Лука 17 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)За соблазната ( Мт 18,6-7 . 21-22 ; Мк 9,42 ) 1 И им рече Исус на учениците Свои: „Доаѓањето на соблазните е неизбежно, но тешко на оној преку кого доаѓаат; 2 за него би било подобро да му обесат воденички камен на вратот и да го фрлат в море, отколку да соблазни еден од овие помали. 3 Внимавајте на себе. Ако згреши против тебе братот твој, укори го, и ако се покае – прости му. 4 И ако седумпати на ден згреши против тебе и седумпати на ден дојде и ти рече: ‚Се каам‘ – прости му.“ Моќта на верата ( Мт 17,20 ) 5 И Му рекоа апостолите на Господа: „Засили ни ја верата!“ 6 А Господ им рече: „Кога би имале вера колку синаповото зрно и ѝ речете на онаа црница: ‚Откорни се и пресади се в море!‘ – таа би ве послушала. Должноста на слугата 7 Кој од вас, кога ќе се врати од поле неговиот слуга, кој орал или чувал овци, веднаш ќе му рече: ‚Дојди бргу и седни на трпеза!‘ 8 Нема ли да му каже: ‚Приготви ми да вечерам, препаши се и служи ме додека јадам и пијам, а потоа ти јади и пиј!‘ 9 Зар ќе му благодари на тој слуга што ја исполнил неговата заповед? Мислам, не. 10 Па така и вие, откако ќе исполните сѐ што ви е заповедано, речете: ‚Ние сме слуги бесполезни, зашто го извршивме она што бевме должни да го извршиме.‘“ Исус исцелува десетмина лепрозни 11 А кога одеше за Ерусалим, Тој поминуваше меѓу Самарија и Галилеја. 12 Кога влегуваше во едно село, Го сретнаа десет лепрозни луѓе и застанаа подалеку, 13 па со силен глас повикаа: „Исусе Учителе, смилувај ни се!“ 14 Штом ги виде, им рече: „Отидете и покажете им се на свештениците!“ И тие, уште додека одеа, се очистија. 15 А еден од нив, кога виде дека е излекуван, се врати и Го прослави Бога гласно; 16 и падна ничкум пред нозете Негови, благодарејќи Му. А тој беше Самарјанин. 17 Исус, пак, одговори и рече: „Зар не се очистија десетмина? Каде се другите девет? 18 Зарем не се најдоа да се вратат и другите и да Му воздадат слава на Бога, туку само овој туѓинец?“ 19 И му рече: „Стани, оди си! Твојата вера те спаси!“ За доаѓањето на царството Божјо ( Мт 24,23-28 . 37-41 ) 20 Запрашан од фарисеите кога ќе дојде царството Божјо, Тој им одговори: „Царството Божјо не доаѓа забележливо, 21 ниту, пак, ќе се каже: ‚Еве, овде е‘ или: ‚Еве, онде е‘. Зашто царството Божјо е во вас внатре.“ 22 И им рече на учениците: „Ќе дојдат дни, кога ќе копнеете да видите еден од деновите на Синот Човечки, и нема да видите: 23 и ќе ви речат: ‚Еве Го, овде е‘ или: ‚Еве, онде е‘. – Но, не одете и не барајте! 24 Зашто, како што молњата, кога ќе светне на небото осветлува сѐ што е под небото, така ќе биде и Синот Човечки во Својот ден. 25 Но, најнапред Тој треба многу да пострада и да биде отфрлен од овој род. 26 Како што беше во Ноевите дни, така ќе биде и во деновите на Синот Човечки: 27 јадеа, пиеја, се женеа, се мажеа, сѐ до оној ден, кога Ное влезе во ковчегот, и дојде потопот, па ги погуби сите. 28 Исто така, како што беше во Лотовите дни: јадеа, пиеја, купуваа, продаваа, садеа, ѕидаа; 29 но во денот, кога излезе Лот од Содом, падна од небото оган и сулфур и ги погуби сите; 30 така ќе биде и во денот кога ќе се јави Синот Човечки. 31 Во тој ден, кој е на покрив, а покуќнината му е в куќи, нека не слегува да ја земе; а така и оној кој е в поле, да не се враќа назад. 32 Сетете се на Лотовата жена. 33 Кој сака да го спаси својот живот, ќе го загуби; а кој ќе го загуби, ќе го запази. 34 Ви велам: во таа ноќ ќе бидат двајца на една постела: едниот ќе го земат, а другиот ќе го остават; 35 две жени ќе мелат заедно: едната ќе ја земат, а другата ќе ја остават.“ 36 „Двајца ќе бидат на нива: едниот ќе го земат, а другиот ќе го остават.“ 37 И, кога одговорија, Му рекоа: „Каде, Господи?“ А Тој им рече: „Каде што е лешот, таму ќе се соберат и орлите.“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society