Online Bible

- Reklamy -

Левитска 18 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Закон за бракот и брачните односи

1 И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:

2 „Кажи им на синовите Израилеви и речи им: Јас сум Господ Бог ваш.

3 Не постапувајте како што се поста­пува во египетската земја, во која жи­веевте, не постапувајте ни така како што постапуваат во земјата хананска, во која ве водам, и не управувајте се според нивните закони.

4 Извршувајте ги сите Мои наредби и пазете ги сите Мои заповеди, постапувајќи според нив. Јас сум Господ, Бог ваш.

5 Пазете ги сите Мои заповеди и сите Мои закони и извршувајте ги, и секој што ги извршува жив ќе биде. Јас сум Господ (Бог ваш).

6 Никој не смее да се доближува до сродница по тело, за да ја открие голо­тијата нејзина. Јас сум Господ.

7 И голотијата на таткото свој и голо­тијата на мајката своја да не ја откриваш; таа ти е мајка, не откривај ја голо­тијата нејзина.

8 Голотијата на татковата жена не откривај ја; тоа е голотија на твојот татко.

9 Голотијата на сестрата твоја, која е од татко ти или од мајка ти, родена во куќата или надвор од куќата, да не ја откриваш голотијата нејзина.

10 Голотијата од ќерката на синот твој или од ќерката на ќерката твоја; не откривај ја голотијата нивна, зашто тие се твоја голотија.

11 Голотијата на ќерката од жената на твојот татко, не откривај ја; таа ти е сестра (по татко).

12 Голотијата на татковата сестра не ја откривај; таа е од иста крв со таткото твој.

13 Голотијата на мајкината сестра не ја откривај; таа е од иста крв со твојата мајка.

14 Голотијата на татковиот брат не ја откривај и до неговата жена не се доб­лижувај; таа ти е стрина.

15 Голотијата на снаата своја не ја от­кривај, таа е жена на твојот син – затоа не ја откривај голотијата нејзина.

16 Голотијата на братовата жена не откривај ја; тоа е голотија на братот твој.

17 Голотијата на жена и на ќерка ѝ не ја откривај; ќерката на синот нејзин и ќерката на ќерката нејзина не ги земај, за да ја откриваш голотијата нивна: тие се од иста крв; тоа е беззаконие.

18 Не земај ја за жена сестрата на твојата жена за да ја откриеш голотијата нејзина пред неа, сѐ уште додека е жива таа, зашто ќе создадеш меѓу нив соперништво.

19 И до жена, сѐ додека трае чистењето од нечистотијата нејзина, не добли­жувај се за да ја откриеш голотијата нејзина.

20 И со жената на ближниот твој не легнувај, за да излееш семе и да се оскверниш со неа.

21 Од децата свои не му принесувај жртва на Молох и не го обесчестувај името на твојот Бог. Јас сум Господ.

22 Не легнувај со маж, како со жена: тоа е одвратност.

23 И со ниедно четвороножно животно не легнувај за да излееш семе, па да се оскверниш со него; и жена не смее да легнува под ниедно четвороножно животно, за да се спои со него: тоа е гнасотија.

24 Не осквернувајте се со сево ова, затоа што со сето тоа се оскверниле народите, кои Јас сакам да ги отфрлам од вас;

25 и земјата се оскверни, и Јас ги казнив поради нивните беззаконија, и така земјата ги исфрли своите жители.

26 А вие пазете ги сите Мои закони и сите Мои повелби и не вршете ниедно од сите овие гнасотии, ниту вие овдеш­ните, ниту придојдените што живеат меѓу вас,

27 зашто сите тие гнасотии ги правеа луѓето на таа земја, што беа пред вас, и земјата се оскверни;

28 за да не ве исфрли земјата и вас, кога ќе ја оскверните, како што ги исфрли народите што беа пред вас.

29 Зашто сите, што ги вршат овие гнасотии, ќе бидат истребени од народот свој.

30 И така, пазете ги сите Мои повелби за да не постапувате според ниеден од нивните гнасни обичаи, како што пра­веа оние што беа пред вас, и да не се оскверните со нив. Јас сум Господ, Бог ваш.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy