Online Bible

- Reklamy -

Исход 6 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)

1 А Господ му рече на Мојсеј: „Еве, ќе видиш што ќе му направам сега на фараонот; под дејство на силна рака ќе ги пушти; под дејство на цврста рака дури ќе ги истера од земјата своја.“


Бог му ветува на Мојсеј дека ќе го ослободи народот на Израил

2 И уште му зборуваше Бог на Мојсеј, па му рече: „Јас сум Господ.

3 Јас им се јавував на Авраам и Исак и Јаков како Ел-Шадај, а со името Мое ‚Јахве‘ не сум им се открил.

4 И направив завет Свој со нив дека ќе им ја дадам земјата хананска: земја, во која беа тие доселеници, и во која жи­вееја како туѓинци.

5 Ги чув воздишките на израилските синови, кои Египќаните ги измачуваат, и се сетив на заветот Мој.

6 Затоа, појди и кажи им на синовите на Израил, велејќи: ‚Јас сум Господ, ќе ве изведам од египетското ропство, ќе ве избавам од насилството нивно, ќе ве спасам со силна рака и со строга казна.

7 Ќе ве земам за свој народ и ќе ви бидам Бог, па ќе познаете дека Јас сум Господ, Бог ваш, Кој ќе ве изведе од египетското ропство.

8 И ќе ве воведам во онаа земја, за која кренав рака и се заколнав дека ќе му ја дадам на Авраам, на Исак и на Јаков; и ќе ви ја дадам вам во наслед­ство. Јас сум Господ!‘“

9 Мојсеј им го кажа тоа на синовите на Израил, но тие не го послушаа Мојсеј од малодушност, поради теш­кото ропство.

10 Тогаш Господ пак му рече на Мој­сеј, велејќи:

11 „Влези, кажи му на фараонот, ца­рот египетски, да ги пушти израилските синови од земјата своја.“

12 А Мојсеј проговори пред Господ и рече: „Ете, синовите на Израил не ме послушаа, а како ќе ме послуша фа­раонот? А освен тоа, јас сум спор во зборувањето.“

13 Но Господ им зборуваше на Мојсеј и на Арон, и им ги кажуваше Своите заповеди кон синовите на Израил и кон фараонот, царот египетски, за да ги пушти синовите израилски од земјата египетска.


Родословието на Мојсеј и Арон

14 Ова се старешините на нивните поколенија: синовите на Рувим, првородениот син Израилев: Ханох и Палу, Есром и Карми; тоа се семејствата Ру­вимови.

15 А синовите Симеонови се: Јемуел, Јамин, Оад, Јахин, Сигор и Саул, син на една Хананка.

16 А еве ги имињата на синовите Ле­виеви, според родовите нивни: Гирсон, Каат и Мерариј. А Левиј поживеа сто триесет и седум години.

17 Синови, пак, Гирсонови беа: Ливниј и Семеј со семејствата нивни.

18 Синови Каатови: Амрам и Јицхар, Хеврон и Узиил. А годините на Каато­виот живот беа сто триесет и три.

19 А синовите Мерариеви се: Махлиј и Мушиј. Тоа се семејствата на Левиј спо­ред родовите нивни.

20 Амрам се ожени со Јохеведа, тетката своја, и таа му ги роди Арон и Мојсеј (и нивната сестра Мирјам). Амрам поживеа сто триесет и седум години.

21 Синови, пак, Јицхарови беа: Кореј, Нефег и Зихриј.

22 Синовите Узиилови се: Мисаил, Елцафан и Ситриј.

23 А Арон ја зеде за жена Елишева, ќерката Аминадавова, сестра Наасоно­ва; и таа му ги роди Надав и Авиу, Елеазар и Итамар.

24 Синови Кореови беа: Асир, Елкана и Авијасаф. Тоа е потомството Корео­во.

25 И Елеазар, синот Аронов, се ожени со една од ќерките Путиелови, и таа му го роди Финес. Тоа се старешините на Левиевото племе, според нивните семеј­ства.

26 А Арон и Мојсеј, тоа се оние, на кои Господ им рече да ги изведат синовите израилски од земјата египет­ска, подредени во дружини.

27 Овие се оние, кои му зборуваа на фараонот, царот египетски, за да ги пушти синовите на Израил од земјата египетска; тоа се Мојсеј и Арон.


Бог го обновува Своето ветување кон Мојсеј

28 Во оној ден, кога Господ му го­во­реше на Мојсеј во земјата египетска,

29 му рече Господ на Мојсеј, велејќи: „Јас сум Господ. Кажи му го на фараонот, царот египетски, сѐ она што Јас ти го велам!“

30 А Мојсеј рече пред Господ: „Еве, недоброречив сум, па како ќе ме послу­ша фараонот?“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy