Online Bible

- Reklamy -

Левитска 27 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Што смее да се заветува и да се откупува

1 И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:

2 „Кажи им на синовите израилски и речи им: ако некој се заветува да ја посвети душата своја на Господ со цена,

3 цената за маж од дваесет до шеесет години да биде педесет сребрени шеке­ли, според свештениот шекел.

4 Ако е, пак, за жена, цената да биде триесет шекели.

5 За машко од пет до дваесет години цената да биде дваесет шекели, а за женско – десет шекели.

6 За машко, пак, од еден месец до пет години цената треба да изнесува пет сребрени шекели, а за женско – три сребрени шекели.

7 За маж од шеесет години и нагоре цената ќе биде петнаесет сребрени ше­кели, а за жена – десет шекели.

8 Ако е сиромав и нема да плати според цената своја, тогаш тој нека се претстави пред свештеникот, и свеште­никот нека го процени: според состојбата на оној, што се заветувал, така нека го процени свештеникот.

9 Ако е, пак, добиче од оние што Му се принесуваат како жртва на Господ, – сѐ што Му се принесува на Господ, е свето;

10 да не се заменува доброто со лошо, или лошото со добро; ако некој замени добиче со добиче тогаш и добичето и неговата замена ќе бидат светиња.

11 Ако е тоа нечист добиток, што не се принесува како жртва на Господ, тој нека му биде претставен на свештени­кот,

12 и свештеникот да процени, дали е тој добар, или лош; како ќе го оцени свештеникот, така и нека биде;

13 ако некој сака да го откупи, нека додаде кон цената уште една петина.

14 Ако некој Му ја посветува на Господ куќата своја за светиња, свеш­теникот да ја процени, дали е таа добра, или лоша; како што ќе ја оцени свеш­теникот, така и да биде.

15 Ако оној што ја посветил, побара да ја откупи куќата своја, нека приложи уште една петина во сребро кон цената нејзина, и тогаш таа нека биде негова.

16 Ако некој Му посвети на Господ од имотот свој нива, процената треба да биде сразмерно со посеаното: за еден гомер посеан јачмен – педесет сребрени шекели.

17 Ако некој ја посветува нивата своја од јубилејната година, тоа треба да биде според нејзината проценка.

18 Ако некој ја посветува нивата своја по јубилејната година, свештеникот нека ја определи цената во сребро спо­ред годините што остануваат до идната јубилејна година, и за толку да ја нама­ли цената.

19 Ако оној, што ја посветил нивата своја, побара да ја откупи, нека додаде уште една петина во сребро кон цената нејзина, и таа нека биде негова.

20 Ако, пак, тој не ја откупи нивата своја и нивата биде продадена на друг човек, тој веќе не може да ја откупи;

21 таа нива, откако ќе биде ослободена во јубилејната година, нека Му биде посветена на Господ како боговетена земја и да биде за свештеникот.

22 Ако некој Му посвети на Господ купена нива, која не е под нивите на имотот негов,

23 свештеникот нека ја определи цената нејзина до јубилејната година, и тој да ја даде, според она како што е пресметано, во истиот ден, како светиња Господова;

24 а нивата во јубилејната година пак нека му се врати на оној, од кого била купена и кој владеел со таа земја.

25 Секоја проценка да се врши според свештениот шекел – дваесет гери да има во еден шекел.


Разни приноси

26 А секое првородено што ќе се роди меѓу добитокот твој, никој не може да го заветува: било од крупниот, било од ситниот добиток – тие се Господови.

27 Ако, пак, добитокот е нечист, да се откупува според цената негова и да се додаде кон неа уште една петина; ако не се откупи, тогаш нека се продаде според неговата проценка.

28 А сѐ што човек Му ветува на Гос­под со клетва од она што го има – од чо­век до добиток или нива од имотот свој, да не се продава ниту да се откупува: секој завет со клетва е најсвета светиња Господова.

29 И секое човечко суштество, со хе­рем проколнато, не може да се откупи: тоа треба да се предаде на смрт.

30 И секоја десетина од земјата: од земните семиња и од плодовите на дрвјата, Му припаѓаат на Господ: тоа е светиња Господова;

31 ако некој посака да ја откупи десе­тината своја, да додаде кон цената неј­зина уште една петина.

32 И секој десеток од крупниот и од ситниот добиток – сѐ десетто што ќе помине под пастирски стап, треба да Му се посвети на Господ;

33 и да не се гледа дали е добро или лошо, ниту да се заменува; ако некој го замени, тогаш тоа самото и неговата замена да бидат светиња – да не се откупуваат.“

34 Тоа се заповедите, што Господ им ги даде на синовите израилски преку Мојсеј на планината Синај.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy