Online Bible

- Reklamy -

Лука 13 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Повик за покајување

1 Во истото време беа присутни и некои, кои Го известија за Гали­лејците, чија крв Пи­лат ја смешал со нивните жртви.

2 Исус им одговори и рече: „Мислите ли дека тие Галилејци биле најголемите грешници од сите Галилејци, па затоа така пострадаа?

3 Не, ви велам: но, ако не се покаете, сите така ќе изгинете!

4 Или мислите дека оние осумнаесет души, врз кои падна Силоамската кула и ги уби, беа највиновни од си­те други што живеат во Ерусалим?

5 Не, ви велам: но ако не се покаете, сите така ќе изгинете.“


Парабола за неплодната смоква

6 И ја кажа оваа парабола: „Некој чо­век имаше во своето лозје посадена ед­на смоква, па дојде да бара од неа род, но не најде.

7 Тогаш му рече на лозарот: ‚Ете, три години доаѓам и барам плод на оваа смоква, и не наоѓам; пресечи ја; зошто само да ја испостува земјата.‘

8 А тој му одговори и рече: ‚Гос­по­да­ре, остави ја и оваа година, додека да ја опкопам и ѝ ставам ѓубре;

9 па, можеби ќе даде род; а ако не даде, то­гаш отпосле ќе ја пресечеш.‘“


Исцелувањето на згрчената жена

10 Во една од синагогите Тој по­у­чу­ва­ше во сабота.

11 И ете, беше таму една жена која имаше дух на немоќ веќе осумнаесет години. Таа беше згрчена и никако не можеше да се исправи;

12 штом ја виде Исус, ја повика и ѝ ре­че: „Жено, ослободена си од немоќта своја.“

13 И ги стави рацете Свои врз неа; и таа веднаш стана и Го славеше Бога.

14 А старешината на синагогата, негодувајќи што ја излекува Исус во саботен ден, одговори и му рече на народот: „Има шест дена во кои треба да се работи; то­гаш доаѓајте и лекувајте се, а не во са­бо­та!“

15 Но Господ му одговори и рече: „Ли­цемере, не го одврзува ли секој својот вол, или магаре, од јаслите во саботен ден и не го води ли да го напои?

16 А оваа ќерка Авраамова, што ја вр­зал сатаната еве веќе осумнаесет години, зарем не требаше да се ослободи од тие ланци во сабота?“

17 И штом го рече ова, сите што беа против Него се засрамија; и целиот на­род се радуваше за сите славни дела из­вршени од Него.


Парабола за синаповото зрно
( Мт 13,31-32 ; Мк 4,30-32 )

18 А Тој рече: „На што прилега цар­ството Божјо и со што да го споредам?

19 Тоа е како синапово зрно, што го зема човек и го посадува во градината своја, каде што израстува и станува го­лемо дрво; па и птиците небески се вгнездуваат на неговите гранки.“


Споредба со квасецот
( Мт 13,33 )

20 И пак рече: „Со што да го споредам царството Божјо?

21 Тоа прилега на квас што го зема жена и го става во три мери брашно, до­дека скисне сето.“


Тесната врата
( Мт 7,13-14 . 21-23 )

22 И по патот за Ерусалим минеше низ градови и села и поучуваше.

23 Некој, пак, Му рече: „Господи, мал­ку ли се оние што ќе бидат спасени?“ А Тој рече:

24 „Потрудете се да влезете низ тесната врата; зашто ви велам: мнозина ќе сакат да влезат и не ќе можат.

25 Кога ќе стане домаќинот и ќе ја затвори вратата на куќата, а вие, сто­ејќи однадвор, ќе почнете да чукате и да викате: ‚Господи, Господи, отвори ни!‘ Тој ќе ви одговори и ќе ви рече: ‚Не ве познавам од каде сте!‘

26 Тогаш ќе почнете да зборувате: ‚Ние јадевме пред Тебе и пиевме; и по нашите улици Ти поучуваше.‘

27 А Тој ќе рече: ‚Ви велам: не ве познавам од каде сте; отстапете од Мене сите што вршите неправда!‘

28 Таму ќе настане плач и шкрипење со заби, кога ќе го видите Авраам, Исак и Јаков и сите пророци во царството Божјо, а себе – истерани надвор.

29 И ќе дојдат од исток и запад, и се­вер и југ, и ќе седнат на трпезата во царството Божјо.

30 И така, има последни што ќе бидат први, а има и први што ќе бидат последни.“


Исус и Ерусалим
( Мт 23,37-39 )

31 Во тој ден пристапија некои фа­рисеи и Му рекоа: „Излези и оди си одовде, зашто Ирод сака да Те убие!“

32 И им рече: „Одете и кажете ѝ на таа лисица: еве, истерувам демони и ис­целувам денес и утре – а на трети­от ден ќе завршам;

33 но Јас треба да врвам денес, утре и задутре, бидејќи не може пророк да загине надвор од Ерусалим.

34 Ерусалиме, Ерусалиме, ти што ги убиваш пророците и ги каменуваш пратените кај тебе. Колку­пати сакав да ги соберам чедата твои како што квачка ги собира пилињата свои под крилја, но не сакавте.

35 И ете, ви се остава пуст вашиот дом. И Јас ви велам дека нема да Ме ви­дите сѐ додека не дојде времето да ка­жете: ‚Благословен е Оној Кој доаѓа во името Господово!‘“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy