Online Bible

- Reklamy -

Јован 19 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Исусовите страдања

1 Тогаш Пилат Го зеде Исуса и Го предаде да го бијат.

2 Војниците сплетоа венец од трње, Му го кладоа на главата и Му облекоа багреница,

3 и велеа: „Те поздравуваме, Царе Јудејски!“ – и Го удираа по образите.

4 Пилат пак излезе надвор и им рече: „Еве, ви Го изведувам надвор, за да раз­берете дека не наоѓам во Него никаква вина.“

5 Тогаш излезе Исус надвор, со трнов венец, и багреница. И им рече Пилат: „Еве Го Човекот!“

6 А кога Го видоа првосвештениците и слугите, завикаа и рекоа: „Распни Го, распни!“ Пилат им рече: „Земете Го вие и распнете Го, зашто јас не наоѓам во Него вина.“

7 Јудејците му одговорија: „Ние има­ме Закон и според нашиот Закон Тој треба да умре, зашто Сам се направи Син Божји.“

8 Кога го чу Пилат овој збор, уште повеќе се исплаши.

9 И пак влезе во преторијата и Му рече на Исус: „Од каде си Ти?“ Но Исус не му даде одговор.

10 Пилат Му рече: „Мене ли не ми од­говараш? Не знаеш ли дека имам власт да Те распнам, и власт имам да Те пуш­там!?“

11 Исус одговори: „Ти не би имал ни­каква власт над Мене ако не ти беше дадено одозгора; затоа поголем грев има оној што Ме предаде на тебе.“

12 Оттогаш Пилат гледаше да Го пушти. Но Јудејците пак викаа, збору­вај­ќи: „Ако Го пуштиш Него, не си му пријател на царот. Секој што се прави цар, противник му е на царот.“

13 Штом го чу овој збор, Пилат Го изведе Исус надвор и седна на судскиот стол, на местото наречено Литос­тро­тон, а по еврејски Гавата.

14 Тогаш беше петок пред Пасха, око­лу шестиот час. И им рече Пилат на Јудејците: „Еве Го вашиот Цар!“

15 Но тие викаа: „Земи, земи, распни Го!“ Пилат им рече: „Царот ваш ли да Го распнам?“ Првосвештениците одго­во­рија: „Ние немаме цар, освен це­за­рот.“

16 И тогаш им Го предаде за да биде распнат. И Го зедоа Исус, и Го поведоа.


Исусовото распнување
( Мт 27,32-44 ; Мк 15,21-32 ; Лк 23,26-43 )

17 И носејќи го Својот крст, Тој излезе на местото наречено Черепница, а по еврејски Голгота;

18 таму Го распнаа, а со Него и други двајца, од едната и од другата страна, а насреде – Исус.

19 Пилат, пак, напиша и натпис, и го кладе на крстот. А беше напишано: „Исус од Назарет, цар Јудејски.“

20 Овој натпис го читаа мнозина од Јудејците, бидејќи местото, каде што беше распнат Исус беше близу до гра­дот; а беше напишано на еврејски, грч­ки и латински.

21 Првосвештениците, пак, јудејски му рекоа на Пилат: „Не пишувај: Цар Ју­дејски, туку дека Тој рече: Јас сум Цар Јудејски.“

22 Пилат одговори: „Што напишав, на­пишав.“

23 А војниците, кога Го распнаа Ису­са, ги зедоа алиштата Негови и ги раз­де­лија на четири дела, на секој војник по еден дел и хитонот. Хитонот, пак, не бе­ше шиен, туку исткаен одозгора па до­долу.

24 Тогаш си рекоа: „Да не го раскинуваме, но да фрлиме за него ждрепка, чиј ќе биде“ – за да се збидне кажаното во Писмото: „Ги разделија алиштата Мои меѓу себе и за облеката Моја фрлија ждрепка.“ Така и направија војниците.

25 Покрај крстот Исусов стоеја мајка Му Негова и сестрата на мајка Му, Марија Клеопова, и Марија Магдалена.

26 А Исус, штом ја виде мајка Си, и ученикот кого посебно го љубеше, како стои, ѝ рече на мајка Си: „Жено, ете ти син!“

27 Потоа му рече на ученикот: „Ете ти мајка!“ И од тој час ученикот ја зеде кај себе.


Исусовата смрт
( Мт 27,45-56 ; Мк 15,33-41 ; Лк 23,44-49 )

28 По ова, знаејќи Исус дека сѐ е свр­шено, за да се исполни Писмото, рече: „Жеден сум.“

29 Таму стоеше сад, полн со оцет. Тие наквасија сунѓер во оцетот, го за­ка­чија на трска и Му принесоа до устата Негова.

30 А кога вкуси Исус оцет, рече: „Се сврши!“ И кога ја наведна главата, го предаде духот.


Крв и вода

31 Бидејќи беше петок, Јудејците, за да не останат телата на крст во сабота, зашто во таа сабота беше голем ден, го замолија Пилат да им ги прекршат колената и да ги симнат.

32 Тогаш дојдоа војниците и им ги прекршија колената на првиот, како и на вториот, што беа распнати со Него.

33 А кога дојдоа до Исус и го видоа дека беше веќе умрен, не Му ги прекр­шија колената;

34 но еден од војниците со копје Му ги прободе ребрата, и наеднаш истече крв и вода.

35 И тој што виде – посведочи, и све­доштвото му е вистинско; и знае дека ја кажува вистината, за да поверувате вие.

36 Бидејќи ова стана за да се исполни Писмото: „Коска Негова нема да се прекрши.“

37 И друго Писмо пак вели: „Ќе погледнат на Оној Кого Го прободоа.“


Положувањето во гроб
( Мт 27,57-61 ; Мк 15,42-47 ; Лк 23,50-56 )

38 Потоа Јосиф од Ариматеја, кој беше Исусов ученик, но тајно, поради страв од Јудеј­ците, го замоли Пилат да го симне те­лото и Пилат му дозволи. Тој дојде и го симна телото Исусово.

39 А дојде и Никодим, кој порано беше отишол ноќе кај Исус, и донесе околу сто литри смеса од смирна и алој.

40 Го зедоа телото Исусово и го завит­каа во платно со мирисите, како што е обичај кај Јудејците да погребуваат.

41 На она место, каде што беше распнат, имаше градина и во градината – нов гроб, во кој уште никој не беше полаган.

42 Таму Го положија Исус поради пе­токот јудејски, зашто гробот беше бли­зу.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy