Левитска 3 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)Жртва за мир 1 „Но, кога некој принесува жртва за мир, а ја принесува од крупниот добиток, било машко или женско, нека ја принесе пред Господ без недостаток; 2 и нека ја стави раката своја врз главата на жртвата, и нека ја заколе при влезот во скинијата на собранието, а свештениците, синовите Аронови, нека го попрскаат со крвта жртвеникот од сите страни. 3 Од жртвата за мир нека Му принесе на Господ принос – лојот што ја обвива внатрешнината и сиот лој по внатрешнината. 4 И обата бубрега и лојот што е на нив и на слабините, и кошулката што е на црниот дроб: нека ја извади со бубрезите; 5 синовите Аронови нека го изгорат тоа на жртвеникот заедно со жртвата сепаленица, што е врз дрвата, на огнот. Тоа е жртва со благопријатен мирис пред Господ. 6 Ако, пак, Му принесува на Господ жртва за мир од ситниот добиток, машко или женско, нека принесе таква што е без недостаток. 7 Ако јагне принесува како своја жртва, нека го приведе пред Господ; 8 и нека ја стави раката своја врз главата на својата жртва, и нека ја заколе пред вратата од скинијата на собранието, а синовите Аронови нека го попрскаат жртвеникот со крвта нејзина наоколу. 9 Потоа од жртвата за мир нека го принесе како жртва на Господ и лојот, целата опашка до грбот, сиот лој што ја обвива внатрешнината и сета маст во внатрешнината, 10 и обата бубрега и лојот што е на нив и на слабините, и кошулката околу црниот дроб: сето тоа заедно со бубрезите нека го оддели; 11 свештеникот нека го изгори тоа на жртвеникот; тоа е храна на огнот – принос на Господ. 12 Ако, пак, принесува жртва на Господ од козите, нека ја претстави пред Господ, 13 и нека ја стави раката своја врз главата нејзина, па нека ја заколе пред скинијата на собранието, а синовите Аронови нека го попрскаат со крвта жртвеникот од сите страни. 14 Од неа нека Му го принесе на Господ како принос и лојот, што ја обвива утробата и сиот лој во неа, 15 и обата бубрега, и сиот лој што е околу нив, што е по слабините, и кошулката на црниот дроб: сето тоа заедно со бубрезите нека го оддели. 16 А свештеникот нека го изгори врз жртвеникот; тоа е храна на огнот – благопријатен мирис на Господ; сиот лој е за Господ. 17 Тоа нека е вечен закон за сите ваши поколенија, во сите ваши живеалишта: никаков лој и никаква крв да не јадете.“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society