Online Bible

- Reklamy -

Левитска 6 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)

1 Пак му рече Господ на Мојсеј, велејќи:

2 „Ако некој згреши и направи прес­тап против заповедите на Господ и го откаже на ближниот свој она, што му го дал на чување, или од него украдено, или пак, го измами својот близок,

3 или нашол нешто загубено и тоа го одрече, или лажно се заколне за која и да било работа, како што луѓето обично прават и со тоа грешат,

4 па кога така згреши и направи престап, тој треба да го врати она што го украл, или сосила го присвоил, или повереното што му било дадено на чување, или што го нашол како за­губено.

5 За секоја работа, за која се заколнал криво, нека го врати она истото, и на тоа нека му додаде уште една петина на оној чие е; тоа да му го даде во оној ден кога ќе ја принесува жртвата за вина.

6 А за својата вина нека Му принесе на Господ кај свештеникот овен од стадото свое, здрав, според твоја проценка;

7 и свештеникот ќе го направи чист пред Господ, и ќе му се прости секоја работа, со која згрешил или направил престап.“


Прописи за свештениците Жртва сепаленица

8 И пак му рече Господ на Мојсеј, велејќи:

9 „Заповедај му на Арон и на синовите негови, и кажи им: ова е законот за жртви сепаленици – жртвата сепаленица нека гори врз жртвеникот цела ноќ до изутрина; и огнот нека гори на жртвеникот (и да не се гасне).

10 Свештеникот нека ја облече ленената одежда, а и ленената долна облека нека ја облече на телото свое, па потоа нека ја собере пепелта од жртвата што огнот ја изгорел и нека ја стави покрај жртвеникот.

11 А откако ќе ги соблече одеждите свои и облече други, нека ја изнесе пепелта надвор од логорот на чисто место.

12 А огнот што е на жртвеникот, нека гори на него, да не се гасне. Свеште­никот нека потпалува врз него дрва секое утро, и нека ја поставува на него жртвата сепаленица, нека го гори на него лојот од жртвата за мир.

13 Огнот да гори постојано на жртвеникот, нека не се гасне.


Лебен принос

14 Ова е законот за лебниот принос, што ќе го принесуваат синовите Ароно­ви пред Господ при жртвеникот.

15 Свештеникот нека земе грст од лебниот принос и од пченичното брашно и од маслото и сиот темјан, што е врз жртвата, и нека го изгори тоа на жртве­никот како спомен за благопријатен мирис пред Господ.

16 А она што ќе преостане од неа, му припаѓа за јадење на Арон и на сино­вите негови; нека го јадат пресно, на свето место; во дворот од скинијата на собранието нека го јадат.

17 Да не се пече со квас: тоа е дел што им го давам како дар од приносите Господови; тоа е најголема светиња како жртвата за грев и жртвата за вина.

18 Секое машко меѓу синовите Ароно­ви нека јаде од неа. Тоа е вечен дел за потомството нивно од приносите на Господ; секој, што ќе се допре до него, ќе биде осветен.“

19 И уште му рече Господ на Мојсеј, велејќи:

20 „Тоа е дарот од Арон и синовите негови што ќе Му го принесуваат на Господ во оној ден кога ќе биде по­мазан: една десетина од ефа пченично брашно како постојана жртва, половина за наутро, а другата половина за на­вечер.

21 Жртвата треба да се приготвува во тава, со масло; натопена во масло и на парчиња принесувај ја, онака како што се дели на парчиња лебниот принос; принесувај ја како благопријатен мирис пред Господ.

22 И свештеникот меѓу синовите не­гови, што ќе биде помазан по него, нека го прави тоа; тоа е вечен закон на Господ. Сета жртва треба да се изгори.

23 И секој свештенички лебен принос треба целиот да се гори, и да не се јаде.“


Жртва поради грев

24 И пак му рече Господ на Мојсеј, велејќи:

25 „Кажи му на Арон и на синовите негови, и речи им: ова е закон за жртвата поради грев – на местото каде што се коле жртвата сепаленица, на тоа место нека се коле и жртвата за грев пред Господ, бидејќи тоа е најголема светиња.

26 Свештеникот што ќе ја принесува, нека јаде; на свето место нека ја јаде, во дворот од скинијата на собранието.

27 Сѐ што ќе се допре до месото нејзино ќе се освети; а ако некој ја испрска облеката своја со крвта нејзина, оној дел што ќе биде испрскан нека го испере на свето место.

28 И садот земјен, во кој се варела, нека се скрши; ако е, пак, готвена во бакарен сад, нека се истрие и со вода нека се измие.

29 Секое машко од свештенички род нека го јаде тоа; тоа е најголема светиња (Господова).

30 А секоја жртва за грев, од која се внесува крв во скинијата на собранието, за да се изврши очистување во свети­лиштето, да не се јаде; таа треба да се изгори.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy