Лука 18 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)Парабола за вдовицата и судијата 1 Им кажа и една парабола како треба секогаш да се молат и да не паѓаат со духот. 2 И рече: „Во некој град си беше еден судија, кој од Бога не се плашеше, ниту од луѓето се срамуваше. 3 Во истиот град живееше една вдовица и доаѓаше кај него, велејќи: ‚Заштити ме од мојот противник!‘ 4 Но тој за долго време не сакаше. Најпосле си рече во себе: ‚Иако од Бога не се плашам и од луѓето не се срамувам, 5 но, бидејќи оваа вдовица не ми дава мир, ќе ја заштитам, за да не доаѓа повеќе и да не ми додева.‘“ 6 И рече Господ: „Чујте што зборува несправедливиот судија! 7 Зарем Бог нема да ги одбрани Своите избраници, што викаат кон Него дење и ноќе; макар и да забави? 8 Ви велам, ќе ги одбрани набргу. Но Синот Човечки, кога ќе дојде, ќе најде ли вера на земјата?“ Парабола за фарисејот и цариникот 9 А на оние што беа уверени за себе дека се праведни и ги презираа другите, им ја кажа оваа парабола: 10 „Два човека влегоа во храм да се помолат: едниот фарисеј, а другиот цариник. 11 Кога застанаа, фарисејот вака се молеше во себе: ‚Боже, Ти благодарам што не сум како другите луѓе; грабливци, несправедливи, прељубници, или како овој цариник. 12 Постам двапати во седмицата, давам десеток од сѐ што ќе стекнам.‘ 13 А цариникот стоеше оддалеку; не смееше дури и очите да ги подигне кон небото, туку се удираше в гради и велеше: ‚Боже, биди милостив спрема мене грешниот!‘ 14 Ви велам: тој си отиде дома повеќе оправдан, отколку оној, зашто секој што самиот себе се возвишува, ќе биде понизен, а кој се понизува себе самиот, ќе биде возвишен.“ Исус ги благословува малите деца ( Мт 19,13-15 ; Мк 10,13-16 ) 15 Кај Него донесуваа и мали деца за да ги допре; а учениците, штом ќе видеа, им забрануваа. 16 Но тогаш Исус ги повика и им рече: „Оставете ги децата да доаѓаат кај Мене, и не ги спречувајте, зашто на таквите е царството Божјо! 17 Вистина ви велам: кој нема да го прими царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него.“ Богатиот човек ( Мт 19,16-30 ; Мк 10,17-31 ) 18 И Го праша еден управник, велејќи: „Учителе добар, што да направам за да наследам живот вечен?“ 19 А Исус му рече: „Зошто Ме нарекуваш добар? Никој не е добар, освен Единиот Бог. 20 Ги знаеш заповедите: не прави прељуба, не убивај, не кради, не сведочи лажно, почитувај ги татко си и мајка си.“ 21 А тој рече: „Сето тоа сум го запазил уште од младоста своја.“ 22 Штом го слушна тоа, Исус, му рече: „Уште едно само ти недостасува: продај сѐ што имаш и раздај го на сиромаси, и ќе имаш ризница на небото; потоа дојди и врви по Мене!“ 23 А тој, кога го слушна тоа, многу се нажали, зашто беше многу богат. 24 Штом виде дека тој се растажи, Исус рече: „Колку е тешко во царството Божјо да влезат оние што имаат богатство! 25 Полесно ѝ е на камила да мине низ иглени уши, отколку богат да влезе во царството Божјо.“ 26 Оние што го чуја тоа, рекоа: „Тогаш кој може да се спаси?“ 27 А Тој одговори: „Неможното за луѓето е можно за Бога.“ 28 Петар, пак, рече: „Ете, ние оставивме сѐ и тргнавме по Тебе.“ 29 Тој им рече: „Вистина ви велам, нема никој којшто оставил куќа или родители, или браќа, или сестри, или жена, или деца, заради царството Божјо, 30 А да не добил многу повеќе од тоа во ова време, а во идниот век – и живот вечен.“ Исус по третпат ја навестува Својата смрт и воскресение ( Мт 20,17-19 ; Мк 10,32-34 ) 31 И кога ги зеде со Себе Дванаесетмината, им рече: „Еве, се искачуваме кон Ерусалим и сѐ ќе се исполни, што напишале пророците за Синот Човечки: 32 дека ќе биде предаден на незнабошци и ќе се потсмеваат со Него, ќе Го измачуваат и ќе Го плукаат, 33 ќе Го бијат и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне.“ 34 Но тие ништо од ова не разбраа; овие зборови за нив беа сокриени и тие не сфатија што им кажа. Прогледувањето на слепиот ( Мт 20,29-34 ; Мк 10,46-52 ) 35 А додека се приближуваше Тој до Ерихон, еден слеп човек седеше крај патот и просеше; 36 и штом чу дека покрај него минува народ, се распрашуваше: „Што е тоа?“ 37 Му кажаа дека минува Исус од Назарет. 38 Тогаш тој извика и рече: „Исусе, Сине Давидов, смилувај ми се!“ 39 Оние што одеа напред, го опоменаа да молчи; но тој уште погласно викаше: „Сине Давидов, смилувај ми се!“ 40 Исус застана и заповеда да Му го доведат. И кога му пријде, го праша, 41 велејќи: „Што сакаш да ти направам?“ Тој рече: „Господи, да прогледам!“ 42 Тогаш Исус му рече: „Прогледај! Верата твоја те спаси.“ 43 И одеднаш прогледа и тргна по Него, славејќи Го Бога. И сиот народ, кога го виде тоа, Му воздаде слава на Бога. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society