаш да приготвиме?“

10 Тој им рече: „Ете, кога ќе влезете в град, ќе ве сретне човек што носи стомна со вода; одете по него во куќата, каде што ќе влезе,

11 и кажете му на домаќинот од ку­ќата: ‚Учителот ти вели: каде е собата, во која треба да јадам пасха со уче­ниците Свои?‘

12 И тој ќе ви покаже голема одаја, послана; таму пригответе.“

13 Кога отидоа, најдоа како што им бе­ше рекол и ја приготвија пасхата.


Последната вечера
( Мт 26,26-30 ; Мк 14,22-26 ; 1 Кор 11,23-25 )

14 А кога дојде времето, Тој седна на трпезата и дванаесетмината со него.

15 И им рече: „Од сѐ срце сакав да ја јадам оваа Пасха со вас, пред да пос­тра­дам;

16 зашто, ви велам: нема веќе да јадам од неа, сѐ додека таа не се исполни во царството Божјо.“

17 И откако ја зеде чашата, заблагодари и рече: „Земете и разделете ја меѓу себе,

18 зашто, ви велам, нема повеќе да пијам од лозовиот плод, додека не дојде цар­ството Божјо.“

19 Потоа зеде леб и заблагодари, го прекрши и им даде, велејќи: „Ова е Мо­ето тело, што се дава за вас; правете го ова за Мој спомен!“

20 Исто така и со чашата, по вечерата, велејќи: „Оваа чаша е Новиот завет во Мојата крв, која се пролева за вас.


Најавување на предавството
( Мт 26,20-25 ; Мк 14,17-21 )

21 Но, ете, раката на оној што Ме предава е со Мене на трпезава.

22 Синот Човечки, пак, заминува, спо­ред она што е определено, но тешко му на оној човек, што ќе Го предаде.“

23 И почнаа да се прашуваат меѓу се­бе, кој ли ќе е од нив што ќе го направи тоа?


Кој е поголем?
( Мт 18,1 ; 20,25-28 ; Мк 9,34 ; 10,42-45 )

24 А се појави меѓу нив и расправија, кој од нив да се смета за поголем.

25 Но Тој им рече: „Царевите владеат над народите, а оние што управуваат над нив се викаат добротвори.

26 Вие, пак, немојте така; но пого­ле­миот меѓу вас да биде како најмалиот и тој, што е старешина, да биде како слу­га.

27 Зашто кој е поголем, тој што седи на трпеза, или оној што послужува? Зар не е оној што седи? А Јас сум меѓу вас како слуга.

28 Но вие сте оние што издржавте со Мене во Моите искушенија,

29 и Јас ви ветувам, како што Ми вети Мојот Отец, царство,

30 за да јадете и да пиете на трпезата Моја во царството Мое, и да седнете на престоли и да им судите на дванаесетте Израилеви колена.“


Претскажување на Петровото откажување
( Мт 26,31-35 ; Мк 14,27-31 ; Јн 13,36-38 )

31 И рече Господ: „Симоне, Симоне, ете, сатаната посака да ве сее како пче­ница;

32 но Јас се молев за тебе за да не се изгуби твојата вера; а ти кога ќе се обратиш, укрепи ги браќата свои!“

33 А тој Му одговори: „Господи, готов сум да одам со Тебе и в затвор, и во смрт.“

34 Но Тој му рече: „Ти велам, Петре, нема денес да запее петелот, додека ти трипати не одречеш дека Ме познаваш.“


Ќесе, торба и меч

35 Па им рече: „Кога ве праќав без ќесе, и без торба, и без обувки, дали ви недостасуваше нешто?“ Тие одговорија: „Ништо.“

36 И им рече: „Но сега, кој има ќесе, нека си го земе, исто така и торба; а кој нема, нека си ја продаде облеката и нека си купи нож;

37 зашто, ви велам, на Мене треба да се исполни и ова од Писмото: ‚И меѓу злосторници Го вброија.‘ Зашто она што се однесува за Мене, се исполнува.“

38 А тие рекоа: „Господи, еве овде има два ножа.“ Тој им одговори: „Доволни се.“


Молитва на Маслиновата Гора
( Мт 26,36-46 ; Мк 14,32-42 )

39 И кога излезе, тргна, како обично, кон Маслиновата Гора; по Него одеа и уче­ниците Негови.

