Јован 16 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)1 „Ова ви го кажав за да не се соблазните. 2 Ќе ве истеруваат од синагогите. Но, ќе настапи време кога секој што ќе ве убие, ќе мисли дека на Бога Му принесува служба. 3 Тоа ќе го прават, зашто не Го познаа Отецот, ниту Мене. 4 Но ви го кажав тоа, та кога ќе дојде времето, да се сетите дека Јас сум ви рекол; а од почетокот не ви го зборував ова, зашто бев со вас.“ Задачите на Светиот Дух 5 „А сега одам кај Оној Кој Ме испрати, и никој од вас не Ме праша: ‚Каде одиш?‘ 6 Но затоа што ви го кажав ова, срцата ваши се исполнија со тага. 7 Но Јас вистината ви ја кажувам: подобро е за вас Јас да си отидам, зашто, ако не си отидам, Утешителот нема да дојде кај вас; ако, пак, заминам, ќе ви Го пратам. 8 А Тој, кога ќе дојде, ќе го изобличи светот за грев, и за правда, и за суд: 9 за грев – дека не веруваат во Мене; 10 за правда – оти Јас си одам кај Својот Отец, и веќе нема да Ме видите; 11 а за суд – зашто кнезот на овој свет е осуден. 12 Имам уште многу да ви кажувам, но сега не можете да носите. 13 А кога ќе дојде Тој, Духот на Вистината, ќе ве упати во сета вистина; но од Себе нема да зборува, туку ќе говори што чуе, и ќе ве извести за она што доаѓа. 14 Тој Мене ќе Ме прослави, зашто од Моето ќе земе и ќе ви јави. 15 Сѐ што има Отецот, Мое е; затоа и ви реков дека од Моето ќе земе и ќе ви јави.“ Тага и радост 16 „Уште малку, и нема да Ме гледате, и по малку, пак ќе Ме видите, зашто си одам кај Отецот.“ 17 Тогаш некои од учениците Негови си рекоа меѓу себе: „Што е тоа, што ни вели: ‚Уште малку, и нема да Ме видите‘ и ‚По малку, пак ќе Ме видите‘ и ‚Јас си одам кај Отецот?‘“ 18 И си зборуваа: „Што е тоа, што вели: ‚Уште малку?‘“ 19 Исус разбра дека сакаат да Го прашаат, и им рече: „Затоа ли се прашувате меѓу себе, што реков: ‚Уште малку, и нема да Ме гледате‘ и ‚По малку, пак ќе Ме видите?‘ 20 Вистина, вистина ви велам дека вие ќе заплачете и ќе заридате, а светот ќе се радува; вие ќе бидете нажалени, но жалоста ваша ќе се претвори во радост. 21 Жена, кога раѓа, има болки, зашто ѝ дошло времето нејзино; но штом ќе го роди детето, од радост не ги помни веќе болките, зашто се родил човек на светот. 22 Па така и вие, сега сте нажалени; но Јас пак ќе ве видам, и ќе се зарадува срцето ваше, и радоста ваша никој нема да ви ја одземе; 23 и во тој ден нема да Ме прашувате за ништо. Вистина, вистина ви велам: што и да посакате од Отецот, во Мое име, ќе ви даде. 24 Досега ништо не сте барале во Мое име; барајте и ќе добиете, за да биде радоста ваша полна.“ Победа над светот 25 „Ова во параболи ви го кажав; но ќе дојде час кога нема веќе во параболи да ви зборувам, туку откриено ќе ве известам за Отецот. 26 Во тој ден ќе побарате во Мое име, и не ви велам дека Отецот ќе го помолам за вас; 27 бидејќи Отецот Сам ве љуби, зашто вие Ме возљубивте и поверувавте дека Јас сум излегол од Бога. 28 Излегов од Отецот и дојдов во светот; сега пак го оставам светот и се враќам кај Отецот.“ 29 Му рекоа учениците Негови: „Еве, сега откриено зборуваш и никаква парабола не кажуваш. 30 Сега знаеме дека знаеш сѐ и нема потреба никој да Те прашува. Заради тоа веруваме дека од Бога си излегол.“ 31 Исус им одговори: „Сега ли верувате? 32 Ете, иде часот, и веќе настапил, да се разбегате секој кај своите, а Мене Сам да Ме оставите; но Јас не сум Сам, бидејќи Отецот е со Мене. 33 Ова ви го реков за да имате мир во Мене. Во светот ќе имате маки; но не плашете се, зашто Јас го победив светот.“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society