Online Bible

- Reklamy -

Левитска 20 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Забранети обреди

1 И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:

2 „Кажи им го на синовите израилски ова: ако некој од синовите израилски или од придојдените, кои живеат меѓу Израилците, му принесе жртва на Молох од децата свои, да умре; народот од земјата со камења да го убие.

3 И Јас ќе го свртам лицето Мое против тој човек и ќе го истребам од народот негов, затоа што му принел на Мо­лох жртва од децата свои, за да го ос­кверни Моето светилиште, и да се обес­чести Моето свето име.

4 И ако народот од земјата ги затвори очите пред тој човек, кога ќе му принесе на Молох жртва од своите деца, и не го убие,

5 тогаш Јас ќе го свртам лицето Мое против тој човек и против неговиот род, и ќе го истребам него и сите негови едномисленици, што ќе го следат во блудството негово, одејќи блудно по Молох.

6 И ако некој човек тргне по оние што повикуваат мртви, и по маѓесници, за да го следат нивното блудство, Јас ќе го свртам лицето Мое против тој човек и ќе го истребам од народот негов.

7 Осветувајте се и бидете свети, зашто Јас сум Господ, вашиот Бог.


Забранети сексуални односи

8 Пазете ги Моите повелби и извршу­вајте ги, зашто Јас сум Господ, Кој ве осветува.

9 Човек, кој го навредува таткото свој или мајката своја да биде убиен; тој што го злословува таткото свој или мајката своја: виновен е.

10 Ако некој изврши прељуба со маже­на жена или со жената на ближниот свој; да бидат убиени и прељубодеецот и прељубодејката.

11 Кој ќе легне со жената на таткото свој, тој ја открил голотијата на татко си; обајцата да бидат убиени; виновни се.

12 Ако некој легне со снаата своја, и обајцата да бидат убиени, тие извршиле нечисто дело; виновни се.

13 Ако некој легне со маж како со же­на, и обајцата извршиле гнасно дело: да бидат убиени, виновни се.

14 Ако некој се ожени со ќерка и со мајката нејзина, тоа е беззаконие: со оган да бидат изгорени и тој и тие, за да нема беззаконие меѓу вас.

15 А, ако некој пристапи кај некое животно, за да се соедини со него, убиј го него и животното: тие треба да бидат убиени – виновни се.

16 И жена ако пристапи до животно, да се соедини со него, да ги убиете и жената и животното – да умрат; вино­вни се.

17 Ако некој ја земе сестрата своја, или татковата ќерка, или мајкината ќерка, и ја види голотијата нејзина, и таа ја види голотијата негова: тоа е срам; да бидат истребени од својот народ: тој ја открил голотијата на сестрата своја – затоа ќе го прими гревот свој врз себе.

18 Ако некој легне со жена кога е не­чиста од истечување на крв, и ја открие голотијата нејзина, истечувањето на нејзината крв, и таа го открие истечува­њето на својата крв: и обајцата да бидат истребени од народот свој.

19 Голотијата од мајкината сестра и голотијата од сестрата на твојот татко не откривај ја, зашто таков човек от­крива роднинска голотија; тие гревот свој ќе го носат врз себе.

20 И ако некој легне со својата стрина, тој ја открил голотијата на својот стрико: гревот свој нека го примат врз себе – нека умрат без деца.

21 Ако некој ја земе братовата жена: тоа е гнасно дело; тој ја открил голотијата на братот свој, и обајцата ќе умрат без деца.

22 Запазете ги сите Мои повелби и си­те Мои заповеди и извршувајте ги – и нема против вас да негодува земјата, во која ве водам да живеете во неа.

23 Не постапувајте според законите на незнабошците што ќе ги изгонам пред вас; затоа што тие сето тоа го правеа и Јас негодував против нив,

24 и ви реков; вие ќе ја наследите земјата нивна и вам ќе ви ја дадам во владе­ние земјата, каде што тече мед и млеко. Јас сум Господ, Бог ваш, Кој ве оддели од сите народи.

25 Правете разлика меѓу чист и нечист добиток, и меѓу чиста и нечиста птица, и не осквернувајте ги душите свои со добиток и со птица и со она што лази по земјата, она што ви го одвоив како нечисто.

26 Бидете свети пред Мене, затоа што Јас сум свет Господ (Бог ваш); Јас ве одделив од сите народи за да бидете Мои.

27 Маж или жена, ако извикува духови на мртви, или вража, да бидат убиени; со камења да ги убиете, виновни се.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy