Online Bible

- Reklamy -

Левитска 16 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Големиот ден на очистувањето

1 И му зборуваше Господ на Мојсеј по смртта на двајцата Аронови синови, кога тие, откако принесоа (туѓ оган) пред Господ, умреа;

2 и му рече Господ на Мојсеј: „Кажи му на братот твој Арон да не влегува во светилиштето зад завесата во секое време пред очистилиштето, што е врз ковчегот, за да не умре, бидејќи Јас ќе се јавувам над очистилиштето во облак.

3 Еве со што да влегува Арон во све­тилиштето: со теле како жртва за грев и со овен – за сепаленица.

4 Тој треба да го облекува осветениот ленен хитон, на долната половина од телото свое да има ленена облека и да се опашува со ленен појас, и ленен ки­дар да става – тоа се свети облеки; прво треба да го измие целото свое тело со вода и потоа да ги облекува.

5 И од заедницата на синовите израилски да земе Арон два козела како жртва за грев и еден овен – за сепаленица.

6 Потоа Арон да приведе теле како жртва за грев за себе, и така ќе се на­прави чист – себеси и домот свој,

7 па ќе ги земе двата козела и ќе ги постави кај вратата од скинијата на собранието, пред лицето Господово.

8 И тогаш Арон ќе фрли ждрепка за двата козела: една ждрепка за Господ, а другата за отпуштање.

9 И да го доведе Арон козелот на кој паднала ждрепката за Господ, и да го принесе како жртва за грев;

10 а козелот на кој паднала ждрепката за отпуштање, да го постави жив пред Господ, за да изврши над него обред за очистување и да го пушти во пустината за отпуштање (и тој ќе ги понесе врз себе сите нивни беззаконија во непроодна земја).

11 Потоа Арон да го приведе телето како жртва за грев за себе, и ќе се очисти самиот и домот негов; и да го принесе како жртва поради гревот свој.

12 А потоа да земе кадилница, полна со разгорен јаглен од жртвеникот, што е пред Господ, и да ги наполни рацете со иситнето миризливо кадиво, и тоа да го внесе зад завесата;

13 и да го стави кадивото врз огнот пред Господ; и димот од кадивото ќе го покрие очистилиштето, што е над ковчегот на заветот, за да не умре.

14 И ќе земе од крвта на телето и со прст ќе го попрска однапред очисти­лиштето и пред него; седумпати да по­прска од крвта со прстот свој пред очис­тилиштето.

15 Тогаш да го заколе козелот како жртва поради грев за народот, и да вне­се од крвта негова зад завесата, и со неа да направи исто како што направи со крвта од телето, и да попрска врз очис­тилиштето и спрема очистилиштето,

16 и да го очисти светилиштето од не­чис­тотиите на синовите израилски и нив­ните престапи во сите нивни гре­вови. Така треба да постапи тој и со скинијата на собранието, која е меѓу нив, среде нечистотиите нивни.

17 Кога ќе влезе тој за да го очисти светилиштето, и сѐ додека не излезе, никој да нема во скинијата. И така ќе се очисти самиот себе, својот дом и сиот израилски народ.

18 Потоа ќе пристапи пред жртвени­кот, што е пред Господ, и ќе го очисти и ќе земе од крвта на телето и од крвта на козелот, и ќе ги помаже роговите на жртвеникот од сите страни,

19 и ќе го попрска со прстот свој од крвта седумпати, за да го очисти и ос­вети од нечистотиите на синовите изра­илски.

20 Па, откако ќе ги очисти свети­лиштето, скинијата на собранието и жртвеникот, (и откако ќе ги очисти свештениците) ќе го приведе живиот козел.

21 Потоа да ги положи Арон двете свои раце врз главата на живиот козел, да ги исповеда над него сите беззаконија на синовите израилски, и сите нивни престапи, и сите нивни гревови, и да ги стави врз главата на живиот козел, и да го пушти преку раката на определен човек во пустината;

22 и козелот ќе ги понесе врз себе сите нивни беззаконија во непроодна земја; и да го пушти козелот во пустината.

23 Тогаш Арон да влезе во скинијата на собранието, да ги соблече ленените одежди, во кои беше облечен при влегувањето во светилиштето, и таму да ги остави,

24 и да го измие телото свое со вода на свето место, да ги облече своите алиш­та, па, штом ќе излезе, да принесе една сепаленица за себеси и една за сиот на­род, и ќе се очисти себеси, (својот дом), сиот народ (и свештениците).

25 Лојот пак од жртвата за грев да го запали врз жртвеникот.

26 А оној, кој ќе го одведе козелот за отпуштање, да ја испере облеката своја, да го измие телото свое со вода, и потоа може да влезе во населбата.

27 А телето за грев и козелот за грев, чија крв се внесува во светилиштето за очистување, да ги изнесат надвор од населбата, и да ги изгорат на оган ко­жите нивни, месото нивно и нечисто­тиите нивни;

28 оној, пак, што ќе ги пали, да ги испере алиштата свои и да го измие телото свое со вода, и тогаш ќе може да влезе во населбата.

29 И тоа да ви биде вечен закон: во седмиот месец, на десетиот (ден) од месецот, смирувајте ги душите ваши, и никакава работа да не вршите, ни вие, нити придојдените, населени меѓу вас,

30 зашто во тој ден ве очистуваат, за да ве очистат од сите ваши гревови, и да бидете чисти пред лицето Господово;

31 тоа да биде сабота над саботите; смирувајте ги душите ваши – тоа ќе би­де вечен закон.

32 Очистувањето да го извршува оној свештеник кој ќе биде помазан и посве­тен да свештенодејствува место татко си: нека облекува ленена облека, облека света;

33 и да ги очисти Светињата над светињите и скинијата на собранието, и жртвеникот да го очисти, и свештени­ците, и сиот собран народ.

34 Ова да биде за вас вечен закон: да се извршува обредот очистување над сино­вите израилски еднаш годишно поради сите нивни гревови.“ И тој направи така, како што му заповеда Господ на Мојсеј.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy