Исход 11 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)Објавување на последната казна 1 Пак му рече Господ на Мојсеј: „Уште едно зло ќе пратам над фараонот и над Египет, па тогаш ќе ве пушти оттука; и кога ќе ве пушти, просто ќе ве истера оттука. 2 А сега кажи му на народот (тајно): секој човек нека побара од соседот свој и секоја жена од сосетката своја сребрени и златни предмети.“ 3 И даде Господ народот да најде благонаклоност кај Египќаните (и му дадоа); а и самиот Мојсеј беше многу голем човек во египетската земја, во очите (на фараонот и) на слугите фараонови и пред народот. 4 И рече Мојсеј: „Вака вели Господ: ‚На полноќ ќе поминам низ Египет, 5 и ќе умре секој првороден во земјата египетска, од првородениот син фараонов, кој треба да седне на престолот негов, до првородениот син на слугинката, која се наоѓа во воденицата, и првородениот добиток. 6 И ќе настане голем пискот по целата египетска земја, каков што досега немало, ниту некогаш ќе го има. 7 А кај синовите на Израил нигде нема ни куче да залае со својот јазик, ниту против човек, ниту против животно, за да се види каква разлика прави Господ меѓу Израилците и Египќаните.‘ 8 Па ќе дојдат сите тие слуги твои кај мене, и ќе ми се поклонат, велејќи: ‚Оди си и ти и целиот твој народ, што го водиш со тебе.‘ И тогаш ќе излезам.“ И си излезе Мојсеј разгневен. 9 А Господ му рече на Мојсеј: „Нема да ве послуша фараонот, за да се умножат чудата Мои во земјата египетска.“ 10 Мојсеј и Арон ги направија сите овие чуда пред фараонот, но Господ му го ожесточи срцето на фараонот, и тој не ги пушти синовите израилски од својата земја. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society