Јаков 2 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)Верата е непристрасна 1 Браќа мои, држете ја непристрасно верата во Исус Христос, нашиот Господ на славата! 2 Ако во вашето собрание влезе човек со златен прстен, во светли алишта, и влезе сиромав човек со проста облека, 3 па се загледате на облечениот во светли алишта и му речете: „Ти седни овде убаво!“, а на сиромашниот му речете: „Ти стој таму!“, или „Седни овде, крај подножјето мое!“, 4 зарем со тоа не покажувате пристрасност, и не станувате судии со лоши помисли? 5 Послушајте, возљубени браќа мои, не ги избра ли Бог сиромашните од овој свет да бидат богати во верата и наследници на царството, ветено од Него на оние кои Го љубат? 6 А вие го посрамивте сиромавиот! Не се ли богатите тие што ве мачат и ве влечат по судови? 7 Не го хулат ли тие вашето добро име, со кое сте се нарекле? 8 Ако, пак, го извршувате царскиот закон според Писмото: „Возљуби го ближниот како самиот себе“ – добро правите. 9 Но, ако сте пристрасни, грев правите; и Законот ве осудува како престапници. 10 Зашто, кој го пази целиот Закон, а згреши само во едно, виновен ќе биде за сѐ. 11 Зашто Оној, Кој рекол: „Не прави прељуба!“, рекол и: „Не убивај!“ Па затоа, ако не вршиш прељуба, а убиеш, ти ќе станеш престапник на Законот. 12 Зборувајте и постапувајте како оние што ќе бидат судени според законот на слободата. 13 Зашто судот ќе биде безмилосен спрема оној кој не покажува милост; милоста надвива над судот. Без дела верата е мртва 14 Каква е ползата, браќа мои, ако некој рече дека има вера, а дела нема? Може ли верата да го спаси? 15 Ако некој брат или сестра се голи и немаат што да јадат, 16 па некој од вас им рече: „Одете си со мир, грејте се и наситете се!“, а не им даде што им е потребно за телото – каква полза? 17 И така, верата, ако нема дела, сама по себе е мртва. 18 Но може некој да рече: ти имаш вера, а јас имам дела. Покажи ми ја својата вера без дела, а јас преку моите дела ќе ти ја покажам мојата вера. 19 Ти веруваш дека Бог е еден: добро правиш; но и злите духови веруваат, а треперат. 20 Не сакаш ли да разбереш, о суетен човеку, дека верата без дела е мртва? 21 Нели со дела беше оправдан Авраам, нашиот татко, откако врз жртвеникот го положи својот син Исак? 22 Гледаш ли дека верата дејствуваше заедно со делата негови, и дека преку делата, верата стана совршена? 23 И се изврши Писмото, кое вели: „Му поверува Авраам на Бога, и тоа му се сметаше за праведност“, и тој се нарече – пријател Божји. 24 Гледате ли дека човекот се оправдува со дела, а не само со вера? 25 А така не се оправда ли со дела и блудницата Раав, откако ги прими извидувачите и ги изведе по друг пат? 26 Зашто, како што е телото без дух мртво, така и верата без дела е мртва. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society