Online Bible

- Reklamy -

Јов 7 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Одговор на Јов (продолжение): тој Му се жали на Бога

1 „Нели е ограничен земниот живот за човекот? Дните негови нели се како дни на наемник?

2 Како што робот копнее за сенка, и како што наемникот го чека крајот на работата своја,

3 така и јас добив наследство месеци на небиднина; тажните ноќи ми се из­броени.

4 Легнувајќи, си мислам: кога ли ќе станам? А ноќта е бескрајна и несоница ме измачува од вечерта до утрото.

5 Телото ми е покриено со црви и прашливи наслаги; кожата ми се рас­пукнува и гнои;

6 деновите мои летаат побрзо од со­валка и исчезнуваат без надеж.

7 Спомни Си дека животот мој е ве­тар, дека окото мое нема веќе добро да види.

8 Нема да ме види окото на оној што ме видел; Твоите очи се на мене, а мене ме нема,

9 како кога облак се проретчува и ис­чезнува, така слезениот во гроб нема да излезе;

10 нема повеќе да се врати во куќата своја; ни местото негово нема веќе да го познае.

11 Затоа нема да ја воздржувам устата своја; ќе говорам иако сум тажен во ду­хот свој, ќе се поплакувам во горчината на душата своја.

12 Зар сум море или морско чудо­виш­те, та си поставил стража над мене?

13 Кога ќе си помислам: ‚Моето легло ќе ме утеши; мојата постела ќе ја од­не­се тагата моја.‘

14 Ти ме плашиш со соништа и со при­виденија ме ужаснуваш!

15 Затоа душата моја сака повеќе да се прекине дишењето, подобро смрт; (смртта ми е помила од моите маки.)

16 Ми омрзна животот! Нема вечно да живеам. Оддалечи се од мене, дните мои се само суета.

17 Што е човекот, та толку си го из­дигнал? И такво внимание му обрнуваш?

18 Зошто го посетуваш секое утро? Зошто го искушуваш секој миг?

19 Кога ќе ме оставиш? Кога ќе си одиш од мене? Кога ќе ми дозволиш плунката своја да ја голтнам?

20 Ако сум згрешил, што сум напра­вил, о чувару над луѓето? Зошто ме из­бра за Своја мета, па да сум Ти на то­вар?

21 Зар престапот мој не можеш да го однесеш? Зар не можеш да ми го простиш беззаконието мое? Зашто, ете, уште малку и во прав ќе легнам; утре ќе ме побараш, а нема да ме има.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy