Online Bible

- Reklamy -

Исход 31 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Градителите на скинијата

1 И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:

2 „Ете, го определив по име Веселеил, син на Уриј, синот на Ор, од племето Јудино;

3 и го исполнив со Духот Божји, со мудрост, разум, знаење и секаква умеш­ност;

4 да работи со злато, сребро и бакар; (со сина, пурпурна и црвена волна и со испреден висон);

5 да реже камења, да прави дрвени изработки, за секакви потреби.

6 И, ете, му го дадов за помошник Охолијав, синот на Ахисамах, од племето Даново; и на сите способни луѓе им дадов разум да се потрудат да направат сѐ како што ти заповедав:

7 скинијата, и ковчегот на заветот, и очистилиштето над него, и сиот прибор во скинијата;

8 и трпезата со сите нејзини принад­лежности, и светилникот од чисто злато со сите делови негови, и кадилниот жртвеник;

9 жртвеникот за жртви сепаленици со сиот негов прибор, и мијалникот и подножјето негово;

10 и одеждите на Арон за служење и одеждите на синовите Аронови, со кои ќе ми свештенодејствуваат;

11 и маслото за помазание, и кадивото благопријатно за светилиштето – сѐ нека направат така, како што ти заповедав.“


Празнување на саботата

12 И пак му рече Господ на Мојсеј, велејќи:

13 „Кажи им на синовите на Израил така: пазете ги саботите Мои, зашто тоа е знак меѓу Мене и вас од колено до колено, за да знаете дека Јас сум Господ, Кој ве осветува.

14 Пазете ја саботата, бидејќи таа е света за вас: кој ќе ја оскверни, да се погуби. Секој, кој ќе врши некаква ра­бо­та во тој ден, таа душа нека се истреби од народот свој.

15 Шест дена нека се работи; а седми­от ден е сабота, ден за одмор, посветен на Господ: секој, кој ќе работи во саботен ден, нека се предаде на смрт.

16 Затоа синовите израилски нека ги пазат саботите, празнувајќи ги во родовите свои како вечен завет.

17 Тоа е знак меѓу Мене и синовите на Израил довека; зашто во шест дена ги создаде Господ небото и земјата, а во седмиот ден си отпочина и се одмори.“

18 И кога Бог престана да зборува со Мојсеј на Планината Синајска, му ги даде двете плочи на заветот – камени плочи, напишани со прст Божји.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy