Online Bible

- Reklamy -

Левитска 23 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


За главните Господови празници Саботата

1 И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:

2 „Кажи им на синовите израилски и објасни им за празниците Господови, во кои треба да се свикуваат свештени собранија. Ова се празниците Мои:

3 во шесте денови да работите, а седмиот ден е сабота – ден за одмор, свето собрание; никаква работа да не вршите, тоа е сабота Господова во сите ваши живеалишта.

4 А ова се празниците Господови, за свештени собранија, што треба да ги свикувате во нивните определени времиња:


Пасха и Бесквасници

5 во првиот месец, на четиринаесеттиот ден од месецот вечерта е Пасха Господова,

6 а на петнаесеттиот ден од истиот месец е Господовиот празник Бесквас­ници; седум дена јадете бесквасен леб;

7 во првиот ден правете свето соб­рание; не вршете никаква работа;

8 а во седумте дена принесувајте Му на Господ жртви огнени, и во седмиот ден пак правете свето собрание; не вршете никаква работа.“


Празник на Првиот сноп

9 И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:

10 „Јави им на синовите израилски и кажи им: кога ќе дојдете во земјата, што ви ја давам, и почнете таму да жнеете жетва, првиот сноп од жетвата ваша донесете го кај свештеникот;

11 тој ќе го принесе тој сноп пред Гос­под, за да добиете благонаклоност; на вториот ден од празникот свештеникот ќе го принесе;

12 а во оној ден кога го принесувате снопот, принесете Му на Господ и жрт­ва сепаленица – едногодишно јагне без недостаток,

13 а заедно со него и лебен принос – две десетини ефа пченично брашно, измешано со масло како жртва на Гос­под со благопријатен мирис и со него прелив од една четвртина ин вино;

14 никаков нов леб, ниту печени класје, ни сурови зрна не јадете до денот, во кој ќе принесете принос на вашиот Бог: тоа нека ви биде вечна наредба во родо­вите ваши по сите ваши живеа­лишта.


Празник на жетвата

15 Избројте од првиот ден по празни­кот, од денот во кој го принесувате снопот како вознесување – седум полни седмици,

16 до првиот ден од последната седмица избројте педесет дена, и тогаш принесете Му на Господ нов лебен принос.

17 Од своите домови принесувајте два леба за вознесување, кои треба да бидат месени од две десетини ефа пченично брашно со квас, испечени и принесени како првини за Господ.

18 Заедно со лебовите принесете и седум јагниња без недостаток, едногодишни и од крупниот добиток едно теле и два овна (без недостаток); тоа нека биде жртва сепаленица за Господ, лебен принос, и прелив кон него како жртва за благопријатен мирис пред Господ.

19 Принесете исто така од козјите стада еден козел – жртва за грев, и две едногодишни јагниња како жртва за мир (заедно со лебот од првиот плод).

20 И свештеникот нека го принесе тоа со лебовите од првото жито, вознесувајќи го пред Господ, заедно со двете јагниња: тоа ќе биде светиња Госпо­до­ва; тоа е за свештеникот што ги принесува.

21 И тој ден собирајте го народот и правете свето собрание; никаква работа не вршете во него – тоа нека ви биде вечна заповед за родовите ваши по сите ваши живеалишта.

22 И кога жнеете жетва на вашата нива, не дожневајте ја нивата своја до крај, и она што ќе падне од твојата жет­ва не собирај го: остави го за сирома­виот и придојдениот. Јас сум Господ, вашиот Бог.“


Празник на трубите

23 И му рече Господ на Мојсеј, ве­леј­ќи:

24 „Кажи им на синовите израилски и речи им: во седмиот месец, во првиот ден од месецот, одмарајте, зашто е Празник на трубите; во тој ден правете и свето собрание.

25 Никаква работа не вршете во него, и принесувајте Му на Господ жртва.“


Ден на очистувањето

26 И пак му рече Господ на Мојсеј, ве­лејќи:

27 „И десеттиот ден од седмиот месец, Денот на очистувањето, нека ви биде ден за свето собрание: смирувајте ги душите ваши и принесувајте Му жртва на Господ.

28 Никаква работа не вршете во тој ден, зашто тоа е ден за очистување ва­ше, за да се очистите пред лицето на Господ, вашиот Бог.

29 А секоја душа, што не ќе го почитува тој ден, ќе биде истребена од народот свој.

30 И секоја душа што ќе врши каква и да било работа во тој ден, ќе ја истребам од народот нејзин.

31 Никаква работа не вршете: тоа ви е вечна наредба и за родовите ваши по си­те ваши живеалишта.

32 Тоа е за вас сабота – ден за починка, па затоа смирете ги душите ваши од вечерта на деветтиот ден од месецот; од едната до другата вечер празнувајте ја вашата сабота.“


Празник на сениците (колибите)

33 И му рече Господ на Мојсеј, ве­лејќи:

34 „Кажи им на синовите израилски и речи им: во петнаесеттиот ден од ис­тиот месец, седмиот месец, е Празникот на сениците, Господов празник што трае седум дена.

35 Во првиот ден правете свето собра­ние, никаква работа не вршете;

36 седум дена принесувајте Му на Господ жртва; а во осмиот ден правете свето собрание, и тогаш принесувајте Му на Господ жртва; – тоа е оддание на празникот, и никаква работа не вршете.

37 Тоа се Господовите празници, во кои треба да свикувате свети собранија, за да Му принесувате на Господ жртви: сепаленици, крвни и бескрвни жртви, како и преливи – секоја во својот ден,

38 освен во саботите Господови, освен даровите ваши, заветите ваши, што ќе Му ги давате од благодарност на Господ.

39 А на петнаесеттиот ден од седмиот месец, кога ги собирате плодовите на земјата, празнувајте празник Господов седум дена: првиот и осмиот ден нека ви бидат за починка.

40 Во првиот ден земете плодови од убави дрвја, и гранки од палми, и гранки од широколисни дрвја како и од врби, и веселете се пред Господ, вашиот Бог седум дена.

41 Празнувајте го овој празник Госпо­дов седум денови во годината: тоа е наредба за вас и за родовите ваши. Во седмиот месец празнувајте го.

42 Седум дена престојувајте во колиби: секој Израилец по род треба да престојува во колиба,

43 за да знаат поколенијата ваши дека Јас во колиби ги вселив синовите изра­илски, кога ги изведов од египетската земја. Јас сум Господ, вашиот Бог.“

44 И Мојсеј им соопшти на синовите израилски за празниците Господови.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy