Online Bible

- Reklamy -

Јоил 3 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Господ ќе им суди на народите

1 Зашто, ете, во оние денови и во тоа исто време, кога ќе ги вратам прогонетите од Јуда и од Ерусалим,

2 тогаш ќе ги соберам сите народи и ќе ги доведам во долината Јосафатова, и таму над нив ќе изречам суд за Мојот народ и за Моето наследство – Израил, кого го растурија меѓу народите и земјата Моја ја разделија.

3 За народот Мој фрлија ждрепка и даваа момче за блудница, и продаваа де­војче за вино, и пиеја.

4 Па што барате од Мене вие, Тире и Сидоне, и сите краеви филистејски? Са­кате ли да Ми се одмаздите за нешто? Ако Ми се одмаздувате Мене, за миг ќе ја свртам одмаздата ваша врз вашите глави,

5 бидејќи вие го зедовте среброто Мое и златото Мое и Моите највредни дра­гоцености и ги внесовте во вашите без­божнички светилишта;

6 а синовите на Јуда и на Ерусалим им ги продававте на потомците Јаванови, за да ги избркате од нивните предели.

7 Еве, Јас ќе ги кренам од она место, каде што ги продадовте, и ќе го свртам вашето злосторство врз главите ваши.

8 И ќе ги продадам синовите ваши и ќерките ваши во рацете на синовите Јудини, и тие ќе им ги продадат на Са­вејците, народ далечен. Така вели Гос­под.


Суд во Долината на одлуката

9 Кажете го ова меѓу народите, при­гответе се за војна, кренете ги јунаците, нека дојдат и нека станат сите војници.

10 Прековајте ги плуговите свои во мечеви, а срповите во копја; и слабиот нека вели: јунак сум.

11 Побрзајте, вие околни народи, и со­берете се. Господи, доведи ги јунаците Свои!

12 Нека се кренат народите и нека слезат во долината Јосафатова; зашто таму ќе седнам Јас за да им судам на си­те околни народи.

13 Мавнете со срповите, зашто зрело е житото; одете, слезете, зашто полна е кацата и бочвите се преполнети, зашто нивното зло е големо.

14 Мноштво, мноштво во Долината на одлуката! Зашто близу е денот Госпо­дов во Долината на одлуката.

15 Сонцето и месечината ќе потемнат, и ѕвездите ќе го изгубат својот сјај.

16 И ќе загрми Господ од Сион и ќе го испушти гласот Свој од Ерусалим: ќе затреперат небото и земјата; но Господ ќе му биде заштита на Својот народ и одбрана за синовите Израилеви.


Господ ќе го благослови Својот народ

17 Тогаш ќе познаете дека Јас сум Господ, вашиот Бог, Кој живее на Сион, на Мојата света гора; и ќе стане Еру­са­лим светиња, и нема повеќе туѓинци да минуваат низ него.

18 И, ете, во тој ден од горите ќе капе вино, а од ридовите ќе потече млеко, од сите долини јудејски ќе потече вода, а од домот Господов ќе се појави извор, и ќе ја напојува долината Ситим.

19 Египет ќе стане пустина и Едом ќе стане пустина, бидејќи тие ги измачуваа синовите Јудини и проливаа невина крв во земјата нивна.

20 А Јудеја ќе биде населена вечно, и Ерусалим – од род во род.

21 Јас ќе ја одмаздам крвта нивна, за која уште не сум се одмаздил, и Господ ќе живее на Сион.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy