Online Bible

- Reklamy -

Јоил 2 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Скакулци и непријателски војски

1 Трубете со труби на Сион и викајте на Мојата света гора; нека треперат сите жители земни, зашто доаѓа денот Господов, близу е

2 денот на темнина и мрак, денот облачен и црн: како зората се шири по горите многуброен народ и силен каков што немало од векот и каков што не ќе има потоа од род во род.

3 Пред него оган ќе голта, а зад него пламен ќе пали; пред него е земјата ка­ко Едемска градина, а зад него земјата ќе биде опустошена како пустина, и за никого нема да има спас.

4 Изгледаат како коњи, галопираат како коњаници,

5 скокаат преку горските врвови како со тропот од коли, како шум од огнен пламен, кој гори слама – како силен на­род построен за борба.

6 Штом ќе се појави, ќе затреперат на­родите; лицата на сите ќе им побледат.

7 Како борци ќе трчаат и како храбри борци ќе се искачуваат по карпите, и секој ќе си оди по својот пат и нема да отстапува од патот свој.

8 И нема да се притискаат еден со друг, туку секој се држи до својот пат; незапирливо се пробиваат меѓу стрели­те.

9 Ќе навалат на градот, ќе се ис­ка­чу­ваат по ѕидовите, ќе влегуваат во ку­ќи­те, ќе влегуваат и низ прозорците како крадци.

10 Пред нив ќе се потресе земјата, ќе се расклати небото, сонцето и ме­се­чи­ната ќе потемнат, а и ѕвездите ќе ја из­губат светлината своја.

11 И Господ ќе го пушти гласот Свој пред Својата војска, зашто силата воинствена Негова е многу голема, и мно­гу­бројни се оние што ќе ја извршуваат волјата Негова; зашто голем е денот Господов и многу е страшен, и кој ќе истрпи?


Позив од Господ

12 Но и уште сега вели Господ: вра­те­те се кај Мене од сѐ срце со пост, плач и ридание.

13 Раскинете ги срцата свои, а не об­ле­ката и вратете се кај Господ вашиот Бог: зашто Тој е благ и милосрден, долготрпелив и многумилостив и сожалува кога казнува.

14 Кој знае дали нема да се смили и да­ли ќе остави благослов: лебен принос и прелив за Господ, вашиот Бог?

15 Затрубете со труба на Сион, нареде­те пост и објавете свечен собир.

16 Соберете го народот, свикајте со­бир, поканете ги и старешините, со­бе­рете ги децата и доенчињата; нека из­ле­зе младоженецот од свадбената соба и невестата од својата одаја.

17 Меѓу тремот и жртвеникот нека плачат свештениците, служителите на Господ и нека молат: „Смилувај се, Гос­поди, над народот Свој, не предавај го наследството Свое на срам, та да не се подигруваат со него народите! Зошто меѓу нив да се зборува – каде е нивниот Бог?“


Господ ќе ја благослови земјата

18 Тогаш Господ стана љубоморен за земјата Своја, па му се смилува и на народот Свој.

19 Тогаш одговори Господ и му рече на народот Свој: „Еве, Јас ќе ви пратам леб, вино и масло, и ќе се наситите со тоа, и нема повеќе да ве предавам на срам пред народите.

20 И непријателот од север ќе го мавнам и ќе го протерам во безводна и пус­та земја – претходницата – во источното море, а позадината – во западното море, и ќе се почувствува неговиот гнилеж, и ќе се почувствува смрдеа, зашто тој бе­ше направил големо зло.

21 Не бој се, земјо; радувај се и весели се, зашто Господ изврши големи дела.

22 Не плашете се ѕверови полски, заш­то пасиштата на пустината ќе се наполнат со трева, дрвјата ќе го дадат својот плод, смоквата и лозјата ќе дадат изоби­лен род.

23 А и вие, чеда Сионови, радувајте се и веселете се во Господ, вашиот Бог; зашто Тој ви дава умерен дожд, па ќе ви праќа дожд – пролетен дожд и есенски дожд, како и порано.

24 И ќе се наполнат гумната со жито и ќе се преполнат бочвите со гроздов сок и со масло.


Господ ќе го избави Својот народ

25 И ќе ви надоместам за оние години, кога испојадоа сѐ скакулците, црвите, бумбарите и гасениците – Мојата голема војска што ја пратив против вас.

26 Во изобилство ќе јадете и ќе се на­ситувате и ќе го славите името на Гос­под, вашиот Бог, Кој со вас постапи на чудесен начин, така што Мојот народ нема да се посрами довека.

27 И ќе познаете дека Јас сум среде Израил и дека Јас сум Господ, вашиот Бог, и дека нема друг, и Мојот народ нема да се посрами довека.“


Господовите чуда за иднината

28 „И, ете, потоа ќе излеам од Мојот Дух врз секое тело, и синовите ваши и ќерките ваши ќе пророкуваат; старците ваши ќе сонуваат соништа и младите ваши ќе гледаат виденија.

29 А и врз слугите и слугинките во оние денови ќе излеам од Мојот Дух.

30 И ќе покажам знаци на небото и на земјата: крв, оган и столбови од дим.

31 Сонцето ќе се преобрати во темнина, а месечината – во крв, пред да нас­та­пи денот Господов, великиот и страш­ниот.

32 Тогаш секој, што ќе го призовува името Господово, ќе се спаси; бидејќи на гората Сион и во Ерусалим ќе има спасение, како што вели Господ, а меѓу преживеаните ќе бидат оние што ќе ги повика Господ.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy