Online Bible

- Reklamy -

Исход 32 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Израил го нарушува заветот со Бога Златното теле

1 А народот, кога виде дека Мојсеј долго време не слегува од планината, се собра пред Арон, и му рече: „Стани и направи ни бог што ќе оди пред нас, зашто не знаеме што се случи со оној човек – со Мојсеј, кој нѐ изведе од земјата египетска.“

2 Арон им рече: „Извадете ги златните обетки од ушите на вашите жени, синовите ваши и ќерките ваши, и донесете ми ги!“

3 И сиот народ ги извади златните обет­ки, што им беа на ушите, и му ги донесоа на Арон.

4 А тој, откако ги зеде од рацете нивни, ги растопи во калапи и од нив излеа теле. И рекоа: „Еве го, Израиле, твојот бог, кој те изведе од земјата еги­петска.“

5 А кога го виде тоа Арон, направи жртвеник спроти него, и изјави и рече: „Утре е празник на Господ.“

6 Утредента, станувајќи рано, принесоа жртви сепаленици и жртви за спасение; и испоседна народот, та јадеа и пиеја, и потоа станаа да играат.

7 И му рече Господ на Мојсеј: „Оди поскоро и слези долу, зашто народот твој, кого го изведе од земјата египет­ска, појде по пат на беззаконие.

8 Брзо се отклонија од патот, што им го определив; си направија теле, и му се поклонија, па му принесоа жртви, и рекоа: ‚Еве го, Израиле, твојот бог што те изведе од земјата египетска.‘“

9 И му рече Господ на Мојсеј: „Гледам дека оној народ е тврдоглав,

10 но сега остави да се разгори гневот Мој против нив и да ги истребам, а од тебе ќе направам голем народ.“

11 А Мојсеј, се помоли пред Господ Бог, и рече: „Зошто се разгорува, Господи, гневот Твој против народот Твој, кого го изведе од земјата египет­ска со сила голема и рака цврста?

12 Зошто Египќаните да зборуваат и да речат: ‚За зло ги изведе, за да ги убие по планините и да ги истреби од земјата?‘ Нека се смири Твојот силен гнев и немој да го погубуваш народот Твој.

13 Сети се на Авраам, Исак, Израил (Јаков), слугите Твои, на кои им се колнеше, велејќи: ‚Ќе го умножам и преумножам потомството ваше како ѕвездите на небото, и сета оваа земја, за која ви зборував, ќе му ја дадам на по­томството ваше; вечно ќе ја владеат.‘“

14 И Господ се смилува и не му направи зло на народот Свој, како што беше рекол.

15 Тогаш се врати Мојсеј, слегувајќи од планините; во рацете му беа двете плочи на заветот, испишани од двете страни: и на едната страна и на другата страна беше напишано.

16 Плочите беа Божјо дело, и писмото – Божјо писмо, врежано на плочите.

17 А Исус, кога го чу гласот на народот што викаше, му рече на Мојсеј: „Борбен повик е во логорот.“

18 Но тој одговори: „Не е тоа вик на победници, ниту, пак, пискот на победени; туку слушам глас на луѓе кои пеат.“

19 А кога се приближи до логорот и го виде телето и игрите, се разгневи Мој­сеј: па ги фрли од рацете свои обете пло­чи, и ги скрши во подножјето на планината.

20 Потоа го зеде телето, што го беа направиле, и го изгори во оган и го претвори во прав, а правта ја истури во водата, и им даде од неа да пијат си­новите на Израил.

21 И му рече Мојсеј на Арон: „Што ти направи овој народ, та го наведе на толку голем грев?“

22 А Арон му рече: „Не гневи се, господаре мој; ти самиот знаеш дека овој народ му е наклонет на злото.

23 Тие ми рекоа: ‚Направи ни бог што ќе оди пред нас; бидејќи не знаеме што стана со Мојсеј, со човекот кој нѐ изведе од земјата египетска.‘

24 А јас им реков: ‚Кој има злато, нека го извади од себе.‘ И го извадија и го донесоа, а јас го фрлив во оган, и го излеав ова теле.“


Казната

25 Кога виде Мојсеј дека тој народ станал необуздан – бидејќи Арон беше допуштил да падне во необузданост, пред очите на нивните непријатели,

26 застана Мојсеј на вратата од логорот, и рече: „Кој е Господов, нека дојде кај мене!“ И се собраа кај него сите синови Левиеви.

27 И тој им рече: „Еве што вели Господ, Бог на Израил: опашете го се­кој својот меч на бедрото свое, и појдете по логорот, па тргнете од врата на врата и обратно, и секој нека го убие братот свој, ближниот свој и соседот свој.“

28 И постапија синовите Левиеви спо­ред заповедта Мојсеева: и во тој ден изгина народ до три илјади души.

29 И Мојсеј им рече: „Денес Му ги посветивте рацете свои на Господ за служба: кој на синот свој, кој на братот свој, за да ви даде денес благослов.“


Мојсеј Го моли Бога да мупрости на Израил

30 А утредента Мојсеј му рече на на­ро­дот: „Направивте голем грев; и сега ќе појдам горе кај Бога, за да молам да ви се прости вашиот грев.“

31 И се врати Мојсеј кај Господ, и рече: „О, Господи, овој народ направи голем грев, бидејќи си направи бог од злато.

32 И сега прости им го гревот нивни; ако ли, пак, не, тогаш избриши ме и мене од книгата Твоја, во која си ме запишал.“

33 А Господ му рече на Мојсеј: „Оној, што згрешил пред Мене, него ќе го избришам од книгата Моја.

34 Но сега оди, и поведи го тој народ во местото, каде што ти реков. Еве, Мојот ангел ќе оди пред тебе, а кога ќе ги посетам, на нив ќе го навртам гревот нивен.“

35 И го казни Господ народот, за направеното теле што го излеа Арон.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy