Online Bible

- Reklamy -

Јован 3 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Исусовиот разговор со Никодим

1 Меѓу фарисеите имаше еден човек по име Никодим, началник јудејски.

2 Тој дојде кај Исуса ноќе и Му рече: „Рави! Знаеме дека си учител, дојден од Бога, зашто никој не може да ги прави овие чуда што ги правиш Ти, ако Бог не е со него.“

3 Исус му одговори и рече: „Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди одозгора, не може да го види царството Божјо.“

4 Никодим Му рече: „Како може чо­век да се роди кога е стар? Зар може по вторпат да влезе во утробата на мајка си и да се роди?“

5 А Исус му одговори: „Вистина, вис­тина ти велам: ако некој не се роди од вода и Дух, не може да влезе во цар­ството Божјо;

6 зашто, роденото од тело, е тело; а роденото од Дух, е дух.

7 Затоа, не чуди се што ти реков: вие треба да се родите одозгора.

8 Ветрот дува каде што сака и гласот негов го слушаш, но не знаеш од каде иде и на каде оди; така е со секој човек роден од Духот.“

9 Никодим Му одговори и рече: „Како може тоа да биде?“

10 Исус одговори и му рече: „Ти си учител израилев, па тоа ли не го зна­еш?

11 Вистина, вистина ти велам: ние збо­руваме за она што знаеме, и сведочиме за она, што сме виделе; а вие нашето сведоштво не го примате.

12 Кога за земни работи ви зборувам и не верувате, како ќе поверувате кога би ви говорел за небесните?

13 Никој не се искачил на небото, ос­вен Оној Кој слезе од небото, Синот Човечки, Кој е на небото.

14 И како што Мојсеј ја подигна змијата во пустината, така треба да се из­диг­не и Синот Човечки,

15 та секој што верува во Него да не загине, но да има живот вечен.

16 Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот.

17 Зашто Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него.

18 Кој верува во Него – нема да биде суден, а кој не верува, тој е веќе осуден, зашто не поверувал во името на Еди­но­родниот Син Божји.

19 А овој суд е затоа што Светлината дојде на светот, но луѓето повеќе ја засакаа темнината отколку светлината, зашто нивните дела беа зли.

20 Зашто секој, што прави зло, ја мра­зи светлината и не оди кон светлината, за да не бидат разоткриени неговите дела бидејќи се лукави.

21 А оној што твори вистина, оди кон светлината за да се видат неговите дела, бидејќи се по Бога извршени.“


Исус и Јован

22 Потоа дојде Исус со учениците Свои во земјата Јудејска, и таму живе­еше со нив и крштеваше.

23 А Јован крштеваше во Енон, близу Салим, зашто таму имаше многу вода; и доаѓаа и се крштеваа,

24 зашто Јован уште не беше фрлен во затвор.

25 Тогаш настана расправија меѓу учениците Јованови и Јудејците околу очистувањето.

26 И дојдоа кај Јован и му рекоа: „Ра­ви, Оној што беше со тебе отаде Јордан и за Кого ти сведочеше, ете, Тој крш­те­ва и сите одат кај Него.“

27 А Јован одговори и рече: „Не може човек ништо да прими, ако не му е дадено од небото.

28 Вие самите ми сведочите дека реков: ‚Јас не сум Христос, но сум ис­пратен пред Него.‘

29 Оној што ја има невестата е мла­до­женец; а пријателот на младоженецот, кој стои и го слуша, многу се радува на гласот од младоженецот. Оваа моја ра­дост се исполни.

30 Тој треба да расте, а јас да се смалувам!“


Тој што доаѓа одозгора

31 „Кој доаѓа одозгора, тој е над сите; а кој е од земјата, земен е и како земен зборува. Кој доаѓа од небото, Тој е над сите.

32 И за она што виде и чу, за тоа све­дочи; и сведоштвото Негово никој не го прима.

33 А тој што го примил Неговото све­доштво потврдил дека Бог е вистинит.

34 Бидејќи, тој што е испратен од Бога, кажува Божји зборови; зашто Бог Го дава Ду­хот неизмерно.

35 Зашто Отецот Го љуби Синот и сѐ Му даде во раката Негова.

36 Кој верува во Синот, има вечен жи­вот; а кој не верува во Синот, нема да види живот, но гневот Божји ќе остане врз него.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy