Online Bible

- Reklamy -

Јован 13 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Последната вечера. Исус им ги мие нозете на учениците

1 А пред празникот Пасха, зна­ејќи Исус дека Му дојде часот за да премине од овој свет кај Отецот, и бидејќи ги засака Своите во светот, до крај ги засака.

2 И на вечерата, кога ѓаволот беше вметнал во срцето на Јуда Симонов Искариотски за да Го предаде,

3 Исус, знаејќи дека Отецот сѐ Му предал во рацете и дека од Бога излегол и дека кај Бога се враќа,

4 стана од вечерата, ја соблече својата горна облека, зеде крпа и се препаша;

5 потоа истури вода во сад за миење и почна да им ги мие нозете на учениците и да ги брише со крпата со која беше препашан.

6 Дојде и кај Симон Петар, а тој Му рече: „Господи, Ти ли ќе ми ги миеш нозете?“

7 Исус одговори и му рече: „Јас што правам сега, ти не знаеш, но подоцна ќе разбереш.“

8 Петар Му рече: „Никогаш Ти нема да ми ги миеш нозете!“ Исус му одгово­ри: „Ако не те измијам, нема да имаш дел со Мене!“

9 Симон Петар Му рече: „Господи, то­гаш не само нозете мои, туку и рацете и главата!“

10 Исус му одговори: „На измиениот треба само нозете да му се измијат, заш­то целиот е чист, а вие сте чисти, но не сите.“

11 Бидејќи знаеше кој ќе го пре­да­де, па затоа и рече: „Не сте сите чисти.“

12 А кога им ги изми нозете, ја облече облеката своја и седна пак на трпезата, па им рече: „Знаете ли што ви направив?

13 Вие Ме нарекувате Учител и Гос­под; и право велите, бидејќи сум.

14 Ако, пак, Јас, Господ и Учител, ви ги измив нозете, тогаш и вие сте дол­жни еден на друг да си ги миете нозете.

15 Затоа ви дадов пример да правите и вие така, како што ви направив Јас.

16 Вистина, вистина ви велам: нема слуга поголем од својот господар, ниту пратеник поголем од оној што го пра­тил.

17 Кога го знаете ова, блажени сте ако го извршувате.

18 Не го кажувам ова за сите вас, заш­то Јас ги знам оние што ги избрав. Но нека се исполни Писмото: ‚Кој јаде леб со Мене, ја подигна петата своја против Мене.‘

19 Отсега ви кажувам, уште пред да се изврши, та кога ќе се изврши, да по­ве­рувате дека сум Јас.

20 Вистина, вистина ви велам: кој го прими оној што го праќам Јас, Мене Ме прима, а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме прати.“


Исус говори за својот предавник
( Мт 26,20-25 ; Мк 14,17-21 ; Лк 22,21-23 )

21 Штом го рече ова, Исус, потресен во духот, посведочи и рече: „Вистина, вистина ви зборувам дека еден од вас ќе Ме предаде.“

22 Тогаш учениците почнаа да се пог­леднуваат еден со друг, не разбирајќи за кого зборува.

23 А еден од учениците, кого Исус го сакаше, беше се навалил на градите Исусови.

24 Нему му даде знак Симон Петар да праша кој ли ќе е тој за кого што гово­ри.

25 Тој, пак, се навали на градите Ису­со­ви и Му рече: „Кој е Господи?“

26 Исус одговори: „Оној е, на кого Јас ќе му натопам залак и ќе му го пода­дам.“ И кога натопи залак, му го подаде на Јуда Симонов Искариотски.

27 И тогаш, по залакот, сатаната влезе во него. А Исус му рече: „Што ќе пра­виш, прави побргу!“

28 А никој од оние што седеа на трпе­зата не разбраа зошто му го рече тоа.

29 Но, бидејќи Јуда го чуваше ковче­жето, некои помислија дека Исус му ре­че: „Купи што ни треба за празникот!“ или да раздаде нешто на сиромасите.

30 А тој, штом го зеде залакот, веднаш излезе. А беше ноќ.


Нова заповед

31 Кога тој излезе, Исус рече: „Сега се прослави Синот Човечки и Бог се прос­лави во Него.

32 Ако Бог се прослави во Него, и Не­го Бог ќе Го прослави во Себе, и наскоро ќе Го прослави.

33 Чеда, уште малку сум со вас. Ќе Ме барате и, како што им реков на Ју­деј­ци­те дека каде што одам Јас вие не мо­же­те да дојдете, и вам ви велам сега.

34 Нова заповед ви давам: да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг.

35 По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу се­бе.“

36 Симон Петар Му рече: „Господи, каде одиш?“ Исус му одговори: „Каде што Јас одам, ти не можеш сега да дој­деш по Мене, но подоцна ќе дојдеш по Мене.“

37 Петар Му рече: „Господи, зошто не можам да одам по Тебе сега? Животот свој ќе го положам за Тебе.“

38 Исус му одговори: „Животот ли ќе го положиш за Мене? Вистина, вистина ти велам: нема петел да запее, додека ти трипати не се одречеш од Мене!“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy