Online Bible

- Reklamy -

Лука 21 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


За дарот од една вдовица
( Мк 12,41-44 )

1 Кога ги подигна очите, виде како богатите ги пуштаат сво­ите прилози во ризницата на храмот.

2 Виде исто така и една бедна вдовица, која пушти таму две лепти,

3 па рече: „Вистина ви велам, оваа бедна вдовица од сите повеќе приложи;

4 сите овие дадоа прилози на Бога од својот вишок; таа, пак, пушти од својата немаштија – сиот имот што го има­ше.“


Исус го најавува разурнувањето на храмот
( Мт 24,1-2 ; Мк 13,1-2 )

5 И додека некои зборуваа за храмот, дека е украсен со убави камења и заветни дарови, Тој им рече:

6 „Ќе дојде време во кое од сето ова што го гледате нема да остане ниту камен, што не ќе биде урнат.“


Блиски и далечни знаци на Судот
( Мт 24,3-8 ; Мк 13,3-8 )

7 И Го прашаа, говорејќи: „Учителе, а кога ќе биде тоа и каков е знакот дека тоа почнува да се случува?“

8 Тој рече: „Внимавајте да не ве прелажат! Зашто мнозина ќе дојдат под Мое име и ќе зборуваат дека сум Јас, и дека времето се приближи. Но, не одете по нив!

9 А кога ќе чуете за војни и бунтови, не плашете се; сето тоа треба најнапред да се случи, но крајот е вед­наш.“

10 Тогаш им рече: „Ќе се крене народ против народ и царство против царство;

11 а на некои места ќе има и големи потреси, и глад и помор; ќе има страотни појави и големи знаци на небото.


Претходните прогонства и сведоштво
( Мт 10,17-22 ; Мк 13,9-13 )

12 А пред сето тоа ќе стават раце на вас и ќе ве гонат, предавајќи ве во синагогите и затворите, и ќе ве водат пред цареви и управници, заради Моето име.

13 И тоа ќе ви биде вам за сведоштво.

14 И затоа врежете во вашите срца, да не размислувате однапред што ќе одговорите,

15 зашто Јас ќе ви дадам уста и муд­рост, на која не ќе можат да ѝ против­речат ниту да ѝ се противстават сите ваши противници.

16 Ќе бидете предадени исто така и од родители, и од браќа, и од роднини и од пријатели, а некои од вас ќе бидат и убиени;

17 и ќе бидете намразени од сите, заради Моето име.

18 Но, ниту влакно од главата ваша нема да загине;

19 со трпение спасувајте ги ду­шите свои.“


Исус го најавува разурнувањето на Ерусалим
( Мт 24,15-21 ; Мк 13,14-19 )

20 „А кога ќе го видите Ерусалим опколен од војски, тогаш знајте дека е блиску неговото запустување.

21 Тогаш, оние што се наоѓаат во Ју­де­ја, нека бегаат во планините; и кои се во градот, да излезат од него; а кои се по околните места, нека не влегуваат во него,

22 зашто тоа е времето на одмазда, во кое ќе се исполни сѐ што е напишано.

23 Но тешко на бремените и доилките во тие дни, зашто голема мака ќе има по земјата, и гнев врз овој народ;

24 и ќе паднат од сечилото на мечот, и ќе бидат одведени во ропство меѓу сите народи; а Ерусалим ќе го газат незна­бошци, сѐ додека не се исполнат времињата на незнабошците.“


Доаѓањето на Синот Човечки
( Мт 24,29-31 ; Мк 13,24-27 )

25 „И ќе има знаци на сонцето, и на месечината и на ѕвездите, а на земјата – тага кај народите од неизвесноста и од бучењето на морето, и од брановите;

26 луѓето ќе умираат од страв и од исчекување на она што ќе го снајде светот, зашто и силите небесни ќе бидат разнишани.

27 И тогаш ќе Го видат Синот Чо­веч­ки како доаѓа на облаци, со голема сила и слава.


Наближувањето на Царството Божјо
( Мт 24,32-35 ; Мк 13,28-31 )

28 А кога ќе почне тоа да станува, ис­правете се и подигнете ги главите свои, зашто се приближува вашето избавување.“

29 И им ја кажа оваа парабола: „Погледнете ја смоквата и сите дрвја;

30 кога ќе видите дека потеруваат, са­ми знаете дека летото е веќе близу.

31 Па така, кога ќе видите дека станува ова, знајте дека се приближи цар­ството Божјо.

32 Вистина ви велам, нема да помине овој род, додека не се исполни сето тоа.

33 Небото и земјата ќе минат, но зборовите Мои нема да минат.“


Неопходно е да се биде буден

34 „Само пазете се: вашите срца да не бидат натежнати од прејадување и пи­јанство, и тегобни грижи за овој живот, за да не ве затекне оној ден ненадејно;

35 зашто тој ќе дојде како стапица за сите што живеат по целата земја;

36 бидете будни во секое време и мо­ле­те се, за да се удостоите да го избегнете сето она што треба да се случи и да застанете пред Синот Човечки!“


Последните денови на Исус во храмот

37 Дење Тој беше во храмот и поучу­ваше, а ноќе излегуваше и ноќеваше во гората наречена Маслинова.

38 И сиот народ доаѓаше наутро кај Него во храмот, за да Го слуша.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy