Левитска 12 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)Очистување на жената по породувањето 1 И му рече Господ на Мојсеј, велејќи: 2 „Кажи им на синовите Израилеви и речи им: кога жената ќе забремени и роди машко дете, нечиста ќе биде седум дена, како во деновите на природното очистување свое, така ќе биде нечиста. 3 А во осмиот ден нека му се обрезе на детето крајниот дел. 4 А таа нека остане уште триесет и три дена чистејќи се од крвта; до ништо свето да не се допира и да не влегува во светилиштето сѐ додека не изминат деновите на нејзиното чистење. 5 А ако роди женско дете, тогаш во времето на своето чистење нечиста ќе биде четиринаесет дена, и шеесет и шест дена нека остане, чистејќи се од крвта своја. 6 И кога ќе се навршат деновите на чистењето нејзино, заради синот или заради ќерката, нека донесе при свештеникот пред скинијата на собранието едногодишно јагне за жртва сепаленица или млад гулаб или грлица како жртва поради грев. 7 И тој нека ја принесе пред Господ и така ќе ја очисти од течењето на крвта нејзина. Тоа е закон за жената која ќе роди машко или женско дете. 8 Ако не е во можност да донесе јагне, тогаш нека земе две грлици или две гулапчиња, едното како жртва сепаленица, а другото поради жртва за грев; и ќе ја очисти од гревот нејзин свештеникот, и таа ќе биде чиста.“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society