Исход 5 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)Мојсеј и Арон кај фараонот 1 А потоа Мојсеј и Арон дојдоа кај фараонот, па му рекоа: „Вака вели Господ, Бог Израилев – ‚Пушти го народот Мој, да празнува празник во Моја чест во пустината.‘“ 2 Но фараонот рече: „Кој е тој Господ, за да го послушам гласот Негов, и да ги пуштам синовите израилски? Не Го познавам тој Господ, ниту ќе го пуштам народот израилски.“ 3 А тие рекоа: „Бог на Евреите нѐ повика нас три дена пат да одиме во пустината, за да Му принесеме жртва на Господ, нашиот Бог, та да не ни испрати помор или убиство.“ 4 Тогаш царот египетски им рече: „Зошто вие, Мојсеј и Арон, го одвлекувате (мојот) народ од неговата работа? Одете (си секој од вас по својата работа)!“ 5 И фараонот уште додаде: „Ете, сега кога народот се намножи во земјата, вие сакате да го натерате да не работи!“ Фараонот им ја наголемува работата на Евреите 6 И веднаш им заповеда фараонот на надзорниците над народот и на настојниците негови, и рече: 7 „Отсега на народот нема да му давате плева за правење тули, како досега: туку сами нека одат да си собираат плева. 8 А колку тули досега правеле, настојувајте толку да прават и отсега: ништо не намалувајте; зашто се без работа, па затоа викаат и велат – ‚Да одиме и да Му принесеме жртва на нашиот Бог.‘ 9 Нека им се зголеми работата на тие луѓе, за да работат повеќе и да не се занимаваат со празни зборови.“ 10 И излегоа надзорниците и настојниците, и му рекоа на народот: „Вака вели фараонот: нема да ви давам веќе плева; 11 одете сами и собирајте си плева, каде што ќе најдете; а од работата нема ништо да ви се намали.“ 12 И се разотиде народот по целата земја египетска за да собира стрника наместо плева. 13 А надзорниците (ги) навалуваа, велејќи: „Вршете ги вашите (определени) работи секој ден, како и порано кога имавте плева.“ 14 А настојниците од родот на синовите израилски, кои ги поставија над нив надзорниците на фараонот, беа биени и им се велеше: „Зошто ни вчера, ни денес не изработивте толку тули, колку што ви е определено, како што правевте порано?“ 15 И отидоа настојниците на синовите израилски пред фараонот, па извикаа и рекоа: „Зошто постапуваш така со слугите твои? 16 Плева не им се дава на слугите твои, а пак ни се вели: правете тули. И ете, ги бијат слугите твои. Го онеправдуваат твојот народ.“ 17 Но тој им одговори: „Седите без работа, не работите, па затоа велите: ‚Да одиме да Му принесеме жртва на Господ.‘ 18 Затоа сега одете, работете; плева нема да ви се дава, а вие определениот број тули ќе го предавате.“ 19 И настојниците на синовите израилски се видоа во зло, бидејќи им беше речено: „Дневната количина на тулите не смеете да ја намалите.“ 20 А кога излегоа откај фараонот, ги сретнаа Мојсеј и Арон, кои стоеја и ги очекуваа. 21 Па им рекоа: „Бог нека види и нека ви суди што нѐ направивте омразени кај фараонот и кај службениците негови, и им дадовте меч во рацете, за да нѐ убиваат!“ 22 Тогаш Мојсеј се обрна кон Господ и рече: „Господи, зошто го воведе во неволја овој народ и зошто ме испрати мене? 23 Зашто, откако излегов пред фараонот и проговорив во Твое име, тој уште полошо постапува со овој народ? Ти не го избави народот Свој!“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society