Online Bible

- Reklamy -

Исход 40 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Подигање и осветување на скинијата

1 И Господ му рече на Мојсеј велејќи:

2 „Во првиот ден од првиот месец подигни ја скинијата на собранието,

3 потоа постави го таму ковчегот на заветот и засолни го со завесата;

4 внеси ја трпезата, и постави сѐ што треба да се намести на неа; внеси го и светилникот, а стави ги и кандилцата на него;

5 постави го златниот жртвеник за ка­дење пред ковчегот на заветот; и закачи завеса пред влезот во скинијата.

6 Постави го и жртвеникот за жртви сепаленици пред влезот во скинијата;

7 стави го мијалникот меѓу скинијата и жртвеникот, и налеј вода во него;

8 огради го дворот наоколу, и закачи ја завесата на вратата од дворот;

9 па земи масло за помазание, и помажи ја скинијата и сѐ што има во неа: и освети ја неа и сите прина­д­лежности нејзини, па ќе биде света.

10 Помажи го и жртвеникот за жртви сепаленици и сиот прибор негов, па освети го жртвеникот, и жртвеникот ќе стане пресвет.

11 Помажи го и мијалникот, и под­ножјето негово, и освети го.

12 Потоа доведи го пред влезот од скинијата Арон и синовите негови и из­миј ги со вода;

13 облечи го Арон во светите одежди и помажи го и освети го, за да Ми биде свештеник.

14 Доведи ги и синовите негови, и облечи ги во хитони,

15 и помажи ги, како што го помаза таткото нивни, за да Ми бидат свеште­ници; и помазанието нивно ќе ги освети за вечно свештенство во нивните поко­ленија.“


Мојсеј ја поставува скинијата

16 И направи Мојсеј сѐ; како што му заповеда Господ, така направи.

17 Во првиот месец од втората година, во првиот ден во месецот се подигна скинијата.

18 Мојсеј ја подигна скинијата: ги пос­тави подножјата нејзини, ги исправи штиците, ги постави напречниците, и ги исправи столбовите;

19 па ги распна платништата над ски­нијата, а над нив го ставија покривот одозгора, како што му беше заповедал Господ на Мојсеј.

20 И, откако го зеде откровението, го стави во ковчегот, и стави ногалки под ковчегот, па го стави очистилиштето одозгора над ковчегот.

21 Потоа го внесе ковчегот во скинијата, и ја закачи завесата, та го засолни ковчегот на заветот, како што му беше заповедал Господ на Мојсеј.

22 И ја постави трпезата во скинијата на собранието од северната страна на скинијата, пред завесата;

23 потоа постави на неа лебови за принос пред Господ, како што му беше заповедал Господ на Мојсеј.

24 Го намести светилникот во скинијата, спрема трпезата, од јужната страна на скинијата,

25 а ги постави и кандилцата пред Господ, како што му беше заповедал Господ на Мојсеј.

26 Го постави златниот жртвеник во скинијата, пред завесата,

27 и стави на него да гори мирисно кадиво, како што му беше заповедал Господ на Мојсеј.

28 Ја закачи завесата пред влезот во скинијата;

29 потоа го постави и жртвеникот за жртви сепаленици при влезот во скинијата, и принесе на него жртва сепаленица, и лебен принос, како што му беше заповедал Господ на Мојсеј.

30 Го намести и мијалникот меѓу скинијата и жртвеникот, и налеа во него вода за миење;

31 и од него Мојсеј и Арон и синовите негови си ги миеја рацете свои и нозете свои;

32 а ги миеја кога влегуваа во скинијата на собранието и кога пристапуваа кон жртвеникот (да служат), како што му беше заповедал Господ на Мојсеј.

33 Го огради и дворот околу скинијата и жртвеникот, и ја стави завесата на влезната врата од дворот. Така ја доврши Мојсеј сета работа.


Славата Господова ја исполнува скинијата

34 Тогаш облак ја покри скинијата на собранието и се исполни скинијата со слава Господова;

35 и Мојсеј не можеше да влезе во скинијата, зашто облакот го засенуваше, и славата Господова ја исполнуваше скинијата.

36 И секогаш кога се креваше облакот од скинијата, тогаш синовите израилски поаѓаа на пат;

37 а кога не се креваше облакот, тогаш ни тие не поаѓаа сѐ до денот, кога ќе се кренеше,

38 зашто облакот Господов стоеше над скинијата дење, а ноќе во облакот се појавуваше оган пред очите на целиот дом Израилев, при сите нивни патувања.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy