Лука 16 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)Парабола за досетливиот настојник 1 А на учениците Свои им рече: „Си беше еден богат човек кој имаше настојник; и тој беше наклеветен пред него дека го растура неговиот имот. 2 И тој го повика, и му рече: ‚Што е ова што слушам за тебе? Дај сметка за раководењето, зашто веќе не ќе можеш да бидеш настојник.‘ 3 А настојникот си рече во себе: ‚Што да правам? Господарот мој го одзема од мене раководењето на куќата; да копам, не можам, да просам – се срамам. 4 Знам што да направам, за да ме примат во своите домови, откако ќе бидам отпуштен од раководењето на куќата.‘ 5 И кога ги повика должниците на својот господар, секого поодделно, му рече на првиот: ‚Колку му должиш на мојот господар?‘ 6 Тој одговори: ‚Сто мери масло.‘ И му рече: ‚Земи си ја потврдата, седни бргу и напиши педесет!‘ 7 Потоа му рече на другиот: ‚А ти, колку должиш?‘ Тој одговори: ‚Сто мери пченица.‘ И му рече: ‚Земи си ја потврдата и напиши осумдесет!‘ 8 И го пофали господарот несправедливиот настојник, зашто постапил досетливо; зашто синовите на овој свет кон својот род се подосетливи од синовите на светлината. За неправедно стекнатото богатство и за вистинското добро 9 И јас ви велам: создадете си пријатели преку неправедно богатство, па, кога ќе осиромашите, да ве примат во вечните живеалишта. 10 Верниот во малку и во многу е верен, а несправедливиот во малку и во многу е несправедлив. 11 Па така, ако во неправедното богатство не бевте верни, кој ќе ви го довери вистинското? 12 И ако во туѓото не бевте верни, кој ќе ви го даде вашето? 13 Ниеден слуга не може да им служи на двајца господари; зашто, или едниот ќе го замрази, а другиот ќе го засака, или на едниот ќе му угоди, а другиот ќе го презре. Не можете да служите на Бога и на Мамон.“ Законот и царството ( Мт 11,12-13 ; 5,31-32 ; Мк 10,11-12 ) 14 Сето тоа го слушаа фарисеите, што беа среброљупци, и Му се потсмеваа. 15 И им рече: „Вие се правите праведни пред луѓето, но Бог ги знае вашите срца; зашто, она што меѓу луѓето се цени, пред Бога е одвратност. 16 Законот и Пророците беа до Јован; а оттогаш се проповеда Евангелието за царството Божјо и секој со усилба влегува во него. 17 Но полесно е небото и земјата да поминат, отколку една црта од Законот да пропадне. 18 Секој, што ја отпушта жената своја и се жени со друга, извршува прељуба, и секој што се жени со онаа што ја отпуштил мажот, прави прељуба.“ Парабола за богатиот човек и Лазар 19 „Си беше еден богат човек кој се облекуваше во порфир и во свила, и секој ден живееше раскошно и се веселеше. 20 А еден сиромав, по име Лазар, лежеше пред вратата негова сиот покриен со красти, 21 кој сакаше да се нахрани со трошките што паѓаа од трпезата на богатиот; и кучињата доаѓаа и ги лижеа раните негови. 22 Умре сиромавиот и ангелите го однесоа во пазувите Авраамови; умре и богатиот и го погребаа. 23 И во пеколот, додека беше во маки, ги подигна очите свои и го виде оддалеку Авраам и Лазар во неговите пазуви. 24 Тогаш тој извика и рече: ‚Оче Аврааме, смилувај ми се и прати го Лазар да го накваси врвот од својот прст во вода и да ми го разлади јазикот, зашто многу страдам во овој пламен!‘ 25 Но Авраам рече: ‚Синко, сети се дека ти си го добил своето добро уште додека беше жив, а Лазар злото; сега, пак, тој се утешува, а ти се мачиш. 26 Освен тоа, меѓу вас и нас има голема провалија така што оние кои би сакале да дојдат кај вас, не можат; а исто така и оние оттаму не преминуваат кај нас.‘ 27 А тој пак рече: ‚Тогаш, те молам, оче, прати го во татковата ми куќа, 28 зашто имам петмина браќа, та да им посведочи, за да не дојдат и тие во ова место на маките!‘ 29 Авраам му рече: ‚Тие ги имаат Мојсеј и Пророците; нив нека ги слушаат!‘ 30 А тој рече: ‚Не, оче Аврааме, туку, ако некој од мртвите оди кај нив, тогаш ќе се покаат.‘ 31 Авраам му рече: ‚Штом Мојсеј и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да се уверат.‘“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society