Online Bible

- Reklamy -

Јован 15 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Исус е вистинската лоза

1 „Јас сум вистинската лоза, Мојот Отец е лозарот.

2 Секоја прачка во Мене, што не дава род, Тој ја отсекува; и секоја, што дава род, ја очистува, за да принесе повеќе род.

3 Вие сте веќе чисти преку словото, што сум ви го проповедал.

4 Бидете во Мене, и Јас ќе бидам во вас. Како што прачката не може да ро­ди плод сама од себе, ако не е на лозата, така и вие, ако не бидете во Мене.

5 Јас сум лозата, а вие прачките; и кој е во Мене, и Јас во него, тој ќе даде многу род; зашто без Мене не можете да на­правите ништо.

6 Ако некој не остане во Мене, ќе биде исфрлен надвор, како прачка, и ќе се исуши; а таквите ќе ги соберат, и во оган ќе ги фрлат, и ќе изгорат.

7 Ако останете во Мене, и зборовите Мои останат во вас, тогаш, што и да посакате, барајте и ќе ви биде.

8 Со тоа ќе се прослави Мојот Отец: да носите многу род и да бидете Мои уче­ници.

9 Како што Ме возљуби Отецот, и Јас ве возљубив вас. Останете во Мојата љубов!

10 Ако ги запазите Моите заповеди, ќе останете во љубовта Моја, како што Јас ги запазив заповедите на Мојот Отец и останувам во љубовта Негова.

11 Ова ви го реков за да остане радоста Моја во вас и радоста ваша да биде полна.

12 Ова е Моја заповед: да се љубите еден со друг, како што ве возљубив Јас.

13 Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели.

14 Вие сте Ми пријатели ако го вршите она што ви заповедам Јас.

15 Веќе не ве нарекувам слуги, зашто слугата не знае што работи господарот; туку ве нареков пријатели, бидејќи ви кажав сѐ што сум чул од Мојот Отец.

16 Вие не Ме избравте Мене, туку Јас ве избрав вас и ве поставив да одите и род да принесете и родот ваш да остане, та, што и да посакате од Отецот во Мое име, да ви даде.

17 Оваа заповед ви ја давам: да се љу­бите еден со друг.“


Омразата на светот

18 „Ако светот ве мрази, знајте дека мене светот уште пред вас Ме замрази.

19 Да бевте од овој свет, тогаш светот ќе го љубеше своето; но бидејќи не сте од светот, туку Јас ве избрав од светот – затоа светот и ве мрази.

20 Помнете ги зборовите што ви ги реков Јас: ниеден слуга не е поголем од својот господар. Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат; ако Моите зборови ги запазија, и вашите ќе ги запазат.

21 Но, сето ова ќе ви го прават заради Моето име, зашто не Го знаат Оној Кој Ме испрати.

22 Да не бев дошол и да не им бев зборувал, грев немаше да имаат. Но се­га немаат изговор за својот грев.

23 Кој Ме мрази мене, Го мрази и Мо­јот Отец.

24 Ако не бев направил меѓу нив дела, какви што никој друг не направил, грев немаше да имаат; а сега и видоа, и Ме замразија Мене и Мојот Отец.

25 Но нека се изврши словото на­пи­ша­но во нивниот Закон дека Ме замразија и без вина.

26 А кога ќе дојде Утешителот, Кого што ќе Го испратам Јас од Отецот, Ду­хот на Вистината, Кој излегува од Оте­цот, Тој ќе сведочи за Мене;

27 а и вие ќе сведочите, бидејќи од по­четокот сте со Мене.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy