Левитска 17 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)Светоста на Израил Прописи во врска со крвта 1 И му рече Господ на Мојсеј, велејќи: 2 „Кажи му на Арон и на синовите негови и на сите синови израилски и речи им: еве што заповеда Господ: 3 ако некој од домот Израилев (или некој придојден, присоединет кон вас) заколе вол или овца, или коза во населбата, или надвор од населбата, 4 а не го доведе при влезот од скинијата на собранието, за да Му принесе дар на Господ пред живеалиштето Негово, тогаш тој човек да се обвини за крв: тој пролеал крв, да се истреби од народот негов. 5 Така да ги принесуваат синовите израилски жртвите свои, што ги колат в поле и да ги донесуваат пред Господ при влезот од скинијата на собранието, кај свештеникот, и да ги колат пред Господ како жртви за мир, 6 и да попрска свештеникот со крв околу жртвеникот Господов при влезот од скинијата на собранието и да го запали лојот за благопријатен мирис пред Господ. 7 И да не принесуваат во иднина жртви свои на идоли, во кои самите блудствуваат. Ова нека биде вечна наредба и за поколенијата ваши. 8 Кажи им уште: ако некој од домот Израилев или од придојдените, што живеат меѓу вас, принесува сепаленица или жртва 9 и не ја донесе крај влезот од скинијата на собранието, за да ја принесе пред Господ, таа душа да се истреби од народот свој. 10 Ако, пак, некој од домот Израилев или од придојдените, што живеат меѓу вас, јаде каква и да било крв, тогаш Јас ќе го свртам лицето Мое против душата на оној, што ќе јаде крв, и ќе го истребам од народот, 11 зашто душата на секое тело е во неговата крв, и Јас ви ја дадов за жртвеникот за да ги очистувате душите ваши, бидејќи таа крв ја очистува душата. 12 Поради тоа и им реков на синовите израилски: ниедна душа меѓу вас не смее да јаде крв, па ни придојдениот, кој живее меѓу вас, не смее да јаде крв. 13 А, ако некој од синовите израилски и од придојдените, кои живеат меѓу вас, фати во лов диво животно или птица, што се јаде, да ја пушти крвта да истече и да ја покрие со земја, 14 зашто душата на секое тело е во крвта негова и затоа им реков на синовите на Израил: не јадете крв од никакво тело, бидејќи душата на секое тело е во крвта негова; секој што ќе ја јаде, ќе биде истребен. 15 И секој кој јаде мрша или ѕверојадина, ваш или придојден, нека ја испере облеката своја, и да го измие телото свое со вода и ќе биде нечист до вечерта, а потоа ќе биде чист. 16 Ако, пак, не ги испере (алиштата), и не го измие телото свое со вода, ќе го прими своето беззаконие врз себе.“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society