40 А штом дојде на тоа место, им рече: „Молете се за да не паднете во иску­ше­ние!“

41 И Тој се одвои од нив, колку камен што може да се дофрли, па откако ги преклони ко­лената и се молеше,

42 велејќи: „Оче, кога би сакал да ја тргнеш оваа чаша од Мене! Но нека не биде мојата волја, туку Твојата!“

43 И му се јави ангел од небото и Го поткрепуваше.

44 Па, бидејќи се наоѓаше во внатреш­на борба, поусрдно се молеше, а потта Му беше како капки крв, што паѓаа на земјата.

45 Штом стана од молитвата, дојде кај учениците Свои и ги најде заспани од тага.

46 И им рече: „Зошто спиете? Станете и молете се за да не паднете во иску­шение!“


Јудиното предавство
( Мт 26,47-56 ; Мк 14,43-50 ; Јн 18,3-11 )

47 И уште додека Тој зборуваше, ете, се појави мноштво луѓе и еден од Дванаесетмината, наречен Јуда, одеше пред нив; и Му приде на Исус да Го целива. Зашто таков знак им беше дал: „Кого ќе Го целивам, Тој е.“

48 А Исус му рече: „Јудо, со целив ли Го предаваш Синот Човечки?“

49 Оние, пак, што беа со Него, кога ви­доа што ќе стане, Му рекоа: „Господи, да удриме ли со нож?“

50 И еден од нив го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече десното уво.

51 А Исус одговори и рече: „Оставете го тоа, запрете!“ Па го допре увото не­гово и го исцели.

52 А на првосвештениците и храмов­ните управници и на стареши­ни­те, што беа дошле против Него, Исус им рече: „Како на разбојник ли сте из­легле со мечеви и стапови за да Ме фатите?

53 Секој ден бев со вас во храмот и не кренавте рака на Мене, но сега е ваше­то време и власта на темнината.“


Петровото откажување
( Мт 26,57-58 . 69-75 ; Мк 14,53-54 . 66-72 ; Јн 18,12-18 . 25-27 )

54 И кога Го фатија, Го поведоа и во­ведоа во домот на првосвештеникот. А Петар оддалеку одеше по Него.

55 Кога запалија оган насреде дворот и седнаа заедно, седна и Петар меѓу нив.

56 А една слугинка, штом го виде како седи покрај огнот, погледна на него и рече: „И овој беше со Него!“

57 Но тој се одрече од Него, велејќи: „Жено, не Го познавам!“

58 Малку потоа го виде еден друг и рече: „И ти си од нив!“ Но Петар му рече: „Човеку, не сум!“

59 А кога мина време околу еден час, еден друг човек почна да тврди, збору­вај­ќи: „Навистина, и овој беше со Него, зашто е Галилеец!“

60 Но Петар рече: „Човеку, не знам што зборуваш!“ И одеднаш, уште додека говореше, запеа петел.

61 Тогаш Господ се заврти и го пог­ледна Петар, а Петар се сети на Гос­по­довите зборови што Му ги беше рекол: „Уште додека петел не пропее, трипати ќе се одречеш од Мене.“

62 И штом излезе надвор, заплака гор­ко.


Првите измачувања
( Мт 26,67-68 ; Мк 14,65 )

63 А луѓето, што го држеа Исус, Му се потсмеваа и Го тепаа.

64 Па, откако Го покрија, Го удираа по лицето, и го прашуваа, велејќи: „Про­речи кој Те удри?“

65 И многу други хули рекоа против Него.


Исус пред Синедрионот
( Мт 26,59-66 ; Мк 14,55-64 ; Јн 18,19-24 )

66 А кога се раздени, се собраа ста­ре­шините народни, првосвештени­ците и книжниците и Го одведоа во својот Си­недрион,

67 и рекоа: „Ако си Ти Христос, кажи ни!“ Но Тој им одговори: „И ако ви ка­жам, навистина нема да поверувате.

68 А ако ве запрашам, нема да Ми одговорите, ниту ќе Ме пуштите

69 Отсега Синот Човечки ќе седи од­дес­но на силата Божја.“

70 И сите рекоа: „Ти ли си, значи, Синот Божји?“ А Тој им рече: „Вие ве­лите дека сум Јас.“

71 А тие рекоа: „Какво сведоштво ни треба уште? Ние сами чувме од Не­го­вата уста.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy