Исход 3 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)1 Мојсеј го пасеше стадото на Јотор, тестот свој, свештеникот мидјански. Еднаш го одведе стадото далеку во пустината и дојде до Божјата планина Хорив. 2 И му се јави ангел Господов во огнен пламен од средината на една грмушка. И виде тој, а тоа грмушката гори со оган, а не изгорува. 3 И Мојсеј рече: „Да појдам да го видам ова чудо, зошто грмушката не изгорува?“ 4 А кога Господ виде дека тој доаѓа да види, извика Господ од грмушката и рече: „Мојсеј, Мојсеј!“ А тој одговори: „Еве ме, Господи!“ 5 А Тој рече: „Не приоѓај ваму. Собуј си ги обувките од нозете, зашто ова место, на кое стоиш, е света земја.“ 6 И му рече: „Јас сум Бог на таткото твој, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.“ А Мојсеј го закри лицето свое, зашто се плашеше да погледне во Бога. 7 И Господ му рече (на Мојсеј): „Ги видов страдањата на народот Мој во Египет, и го чув пискотот негов од надзорниците. Позната ми е маката негова. 8 Па слегов да го избавам од рацете египетски, и да го изведам од таа земја и да го воведам во земја добра и пространа, во земја, каде што тече мед и млеко, во земјата на Хананците, Хитијците, Аморејците, Перизијците, Евејците и Јевусијците. 9 И еве, сега викотот на израилските синови стигна до Мене, и Јас го видов гнетот, со кој ги мачат Египќаните. 10 А сега појди – Јас те испраќам кај фараонот, (египетскиот цар,) за да го изведеш од Египет народот Мој, синовите израилски.“ Бог му го открива Своето имена Мојсеј 11 Мојсеј, пак, Му проговори на Бога: „Кој сум јас, та да одам кај фараонот, и да ги изведам синовите на Израил од земјата египетска?“ 12 А Тој рече: „Јас ќе бидам со тебе, и еве ти знак дека Јас сум те испратил: Кога ќе го изведеш народот од Египет, ќе Му служите на Бога на оваа планина.“ 13 А Мојсеј Му рече на Бога: „Еве, ќе појдам кај синовите израилски и ќе им речам: ‚Бог на татковците ваши ме испраќа кај вас.‘ И ако тие ме прашаат: ‚како Му е името‘, што ќе им речам тогаш?“ 14 Бог му одговори на Мојсеј, велејќи: „Јас сум Оној, Кој вечно постои!“ Па продолжи: „Така ќе им кажеш на синовите израилски: ‚Оној, Кој вечно постои, ме испрати кај вас.‘“ 15 И пак му рече Бог на Мојсеј: „Вака кажи им на синовите израилски: ‚Господ Бог на татковците наши, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов ме испрати кај вас. Ете тоа е името Мое вечно, и тоа е споменот за Мене од колено на колено.‘ 16 Оди и собери ги израилските старешини, и кажи им: Господ, Бог на татковците ваши, ми се јави, Бог Авраамов, (Бог) Исаков и (Бог) Јаковов, и ми рече: ‚Ве посетив и видов што ви се прави во Египет.‘ 17 И реков: ‚Ќе ве изведам од маките египетски во земјата на Хананците, Хитијците, Аморејците, Перизијците, (Гергесејците,) Евејците, и Јевусијците, во земја каде што тече мед и млеко!‘ 18 И тие ќе го послушаат гласот твој; а ќе отидеш ти и израилските старешини кај (фараонот,) царот египетски, и ќе му речете: ‚Господ, Бог на Евреите, нѐ повика да појдеме на три дена пат во пустината, за да Му принесеме жртва на Господ, нашиот Бог.‘ 19 А Јас знам дека (фараонот,) царот египетски нема да ви дозволи да излезете, ако не го натера силна рака. 20 Но ќе ја пружам раката Своја, и ќе го притиснам Египет со сите Мои чудеса, што ќе ги направам таму; потоа ќе ве пушти. 21 И ќе му дадам милост на овој народ кај Египќаните, така што, кога ќе појдете, нема да појдете со празни раце. 22 Туку секоја жена нека побара од сосетката своја и од онаа што живее во домот нејзин сребрени и златни предмети и облека; и ќе ги украсите со нив синовите ваши и ќерките ваши, и така ќе го ограбите Египет.“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society