Online Bible

- Reklamy -

Исход 38 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Жртвеникот и бакарниот мијалник

1 И направи од дрвото шитим жртвеник за жртви сепаленици; пет лакти долг и пет лакти широк, четириаголен, три лакти висок;

2 а направи и рогови на неговите четири агли, така што роговите да излегуваат од него, и го опкова со бакар.

3 И го направи сиот прибор за жртве­никот: котлите, лопатчињата, потири­те, вилушките и кадилниците; сиот прибор го направи од бакар.

4 А на жртвеникот му направи решет­ка од бакар како мрежа, од дното па до средината, наоколу;

5 и излеа четири алки за четирите агли на решетката од бакар, за да се провлечат низ нив лостови за носење.

6 А лостовите ги направи од дрвото шитим и ги опкова со бакар.

7 Па ги провлече лостовите низ алки­те од обете страни на жртвеникот, за да може да се носи; од штици го направи, празен однатре.

8 Направи и мијалник од бакар и подножје од бакар со убави шарки, кои го красеа влезот на скинијата.


Завесите на дворот

9 И двор направи од јужната страна, а завесите му беа од пресукан лен, по сто лакти долги;

10 дваесет столбови за нив, и дваесет подножја под нив од бакар; а кукичките за столбовите и обрачите нивни беа од сребро.

11 Така и од северната страна – завеси од сто лакти; столбови за нив дваесет и подножја под нив од бакар дваесет; а и кукичките за столбовите и обрачите нивни од сребро.

12 А од западната страна завеси од педесет лакти: десет столбови за нив, и подножја – десет; кукичките за столбовите и обрачите нивни од сребро;

13 и од источната страна, завеси од педесет лакти.

14 За едната страна на вратата завеси од петнаесет лакти, три столбови за нив и три подножја под нив;

15 и за другата страна завеси од петнаесет лакти, три столба за нив, и подножја под нив – три.

16 Сите завеси на дворот наоколу беа од пресукан лен,

17 а подножјата на столбовите – од бакар, кукичките за столбовите и обра­чите на нив – од сребро; и врвовите нивни беа со сребро обложени; и сите столбови на дворот беа со сребрени обрачи поврзани.

18 А завесата на вратата од дворот – везена – од сина, пурпурна и црвена волна и од пресукан лен, долга дваесет лакти, а во висина по целата ширина пет лакти, како и другите завеси во дворот;

19 и четири столба за неа, и четири подножја под нив од бакар; кукичките им беа од сребро, врвовите нивни по­сребрени, а и обрачите нивни беа од сребро.

20 Сите колчиња околу скинијата и дворот беа од бакар.


Изработките за скинијата

21 Ете, тоа се изработките за скинијата на собранието, направени по заповедта на Мојсеј од левитите, а под надзор на свештеникот Итамар, син на Арон.

22 А сѐ она како што му заповеда Господ на Мојсеј, го направи Веселеил, син на Уриј, синот Оров, од племето Јудино.

23 И со него Охолијав, синот Ахисама­хов, од племето Даново, резбар, вешт ткајач и везач на сина, пурпурна и црвена и ленена ткаенина.

24 Сето злато, што беше употребено за сиот прибор на светилиштето, злато, принесено на дар, беше дваесет и девет кикари и седумстотини и триесет шеке­ли, свештени шекели;

25 а среброто преброено од дародавците – сто кикари и илјада седумстотини седумдесет и пет шекели, свеш­тени шекели.

26 По половина шекел од човек, пресметано според свештениот шекел, од секој што доаѓа на пребројување, од дваесет години и нагоре, од шестотини и три илјади петстотини и педесет души.

27 Сто кикари сребро беа употребени за лиење на подножјата за светилиш­тето и подножјата за завесите; сто подножја од сто кикари, по кикар на подножје;

28 а од илјада седумстотини седумдесет и петте шекели тој направи кукич­ки за столбовите и опков за врвовите нивни, а направи и обрачи за нив.

29 А од принесениот дар во бакар имаше седумдесет кикари, и две илјади и четиристотини шекели;

30 и од него ги направи тој подножјата за влезот во скинијата, и жртвеникот од бакар како и решетката од бакар за него, и сиот прибор за жртвеникот;

31 подножјата за целиот двор наоколу, подножјата за вратата на дворот, и сите колчиња за скинијата и сите колчиња за дворот наоколу.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy